Минархистичката слобода и (ре)дистрибутивната правда: кон етичките премиси на Нозиковиот анархизам

Доц. д-р Бошко Караџов[1]

 

Минархистичката слобода и (ре)дистрибутивната правда: кон етичките премиси на Нозиковиот анархизам[2]

 

Апстракт

 

download-2Во ова статија ќе се сосредоточиме на политичката филозофија на Роберт Нозик (Robert Nozick) и неговата интелектуално вознемирувачка приказна за еден роб од култната книга Анархија, држава и утопија. Низ неговата критичка теорија за дистрибутивната прадва и т.н. Wilt Chamberlain Argument ќе се обидеме да ја промислиме и вреднуваме можноста и оправданоста на минархистичкиот концепт на слободата. Од друга страна, ќе се фокусирам на моралниот  аспект од неговиот мисловен експеримент, нормиран во финалната реченица од неговиот  политичко-утописки декалог:  from each as they choose, to each as they are chosen. Сѐ со цел критички да ја рефлектираме етичката сила на слободата во минималната држава.

Клучни зборови: држава, мининална држава, слобода, минархија, утопија, дистрибутивна правда, теорија на праведност, (пре)распределба, либертаријанизам, социјал-демократија, десен анархизам, анархо-капитализам итн.

Научната статија е доработен и прилагоден текст на научниот реферат со наслов Нозиковото прашање и сказната за еден роб: пролегомена за минархистичката слобода и дистрибутивната правда приложен на Научниот симпозиум “Слободата и современоста” во организација на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет и Филозофското друштво на Македонија. (17 и 18.11.2016)

Вовед

“…sloboda nije podmetanje ideološki zakržljale forme

sloboda nije pometanje ideološki bilo kakve norme

sloboda nije jednostavan domaći zadatak

ona je svijest o skladu nesklada nesavršenih ljudi

sloboda je žena

uzmi je

 – Džoni Štulic (Azra)

 

“Freedom – to want nothing, to expect nothing, to depend on nothing” Доминике Франкони во The Fountainhead на Ayn Rend

download-1Роберт Нозик (Robert Nozick)[3] со неговата, денес веќе култна студија, Анархија, држава и утопија[4] во корен го смени начинот на кој дотогаш се промислуваше политичката филозофија. И тоа не поради скандалозната доследност на неговите радикални позиции, туку и најмногу, поради тоа што во политичката филозофија ги примени техниките на аналитичката филозофија, ползувајќи разорни контра-примери и бизарни мисловни експерименти. Нозик, скоро целиот свој професионален живот се занимаваше со епистемологија. На Принстон докторираше под менторство на стариот Карал Хемпел. Беше неворојатно заљубен во логичките загатки, велат бил и нанадмилив во живата дебата и шармантно склон кон создавање опустошувачки аргументи, дури и против самиот себе си[5]. Меѓутоа неговите истражувања во областа на применетата логика и општата теорија на рационалноста[6] останаа во сенка на Анархија, држава и утопија, која наредната 1975 година, ја доби престижната U.S. National Book Award во категорија: филозофија и религија. Оваа книга претставува највитална морална критика на редиструбутивните модели на социјалната правда и највешта апологија на пазарните слободи. Либертаријанската политичка филозофија и нејзините аксиоматски премиси дека: 1) слободниот пазар по природа е праведен и дека 2) економската слобода е нужен предуслов за зачувување на граѓанските и политички слободи, во филозофијата на Нозик добиваат метаетичка квантификација, комплетно спротивна на идеолошкиот морализам во идејата за дистрибутивната правда.

Нозиковото прашање и сказната за еден роб

 

Пред да ја разложиме и вреднуваме моралната сила на минархистичката слобода ќе го поставиме неговото интелектуално вознемирувачкo прашање од мисловениот експеримент кој го изложи во форма на приповетка наречена: Приказна за еден роб. Приповетката има девет фази, а предуслов да ја прочитате е да си замислите дека токму Вие се робот во приказната:

Прва фаза: замислете си дека навистна Вие сте роб. Слуга и сопственост на ужасно свиреп и брутален господар кој со сила и телесна казна Ве приморува да работите за него. Ве буди среде ноќ и Ве камшикува, секогаш кога ќе посака.

Втота фаза: замислете си дека на Вашиот Господар малку му се стоплило срцето и сега Ве камшикува, казнува, тепа и брутално се изживува врз Вас само доколку прекршите некое од воспоставените правила (на пр. не ја исполните работната квота или го прекршите рокот за извршување на работата). Срцето толку му омекнало, што замислете си, Ви дава и малку слободно време да си посветите себе си.

Трета фаза: замислте си дека сте и дел од една поголема група робови; поданици и слуги на истиот тој Господар, и тој врз основа на одреден принцип кој е прифатлив за сите Вас, одлучува како ќе ги распредели добрата, земајќи ги предвид вашите потреби и заслуги.

Четврта фаза: замислете си дека срцето на Господарот омекнало уште малку и сега Ви дава и време да одморите. Напорно сте работеле за него три дена во неделата, па останатите четири Ви ги подарува и остава да бидат Ваши да правите што Ви душата милува.

Петта фаза: замислете си сега дека Господарот на своите робови, меѓу кој сте и Вие, им дозволил да го напуштат и да одат во блискиот град. И, наместо кај него, да работат каде сакаат и да си заработуваат сами. Меѓутоа, предуслов за оваа великодушност на Господарот е да му предадете 3/7-ни од заработката, токму во името на оние три дена седмично во кои сте работеле за него. Од друга страна, замислете си, Господарот си го задржува правото да Ве повика назад во негова служба, доколку се јави некоја вонредна ситуација или војна. И дополнително, Господарот си го задржува правото да го зголеми или намали Вашиот дел од заработката на кој тој полага право и треба да му се предаде. Исто така, забранува и некој опасни активности на своите робови кои можат да го загрозат неговиот приход. (алпинизам, банџи џампинг, пушење цигари, алкохол и сл. )

Шеста фаза: замислете си, еве да речеме сите 10 000 робови од Вашата група добиваат од Господарот право на глас, освен Вие,  т.е право да донесат заедничка одлука или право сами да одлучат: што во нивната заедница ќе Ви дозволат, а што ќе ви забранат и сл. Исто така, Господарот им дава право да одлучат колкав дел од вашата заработка ќе ви се одземе, и секако, за што таа ќе се искористи. Замислете сега дека Господарот така се договорил со вас 10 000 робови да во Договорот пишува дека овој милосреден акт на доброволен пренос на правото на глас и некаква форма на власт не може да се повлече. Тоа значи дека Вие сега имате 10 000 господари место 1 или подобро 1 господар со 10 000 глави. Можеби тие 10 000 ќе бида по љубезни од едниот од почетокот кој ве тепаше, но сепак се Ваши господари.

Седма фаза: замислете си дека и во оваа фаза сеуште немате право на глас, но можете или Ви е дозволено да дискутирате со 10 000 други луѓе и да ги убедувате и уверувате да донесат одлуки или да изгласаат насоки кои на некој начин Ве засегаат Вас. Така тие одат на гласање во една куќа, специјално конструирана за таа потреба, и гласаат за насоките кои покриваат огромен дел од нивните овластувања.

Осма фаза: замислете си дека како знак на признание на Вашиот општествено-корисен придонес во дискусиите, оние 10 000 луѓе Ви  дозволиле и Вие да гласате. Но, ако и само ако за некое прашање се 5000 наспроти 5000, па така, Вашиот глас решаваат да се чува во коверт и да важи ако и само ако при гласањето излезе нерешено. Но, нерешено, никогаш не излегло. И Вашиот коверт никогаш не го отвараат.

И девета фаза: замислете си како имате право на глас. Вашиот глас веќе не се чува во плико. Напротив, се става во гласачката кутија заедно со нивните гласови. Но, како и во претходната фаза, доколку се изедначени во гласовите, Вашиот глас можеби и може да пресуди и одлучи. Во секоја спротивна ситуација, тој воопшто не влијае на исходот.[7]

Нозик на крај од приказната нѐ повикува да си го поставиме следново прашање: во која фаза од еден до девет оваа приповетка стана нешто друго освен сказна за еден роб?  Поточно; во која фаза сказната престана да биде сказна за еден роб? Овој мисловен експеримент нѐ принудува да ги преиспитаме сите наши сознанија за природата на данокот, функцијата на државата и власта и вредноста на слободата. Ова Нозиково прашање буди неверојатно жив скептицизам спрема секоја форма на етатизам, колективизам и државна пропаганда, па затоа, Нозиковото прашање скоро и никогаш и не се поставува.

 

Минимална држава: анархија и минархија

 

Нозик, веднаш на почетокот од неговата Анархија, држава и утопија ja  поставува својата минархистичка поиција:

images-1Минималната држава ограничена на тесни функции на заштита од насилство, грабеж, измама и непочитување на договореното е оправдана. Но, секоја поширока држава, воопшто не е оправдана затоа што го нарушува правото на личноста да не биде присилена да чини и прави извесни нешта. Минималната држава е праведна и инспиративна. Двете важни импликации на кажаното се: државата не смее да се послужи со својот апарат на присила за да ги примора едни граѓани да помогнат на други, ниту да им забрани било какви активности на луѓето кои се за нивното сопствено добро или заштита. [8]

Гледано низ призмата на историјата политичката филозофија, веданаш се воочува дека Нозик ја гради својата концепција на темелот на Кантовиот етички императив во кој човекот е средство, а не цел и врз основа на теоријата за природните права на Џон Лок.  Имено, Имануел Кант во Критиката на практичниот ум[9] заговараше врвна морална автономија на личноста изразена во заповетта: “Постапувај така да човештвото, како во својата личност, така и во личноста на секој друг, ти биде секогаш цел, а никогаш само средство.”[10] Додека пак, Џон Лок во Двете расправи за владата[11] меѓу првите уверуваше во политичката оправданост на: 1)природната состојба “на совршена слобода и еднаквост на човекот да постапува како што сака, да се располага со себе и сопствениот имот, како што ќе најде за згодно, без да бара дозвола или да зависи од кој и да е друг човек”[12] и на 2)природниот закон во кој “никој не смее да им наштети на животот, здравјето, слободата или сопственоста на другиот”.[13]

Џон Лок и Нозик безусловно веруваат дека човекот не треба да се откаже од правата и привилегиите во природната состојба и моралната сила на природниот закон, ниту да се откаже од неговата легитимна одбрана. Меѓутоа, како предупредува Лок, ретрибутивната правда во природната состојба е компромитирана бидејќи: а) за повеќето луѓе природниот закон е неразбирлив и непоимлив, б) отсутствува неутралната инстанца што може да пресуди во оние ситуации во кои спротиставените на можат да се согласат и в) оштетената страна во условите на природниот закон не е секогаш доволно силна за да ја изврши правдата, поточно да го реализира самиот природен закон. Затоа, вели Лок: “луѓето бргу ги согледуваат лошите услови во кои се наоѓаат при природната состојба и неоткажувајќи се од привилегииите на таа природна состојба, преминуваат во организирано општество”.[14] Поточно, се појавува државата која е нужна и неопходна за оштетената страна да го реализира природниот закон и да општествува во природната состојба. Оттука, за Лок државата е последица на општествениот договор која треба да обезбеди животот, здравјето, слободата и сопственоста на поединецот.  Локовски кажано, народот ги поседува правата, а владата должностите. Државата е извршител со одредени тесни должности, секогаш предефинирани од интересот на корисникот т.е. народот.

Нозик ја препознава силата на оваа теоретска позиција за државата како употребен апарат, па затоа овој модел на night-watchman state[15] е всушност и неговата почетна позиција дека минималната држава е максимумот кој е дозволен и морално прифатлив. Позиција која ја поткрепува низ цела Анархија, држава и утопија со summum bonum аргументациска стратегија. Поточно, неговиот севкупна аргументација подразбира катахрезичко преозначување на забелешката дека либертаријанизмот е морално бесчуствителен со  согледбата дека истиот, сосема спротивно, е етички втемелен.

imagesНо, Нозик оди чекор понатаму. Во игра ја вметнува идејата за ултраминимална држава. Во неа правото на живот, безбедност, сопственост и слободен пазар ќе биде гарантирано само за оние што ќе одлучат да ја користат нејзината заштитничка улога. Нозик го брани минархистичкиот концепт, но доследно ја развива теоријата до логичката консеквенца наречена ахархо-капитализмот во која нема држава, туку поединците се договараат со приватни контрактори/компании кои ги обезбедуваат сите социјални сервиси. Нозик уверува дека ахархо-капиталзамот во кој е демонополизирана улогата на државата и предадена на приватни компании неизбежно ќе се трансформира во минархија благодарение на емергенцијата на пазарот на единечна локално доминантна приватна одбрамбена и јуристичка агенција за која секој ќе покаже интерес токму таа да го застапува и да му ги обезбедува социјалните услуги. Па таа ќе буде всушност минималната држава. Како што за марксистите, социјализмот беше преодна фаза кон комунизам. За Нозик, анархо-капитализмот е преодна фаза кон минархизмот.

(Ре)дистрибутивната правда и теоријата на овластување

Анархија, држава и утопија е полемика со условно  кажано “социјал-демократијата” на Џон Ролс и неговата капитална студија Теорија на праведноста која излезе три години пред книгата на Нозик.[16] Нозик говори со стравопочит за Ролс: “по читањето на Теоријата на праведноста на Ролс, имате само две возможни солуции. Или морате да се согласите и однесувате согласно Ролсовата теорија или морате силно да се изнамачите за да аргументирате зошто не сте на Ролсовата позиција”. Идејата на Ролс, а впрочен и идеолошката позиција на социјал-демократијата, е сосредоточена во апологијата на концептот на социјалната правда и социјалната распределба. А тоа, наједноставно значи, социјални гаранции за оние кој најлошо поминале во општествените процеси на хоризонталната и вертикалната подвижност. Во неговата теорија на праведноста има две начела. Првото, секој поединец треба да има право на најширок корпус на еднакви лични слободи кој е сомерлив со сличен корпус на слободи за другите. И, второто, општествените и економските нееднаквости треба да бидат така уредени што би било разумно да се очекува секому да бидат од полза. Што значи второто начело кај Ролс? Да, поединецот мора да ја има најголемата возможно замислена слобода која мора да е совмесна со слободата на другиот. Тука Ролс не отстапува воопшто од класичниот либерализам на Џ. С. Мил и идејата дека границата на мојата слобода е слободата на другиот. Но, за Ролс, богатството во едно опшстество мора да се распределува и прераспределува. И тоа така, според Ролс, држвата мора оние кои се во најлоша економска состојба, оние кои се социјално најранливи и оние кои се губитници во општествено-економските процеси да ги подигнува, со социјални трансфери и социјални пакети, што е можно поблиску до оние општествени групи и поединци на кои им е добро во тоа општество. Овој класичен социјал-демокртарски концепт на Ролс ја носи идејата дека должноста на државата е да ја максимизира благосостојбата на оние членови на општеството кои живеат на социјален минимум.[17]

Ролс звучи доследно на една етички оправдана идеологија на општествениот алтруизам.  Но, тука доаѓаат сега разорната либертаријанската логика на Нозик. Државата не создава богатство. Државата само распределува. Богатството го создаваат поединците. Па затоа, таа нема што да распредели, ако претходно не прибере, таа нема што да даде, ако претходно не одземе. Секако, преку оданочување или преку задолжување кое пак се враќа со ново оданочување на поединците. Какви и имагинативни еуфемизми и креативни кованици да сковаме, колку и да е јазично педантна оваа фискална схоластика лишена од вистинска содржина[18], сите тие, според Нозик и либертаријанската политичка мисла, се во основа присила и принуда. А со тоа и комплетно неморални.

Во што се разликува даночната присила и принуда во својата морална разложност од зазорот кон логорите за принудна работа на Сталин и Хитлер? Процентот на одземенот? По кој метаетички критериум присилното одземање на дел од сопственоста е морално оправдано?[19] Како е тоа е морално праведно, нечие туѓо право да биде моја должност? На опасностите од таква држава со патерналистичката агресија и принуда нѐ предупреди уште Фредерик Бастиа (Frédéric Bastiat) во Законот (The Law 1850)[20] кога присилното оданочување го нарече легален грабеж и предупреди дека кога легалниот  грабеж ќе  стане начин на живот за одредена група луѓе, тиа во името на своите лукративни цели ќе создадат таков правен систем во кои грабежот не само што се овластува, туку му се придава и морален контекст кој го глорификува.[21] Оттука, предуслов на секоја либертаријанска промисла е деконструкцијата на таа морална глорификација.

Wilt Chamberlain Argument

 

Во прилог на својата позиција дека секоја распределба, доколку не е драговолна, е еднаква на присила, Нозик го употребува т.н. Wilt Chamberlain Argument со кој сака да илустрира дека принципот и теоријата на (ре)дистрибутивната правда на Ролс не може да биде трајно остварена без трајно мешање во приватниот живот на поединецот. За да се одржи образецот на Ролс,  некој мора или трајно да се меша како луѓето би ги спречил да пренесуваат ресурси еден на друг согласно нивната воља (фискална прераспределба) или повремено некој да им се меша како на некој луѓе би им ги одземал ресурсите кои другите од некој причини им ги пренеле (револуционерна прераспределба). Примерот на Нозик е следенив: Вил Чебмбрлен беше NBA играч и иконичка спортска фигура во САД во 60-сетите години на минатиот век. Висок 216 сантиметри со воодушевувачка моторика и импозантни атлетски квалитети. Една од најголемите спортски атракции на сите времиња. Нозик вели:

Еве [вашата, ролсовска распределба], која претпоставуваме ви е омилена и сте склони кон неа, да ја наречеме D1. Сега, замислете си Чембрлен го браат сите клубови и тој потпишува договор со Лос Анџелес Лејкерс 25 центи од секој продаден билет да му бидат доделени нему. Сезоната почнува, луѓето весело доаѓаат и секој пат во кутија со неговото има си пуштаат по 25 центи. Тие се согласни, среќни што го  гледаат и ним билетот им е исплатлив. Да претпоставиме дека Чембрлен го гледале 1 000 000 луѓе и заработил 250 000 долари, сума далеку поголема од просечниот приход и примањата на другите играчи. Нозик прашува: дали него му следува овој приход? Дали оваа нова распределба D2 е неправедна? Ако е, зошто е? Сите овие личности свесно и слободно избрале да му распределат на Чембрлен 250 000 долари. Можеле со тие пари да се претплатат на некое списане, но тие одлучиле за Чембрлен и одлучиле да го гледаат како игра кошарка. Ако D1 е праведна распределба зошто луѓето се одлучиле за друга D2 распределба? Ако луѓето имаат слобода да се ослободат од нештата за кои се овластени (под D1), дали тогаш овде спаѓа и нивното овластување да разменуваат со Чембрлен? Во D1 нема ништо што му припаѓа некому, а за што некој друг тврди дека со право му припаѓа. [22]

За Нозик D2 е легитимно бидејќи овој принцип на дистрибуција е во согласност со нашите морални интуиции повеќе од колку редистрибутивниот принцип на Ролс. На забелешката дека Чембрлен треба да плати данок на тие 250 000 долари за да оние со “незаслужени нееднаквости” не умрат од глад, што и е Ролсовска позиција, Нозик одговара дека не е праведно луѓето да страдаат поради “незаслужени нееднаквости”, меѓутоа за него овие социјални “права” бараат материјали, работа и дејства над кои други луѓе имаат права и овластувања над нив. Па затоа, вели, никој нема право на ништо чија реализација бара одредени употреби на работи и дејства врз кои другите луѓе имаат права и овластувања. Поточно, според Нозик не можеме да го оданочиме Чембрлен да плати за оние со “незаслужени нееднаквости” бидејќи тој има апсолутно право на својот приход. Може да ни се чини привлечна идејата за компензирање на “незаслужени нееднаквости”, меѓутоа апсолутното право на Чембрлен е поседица на уште подлабок морален принцип кон кој сме силно обврзани, а тоа самопоседувањето и слободата.

Самопоседувањето за Нозик е изведено од Кантовиот морален инператив во кој човекот е цел сам за себе. За Нозик овој принцип логички нѐ води кон принципот на самопоседување, а самопоседувањето логички нѐ води кон либертаријанизмот како политичка филозофија.  Слободното општество е одраз на слободните луѓе. Слободниот човек е човек кој не е средство, човек кој не може да биде жртвуван или исползуван за постигнување други цели без негова согласност. Ова е последица на филозофија на слободата која се темели на начелото дека самите себе си се поседуваме.  Никој друг, ниту поединец, ниту група, нема право на нашиот живот. Ниту пак ние поседуваме право на нечиј туѓ живот. Продуктот од нашиот живот и слобода се вика сопственост. Оттука нашето апсолутно право на неа. Самата Анархија, утопија и држава започнува токму со ова: “поединците имаат права и има нешта кои ниту поединци, ниту општествена група можат да им ги направат, без да им ги повредат тие права.”[23]

Пред се етички, но и политичко-економски, Нозик како доследен либертаријанец се обидува да ја посочи неморалната природа на прераспределбата. Не да ја укине, туку да ја минимизира и врзе за посебни квалитети. За Нозик не постои такво нешто какво што е општествено тело, јавен интерес и сл. Постојат само поединци. Да искористиш еден од нив, за благосостојба на друг, едноставно само значи едниот си го искористил на сметка на другиот и ништо повеќе. Па макар ги смислиме и најкреативните реченички марифетлуци некогаш смислени. Како на пример, тврдењето за некакво општо добро, кое само намеро, го затскрива фактот дека се земало од еден за да се даде на друг.[24]

 За Роналд Дворкин успешните и надарените должат премии од осигурувањето што треба да се исплаќаат за оние со “незаслужени нееднаквости”, за Ролс надарените и успешните ќе имаат придобивски од својте дарби ако и само ако имаат придобивски и оние со “незаслужени нееднаквости”. Но за Нозик, овие позиции ја негираат слободата на поединецот и принципот на самопоседување. Нозик би рекол, како можам да кажам дека ги поседувам моите дарби ако некој друг има легитимно барање за плодовите на моите дарби? Затоа Нозик тврди дека позициите на Дворкин и Ролс не се егалиратизми и во нив човекот не е третиран како цел, туку како средство. А со тоа и неслободен. Некој луѓе се ресурси за животот на другите. Но, ако се прифати филозофијата на слободата како самопоседување, тогаш оние со “незаслужени нееднаквости” или пазарно неуспешните немаат легитимно, ниту морално право над моите дарби и мојот пазарен успех.  Секако, освен ако јас не одлучам поинаку. Ова важи и за сите интервенции во размената на слободниот пазар. Само неограничениот капитализам ја вреднува слободата и моето самопоседување. Така, слободниот пазар на труд и капитал е морално оправдан.                                                                                                                                                                             Кај Нозик правдата и пазарот се меѓусебно поврзани. Во неговата теорија за овластувањата, секоја распределба која е плод на слободна размена е праведна. Ако државата ги оданочи, како што го прави  тоа, буквално сите економски размени (читај ДДВ) против сечија волја, тогаш таа распределба останува неправедна и покрај што што прибраните средства би можеле да се употребат за компензирање на трошоците на оние со незаслужени природни хендикепи. Единствено легитимно оданочување би било она кое би можело да ги одржи институциите во заднина кои се потребни за заштита на слободната размена: полиција и суд.

Кога Нозик говори за овластување тој мисли на: 1) трансфер – што е праведно добиено може да биде слободно трансферирано, 2) иницијално стекнување – праведно стекнување на имотот, сопственоста и капиталот и 3) справување со  неправда – доколку 1) и 2) се прекршат. Ако функционираат овие принципи, тогаш моралната формула за праведнаа распределба гласи: from each as they choose, to each as they are chosen.

По ова заклучокот на Нозик е недвосмислен: минималната држава, ограничена на заштита на животот, слободата, пазарот и сопственоста е морално оправдана. Секое проширување на ингеренциите на државата води кон недвосмислена присила, а со тоа кон политичка и граѓанска неправда. Прашањето на Ролс во овој контекст би  било: како тоа е праведно хендикепираните или децата и старците, кои не можат со ништо да придонесат во т.н. фер пазарна размена на услуги и добра, да немаат право на храна или образование? Нозик тврди дека ако е праведно стекната сопственоста, тогаш да се биде овластен за неа значи апсолутно право да се ослободи од неа, доколку така одлучи. Со други зборови, Нозик не приговара на доброволна приватна филантропија. Меѓутоа, приговара на моралната нитка на одземањето, при одлука да не ја дадам добровлно мојата сопственост, бидејќи никој нема морално право да ми одземе нешто мое, па макар тоа било употребено и за компензирање на најранливите во општеството.

Утопија

Во последниот дел од книгата Нозик вели:

Замислете се еден возможен свет во кој би живееле. Тој свет не мора да ги содржи сите оние кои сега живеат во него, а може да содржи и суштества кои и никогаш не живееле. Секое рационално суштество во тој свет кој сте си го замислиле ќе има исти права како и вие и тој ќе може да си замисли некој возможен свет за себе во кој би живеел. Останатите жители на светот кој сте си го замислиле можат да изберат да останат во светот кој за нив е створен (т.е. за кој тие се створени) или може да изберат да го остават и да се населат во свет кои самите ќе си го измислат. Ако изберат да го напуштат вашиот свет  и живеаат во некој друг, вашиот свет ќе остане без нив. И вие може да изберете да го напуштите вашиот замислен свет, но сега без неговите иселеници. Овој процес продолжува. Световите се содаваат, луѓето ги напуштаат, и се така нови светови се создаваат. [25]

Што заговара Нозик? Нема општа заедничка утопија. Нема стабилни светови во кои сите ќе изберат да останат. Нема утопија која би функционирала подеднакво за Чембрлен, Витгенштајн, за вас, за мене, за припадникот на SMBD сексуалната афилијација, за премиерот или опозиционерот, за џезерот и турбофолкерот и сл.  Утопиите, за Нозик се лични. Персонално сопствени и крајно субјективни внатрешни модели и слики за посакувана инднина. Нема политичка утопија со големо У. Има и може да има само лични множини од утопии. За него имаме плурализам од утопии, бидејќи слободата е во множината. Од друга страна,  нема место за сите во утопијата.  Во нејзината природа, ако е утопија не може да биде репресива. Не може една личност или  група да присили одредена група да живее по начелата нивната утопија (читај; социјалистичките држави и т.н. просветлена диктатура). Нозик, самиот концепт на анархијата и утопијата ги преместува од лево политичка идеологија кон десната. До тогаш анархстите беа сметани за радикални левичари, но со Нозик, анархизмот почна да преставува идеен концепт против патерналистичката агресија на фискално репресивната држава во кој слободата е возможна само како лична утопија на слободниот поединец кој сам одлучува кој и по какви  услови ќе го: брани, лечи и школува. Таа утопија на личната слобода ослободена од присила силно ја изразува во неговата моралната нормативна qualia: from each as they choose, to each as they are chosen.

Историјата на последните два века оди во прилог на Нозик. Општествата кои тежнее кон материјален егалитаризам (социјалистичките држави), а не кон форми на либерализам, не остварија ниту еднаквост, а уште помалку слобода. Напротив, општествата кои тежнееа кон принципите на економската и граѓанската слобода, не остварија еднаквост, меѓутоа, овозможија т.н. вертикана подвижност, просперитет, отргнување од сиромаштија и приближување на двете класи како во ниеден друг политичко-економски систем развиен досега. Затоа, во време на нови постлефтистички популизми полезно е одвреме навреме да се потсетуваме на идеите на Нозик и неговата Анархија, држава и утопија.

Референци

Баруци, А. Вовед во нововековната политичка филозофија. Аз буки, Скопје, 2006.

Bastiat, F.  The Law, <http://bastiat.org/&gt;

Locke, J. Two Treatises of Government 1632-1704                                                                       <http://socserv2.mcmaster.ca/~econ/ugcm/3ll3/locke/government.pdf&gt;

Кант, И. Критика на практичниот ум. Метафорум, Скопје, 1993.

Кимлика, В. Либертаријанизам. Современа политичка филозофија. Академски печат, СК, 2009, 117-181.

Мил, Џ. С.  За слободата, Епоха, 1996.

Мухиќ, Ф. Логос и хиерархија. Круг, Скопје, 2001

Nozick, R. Anarchy, State, and Utopia, Blackwell Publishers Ltd, 1974.

Nozick, R. Anarhija, država i utopija, Naklada Jesenski i Turk, Zagreb, 2003

Nozik, R. Anarhija, država i utopija, CID, Podgorica, 2010

Ролс, Џ. Теорија на праведноста, Слово, Скопје, 2002.

Wolff, J. An introduction to political philosophy, Oxford 1996.

Nozick’s question and the Tale of the Slave: Prolegomena for Minarchistic Freedom and Distributive Justice

Abstract

In this scientific article we will try to recall what happens when a top logician and epistemologist address political philosophy. Specifically, the scientific article will be introduction to political philosophy of Robert Nozick and his intellectually disturbing story of a slave from his book Anarchy, State and Utopia. Through his theory of distribution and Wilt Chamberlain Argument we will try to analyze the moral value of minarchistic concept of freedom. On the other hand, we will analyze his thought experiment conform to the final sentence of his political-utopian decalogue: from each as they choose, to each as they are chosen and critically reflect on the ethical force of freedom in the night-watchman state.

Keywords: state, minimal state, freedom, minarchy , minarchistic freedom utopia, distributive justice, theory of justice, redistribution, distribution, libertarianism, social democracy, right anarchism, anarcho-capitalism so.

[1] д-р Бошко Караџов, доцент по Методологија на Факулетот за правни науки во состав на Европски Универзитет-Р.М.

[2] Научната статија е доработен и прилагоден текст на научниот реферат со наслов Нозиковото прашање и сказната за еден роб: пролегомена за минархистичката слобода и дистрибутивната правда приложен на Научниот симпозиум “Слободата и современоста” во организација на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет и Филозофското друштво на Македонија. (17 и 18.11.2016)

[3] Robert Nozick (November 16, 1938 – January 23, 2002)

[4] Во текот на истражувањето, споредбено се користени се три изданија на Анархија, држава и утопија. Оргиналното изворно идание (Robert Nozick, Anarchy, State, and Utopia, Blackwell Publishers Ltd, 1974 ), хрватското издание (Robert Nozick, Anarhija, država i utopija, Naklada Jesenski i Turk, Zagreb, 2003) и црногорското издание (Robert Nozik, Anarhija, država i utopija, CID, Podgorica, 2010). За жал, немаме македонски превод на оваа книга.

[5] Лана и Лили Вачовски, авторките/авторите на Матрикс самата главна филозофска идеја во филмот за заробеништвото на Нео во симулираната реалност директно ја должат на Нозиковиот разорен мисловен експеримент наречен The Experience Machine

[6] Негови најзначајни епистемолошки студии се: а) Philosophical Explanations објавена 1981 во која пишување за експликациските модели во филозофијата, особено т.н. Parthenon model и вредноста и границите на скептицизмот како епистемолошко стојалиште,  б) The Nature of Rationality објавена 1993 та во која ја вреднува практичната/инструментална рационалност и логичките процеси на донесување одлуки преку анализте на Prisoner’s Dilemma и Newcomb’s paradox, в) Invariances: The Structure of the Objective World, неговата последна книга од 2001, во која говори за теории за вистината и нивната сомерливост со современите постигнувања во физиката. Нозик е автор и на книгите: The Examined Life (1989) и Socratic Puzzles (1997) кои се еден вид исповедни збирки и филозофски медитации во кои ревидира дел од својте поранешни ставови.

[7] R. Nozik, Anarhija, država i utopija, CID, Podgorica, 2010, 235-236.

[8] R. Nozik, Predgovor. Anarhija, država i utopija, op. cit. IX.

[9] И. Кант, Критика на практичниот ум. Метафорум, Скопје, 1993.

[10] Ibid., 74.

[11] Locke, John. Two Treatises of Government. <http://socserv2.socsci.mcmaster.ca/econ/ugcm/3ll3/locke/government.pdf&gt;

[12] Ibid., 106-107

[13] Ibid.

[14] Ibid. 107-108.

[15] Фердинад Ласал, социјал-демократ од 19 век ја скова синтагмата: Nachtwächterstaat (night-watchman state)

[16] Џ. Ролс,  Теорија на праведноста, Слово, Скопје, 2002.

[17] Ролс не застапува социјалистички егалитаризам и не говори за еднаква распределба на боготството, едноставно, тој ја брани идејата дека на оние на кој им е најлошо треба да се подигнат на еден социјален степен на достоинствен и пристиен човечки живот.

[18] На пр. данокот на приход, данокот на додадена вредност на секој купен производ, индиректен данок на потрошувачка, дополнителните давачки за т.н. акцизни стоки, законска должност за намирување на јавен расход, данокот на имот, задолжително законско одвојување од приходот за здравствено осигурување, задолжително законско одвојување од приходот за меѓуенерациски солидарен пензиски фонд)

[19] Неопходно е постојано да се има на ум дека Нозик и за секој доследен либертаријанец промислува под апсолутната претпоставка дека изворното овластување на приходот, имотот и сопственоста е во склад со изворното начело на праведноста и праведното стекнување

[20] Frédéric Bastiat,  The Law, <http://bastiat.org/&gt;

[21] Ibid.

[22] R. Nozik, Anarhija, država i utopija, op. cit.,

[23] Ibid.,

[24] Поимот “неолиберализам” денес од страна на одредени приучени академски и левичарски кругови се употребува како потполно непромислена мантра втемелена на комплетно приук контекст во смисла на одредена политичка фантазија дека светот е заробен во неолиберален канцер, па затоа секој осознаен левичар треба да влезе во одбрана на јавниот простор од метастазите на неолиберализмот.  Сето тоа би било добро кога тие кугови би имале сила и способност да формулираат што тоа се подразбира под “неолиберализам”.  Политичко-филозофски, неолиберализмот значи Нозикова редукција на државата на минимум. Па затоа, тврдењето дека современите општествено-економски проблеми се последица на неолибералната економија не соодветствува со фактот дека не само што  нема редукција на државата, туку формите  на државниот интервенционизам се поголеми од било кога. Затоа ваквата употреба и погрешно контекстуализирање на поимот “неолиберализам” не е ништо друго освен комплетно приучено промашување и неразбирање на основните концепти во политичката филозофија и економија.

[25]   R. Nozik, Anarhija, država i utopija, op. cit., 2010, 242.

2 thoughts on “Минархистичката слобода и (ре)дистрибутивната правда: кон етичките премиси на Нозиковиот анархизам

  1. Pingback: - Libertania

Leave a comment