Првомајски стахановизам

Russian_1_May_Poster_1920Антрополошкиот филозофски себевглед радикално посведочува дека првомајската прослава на феноменот на трудот, честувањето на работата и моралното овреднување на трудољубието е комплетно схизофрена идеолошка и антислободарска перверзија. Чествувањето на нешто така ужасно како “трудот и работата” не закотвува во нималку наивен фуко-овски режим за стабилизација на покорноста. Втурнувањето во “неприкосновеноста” на марксијанската аксиома за трудотворството како антрополошка диференцијална специфика на човекот (читај; работата го создала човекот), не е ништо друго освен идејна стапица и наративна стратегија која дава легитимитет и трансцедентна смисла на општествената стварност која е комплетно о-стварена како детерминирана работоманија, трудонужност и хиперделовна хистерија. Работата не само што не го содава човекот, туку, напротив, го од-човечува, го расприродува до немерна непрепознатливост и потиштена (себе)прифатливост како битие-во-труд. Македонскиот јазик е немилосрден показател на оваа стојалиште. Имено, македонскиот збор “работа” во својата етимологија го има старословенското “раб” што значи ”слуга/роб”. Па оттука старословенското и литургиско: го венчавам работ божји, и изведенките: заробен, поробување, ро(б)пство итн. [РАБЪ (слуга) – РАБОТА (слугинство)]

Оваа марксијанаска наративна стратегија како антрополошки дискурс за оправдување на перзистенцијата на економското устројување ја нарекуваме  стахановизам. (алузија на А. Стаханов герој труда СССР со југословенскиот еквивалент во рударот од Босна насликан на банкнотата од 20 000 динари со иронично име Сиротановиќ). Па затоа, првомајската прослава, денувањето на трудот, востоличувањето на славата кон и за Чикашкиот штрајк се вушност стахановистички апологии на устројување кое не се предизвикува, не се превреднува, не се преиспитува, не се рефлектира мисловно, не се преобразува, не се спори, не се толкува и не се менува. Како би го превреднувал она кое го чествуваш? Како би го укинал она кое го славиш? Како би го предизвикал она кон кое си идолопоклоник? Најверојатно, никако.

Марксијанската антропологија на трудотворството како одговор за каквоста, штоството и којството на човекот е комплетно реакционерен дискурс кој одвлекува од поривот за финална еманципација на човековата слобода. Празнувањето на 1 мај и стахановизмот поеднакво придонесуваат кон заборавот дека човекот е homo ludens. Суштество предодредено за игра и слобода. Слободата се манифестира во своето полно акме само и исклучиво во играта.

images (1) Холандскиот историчари културолог Johan Huizinga во маестралната Homo Ludens од 1938 фактографски исцрпни го предочи тоа што Ф. Шилер го загатна пред него. Имено, човекот е суштество кое има способност да се игра или да игра, поточно независно од секоја можност и полза, спонтано да ја манифестира својата духовна и физичка енергија. Оваа човекова способност за игра е основа на уметноста и на културата. Нејзината против тежа е стахановизмот. Нејзината смрт и ништалило е во работата.images

Не само антрополошки, туку и есхатолошки и сотириолошки воочено, анализата посочува дека нема во ниту еден митски, религиски, книжевен или стрипски есхатолошки систем, нема во ниту еден систем на идеи за рајски плироматски состојби и градини, нема во нидедна идеологија за спасението, таква финална задгробна состојба на успение во која се оди на работа или се работи. Трудот го нема во рајот. Напротив, поплочен е во пеколот покрај останатите маки. Во многу митски и литературни претстави на пеколот, тој е работна организација. На пр. кај Тицијано Склави во Дилан Дог еден од пеколите е бироктартска вечна деловна сфера на вработени сизифоидни административци.

downloadЕден од ретките подзаборавени филозофи кој упатува на овој слободарски радикализам, а на кој е време да се потсетиме е токму Боб Блек со The Abolition of Work and Other Essays од 1986 тата. Неговата филозофија се нарекува лудизам. Коцепт кој одговара и на лат. лудус=игра и на нашево луд=лудост.

Во неговите есеи вели: “Работата е извор на сите невољи во светот. Рачиси сите зла кој можете да ги наброите имаат свои извор во работата или во фактот дека живееме во свет кој е дизајниран за работа. За да се елиминира ова страдање, мораме да ја укинеме работата.”

Либералите велат дека би требало да ја укинеме дискриминацијата за вработување и дискриминацијата на работното место. Јас велам дека треба да ја укинеме работата.
Конзервативците ги поддржуваат законите за правото на работа. На ист начин како тврдоглавиот зет на Маркс, Пол Лафарг, јас го поддржувам правото на мрзливост.
Левичарите се за целосна вработеност, а јас, исто како и надреалистите, само што јас сум сериозен, сум за целосна невработеност.” (The Abolition of Work)download (1)

Симптоматично, Боб Блек е етимограм на Караџа Бошко. Боб е Бошко нагалено, а Кара е црно. 🙂

Во 2005 се појави една интересен филозофски текст во оваа насока со наслов How To Be Idle (Како да мрзољубиш/легачиш: прирачник за безделници) од лабавољубивиот Tom Hodgkinson (Том Хочкинсон) воскреснувач на филозфијата на мрзата.Оваа популарна книга е неверојатна филозфска апологија на лежењето, легачењето, мрзоволноста, невртката и безделничарењето напишана на темелот мрзољубните созерцанија на големите “лењавци”: Ленон, Оскар Вајлд, Артур Конан Дојл, Декарт, Бенјамин и др. Филозофската промисла на невртката е кросничеанска артикулација на вољата за правење ништо.

how-to-be-idleФилозофијата на мрзоволноста уверува дека лежењето во кревет како состојба на будност не е себично себеугодување, тука есенцијална алатка за истражување на уметноста на живеењето. Мрзоволноста како мрзоманија на Декарт е след на картезијанскиот дуалитет. За него лежењето во кревет до 16 00 чласот попладне е човечка суштина. Лежам значи мислам, па след тоа и постојам. За жал, Кристина го скорна од кревет и го уби.

Сведочат и вдахнуваат на оваа филозофија корифеиите на доколичарењето и невртката. Од Џон Ленон како парадокс на еден продуктивен под-сенк(а)о-легач и лежач кој ја деконструираше “доблесноста” на трудовата дејност со величенствениот изведбен акт на славното и херојско неврткање кога заедно со Јоко Оно перформативно лежеа во креветот недела дена и не правеа ништо поради мирот во светот. Оваа инсталација со порака на врхосходна политичка мрзоволност и демонстрација на кросничеанската волја за ништо имаше свој неверојатен ефект и влијание кај Џор Страмер и неговите The Clash, кај Пит Доерти од The Libertines – попознат како дечкото сошмркаш на Кејт Мос и кај останатите построк пројави во Британија. Преку прогласот на Оскар Вајлд дека уметноста е скандал за вознемирување на монотонијата од сведеноста на човекот на повторлива и предвидлива машина и увереноста на Т. Е Лоренс дека човештвото не напредува поради макотрпноста на трудот. Па се до тајната на Шерлок Холмс – белите перничиња за излежавање.

Затоа, работен народе, уживајте во скарата и виното додека ние мрзоволните созерцатели не го редизајнираме светот и не го устроиме по начелноста на играта и слободата. Дотогаш, како и досега пркосете и славете ја невртката. Не замерувајте ако стахаовистите ве укоруваат зошто не сте на улиците. Тие го бранат правото на работа, а ние го браните правото на мрзливост. 🙂

П.С. Првомајскиот излет е идолошки превземена, реинтерпретирана и инкорпорирана ѓурѓовденската традиција на 6-мајското посетување и поседување на/во природата во чест на започнувањето на летната половина на стопанската година и во слава на пролетната влага и плодородието.

Leave a comment