Кант, индукцијата и каузалитетот: концепталниот зародиш на научниот релативизам

6a010535ce1cf6970c0133f5392632970b-320wiИ. Кант во рамките на неговата трансцедентална филозофија се обиде класичниот проблем на индукцијата да го разреши со формулирањето на принципот на индукцијата како начело на универзалната каузалност кој важи a priori.[1] Филозофијата на Кант ја постулираше концепцијата која сè до постмодерната и смртта на (филозофијата) на субјектот ќе биде основа на сите понатамошни филозофски рефлексии.[2] За да дојдеме до неговата идеја за индукцијата и каузалитетот мораме да направиме одредено интерпретативно заокружување на познавателните претпоставки во кои се врамува и самата идеја за a priori важење на принципот на индукцијата. Наједноставно интерпретирано, Кантовата теорија на познанието може да се одреди како рамнотежа помеѓу крајниот став на Британскиот емпиризам од една страна и вродените принципи на картезијанскиот рационализам од друга страна. Како Хјум, така и Кант почнува со позицијата дека целокупното познание всушност настанува со искуството, но за разлика од него, Кант му додава на тоа стојалиште една многу важна забелешка. Во смисла дека мора да правиме разлика помеѓу она што навистина продуцира познание и формата што ја добива тоа познание. На тој начин, и покрај тоа што познанието произлегува од искуството, тоа (познанието) не се изведува исклучиво од него (искуството). Со други зборови, за Кант сетилното искуство е нужно, но недоволно за познанието. Формата што ја добива спознанието и принципите на организацијата што ја трансформираат суровата граѓа на искуството во познанието, по Кант, не се изведени од самото искуство. Иако експлицитни никаде не вели, сепак овие принципи на организација на сетилните информации се вродени во Декартовска смисла. [3] Кант впечатливо ја втемелува индукцијата во учењето за априорните способности на разумот. Разумот како сознајна сила се занимава со поимите и судовите. Па основните априорни форми на мислењето како елементи на разумот се чистите поими или категориите. Без нив познавателниот субјект (човекот) не може да го вообрази и обликува светот на појавите во кој се пројавува повторливост и закономерност. Разумот е способност за подредување на сетилната граѓа во поим и суд. Чистите поими на мислењето или 12 – те категории се априорна (чиста) функција на разумот со која од восприемливата и еднододруго-едноподруго преземената граѓа од сетилноста се создава вистински познавателен исказ.[4] Па така, секоја сетилна содржина од научно познание, која ја создава разумот благодарение на овие категории, може да биде претставена, образложена и оправдана. Законот за причиноста не е нужна инхеренција на светот. Со нашата индуктивна терминологија тоа значи дека принципот на униформноста не е објективна карактеристика, како што сметаа Мил и останатите онтологисти. Каузалноста не е апостериорна, ниту нејзината нужност е привидна и не се основа на навиката како што сметаше Хјум. Напротив, за Кант, каузалноста е законодадена од разумот.

imagesОваа Кантова позиција во однос на проблемот на индукцијата се покажа особено влијателна. Прифаќајќи го заклучокот на Хјум, кој се однесува на невозможноста логички и емпириски да се докаже униформноста, Кант покажува дека различните категории и принципи на мислењето се вградени во самата структура на нашиот разум и во самото функционирање на нашата перцепција. Сето наше искуство го организираме според тие категории и принципи, дури и пред да почнеме свесно да ги ползуваме. Така, ако ги знаеме таквите категории и структури, ќе знаеме и за секое идно искуство што кога и да е ќе го имаме. Токму затоа што тоа секогаш ќе биде организирано на начините диктирани од структурата на нашиот разум и од функционирањето на нашите перцепции. Со други зборови, Кантовата позиција е дека штом ја знаеме структурата на разумот и перцепцијата и штом знаеме какви ограничувања диктираат и какви карактеристики наметнуваат тие, тогаш можеме да знаеме некои нешта во врска со секое искуство што сме го имале, па секако и со секое искуство што ќе го имаме. Кант смета дека принципот на униформираноста на природата е еден од принципите врз чија основа се организира сето наше искуство. Иако не можеме да ја докажеме вистинитоста на принципот на униформираноста, сепак сме сигурни дека ниту едно искуство што можеме да го стекнеме нема да го наруши тој принцип, бидејќи согласувањето со него ќе биде наметнато врз секое идно стекнато искуство. Тогаш ние можеме да го ползуваме овој принцип со совршена увереност знаејќи дека никогаш нема да биде емпириски поткопан.

Ова е елегантно решение на проблемот на индукцијата и проблемот на оправданоста на поткрепувањето на принципот на униформноста.  Применливо е на каузалните принципи и на други проблематични места. Но, оваа априористичка стратегија има своја висока цена. Бидејќи нашето искуство е формирано, обликувано, и дури, делумно и конституирано со таквите структури во нас, и бидејќи нашиот единствен  пристап до светот што е надвор од нас самите е преку искуството, сè што можеме директно да проучуваме и сè што можеме вистински да знаеме за научната основа се нашите сопствени искуства, нашите сопствени перцепции. Бидејќи нашето искуство е делумно резултат на субјективни (и субјектни) поправки до кои доаѓаме и пред да бидеме свесни за тоа, или пред да станеме свесни за самите искуства, ние воопшто немаме разлог врз чија основа ќе сметаме тие соодветствуваат со крајната или самата реалност. Кант ја прифати оваа консеквентна позиција и сметаше дека реалноста по себе, не може да биде таква какво што е нашето искуство за неа.

Со позицијата на Кант и ова негово априористичко решавање на проблемот на индукцијата, науката се стекнува со легитимитет на ползувањето на принципите што ги има (каузалитет, униформност и сл.), но го губи надворешниот свет кој го проучува. Таквото гледиште за науката – проучување и организирање на природата каква што ја набљудуваме, а не каква што таа е сама по себе – е еден вид идеализам кој води кон анти реалистички позиции во филозофијата на науката и епистемологијата. Кантовииот идеализам доживуваше различни степени на популарност и плаузибилност. Неговите идеи се реституираа по напредокот на физиката во првата четвртина од дваесетиот век. Особено по воведувањето на теоријата за релативноста и квантната механика. Иако за филозофските последици на овие две унапредувања на науката се уште се дискутира, сепак некои основни импликации се сосема јасни и совмесни на Кантовиот априоризам и феноменализам во филозофијата на науката и епистемологијата. Релативноста во Ајнштајновата теорија имплицира дека одредени мерења, извршени при набљудувањето, зависат делумно и од состојбата на набљудувачот. А квантната механика имплицира длабоки врски меѓу набљудувачот и набљудуваниот објект. Односите се толку длабоки што некој, респектирајќи ја современата физика, би можел да каже дека светот, универзумот се прилагодувал од самиот свој почеток на идните потреби на животот и разумот. Или дека нашиот универзум е партиципирачки универзум и дека преку нашите набљудувања сме поврзани во најмала рака во некакво “партнерство во оснозвањето на универзумот”. Индуктивното втемелување во овој трансцедентален правец е едноставно способност на разумот. Но, овој досетлив обид на Кант за a priori оправдување на синтетичките судови во современата теорија за индуктивните инференции за многумина епистемолози е неприфатлив бидејќи овој начин можеме секој исказ да го прогласиме за a priori важечки.[5]

[1] I. Kant, Kritika čistoga uma,  Beograd, Kultura, 1958.

[2] Поточно, Кант увидува дека мора прво да се реши проблемот на релацијата помеѓу познавателниот субјект и познавателниот објект, односно да се постави појдовен гносеолошки став, па потоа да се постулира одредена филозофија. Кант доаѓа до епистемолошката позиција за конститутивната моќ на субјектот.Тој смета дека прво мора да ги испитаме нашите способности и да видиме кои ствари нашиот разум може да ги решава, а кои не може. Проучувањето на човековиот разум треба да претходи на секоја негова (на разумот) употреба во филозофијата и науката. Разумот треба најнапред да се употреби за испитување на неговите сопствени познавателни способности. За оваа цел, Кант се зафати не да открие што е во основата на битието и светот, туку да провери каква е силата на човечкото познание, какви се неговите извори, можности и граници.

[3] Општите поими за разумот кои го организираат и обликуваат искуственото Кант ги нарекува “категории”. Бидејќи познанието според својот карактер е пропозиционално, овие категории мора да бидат поврзани со формата на логичките судови.

[4] Од сетилноста кон каузалниот свет на сознаеното искуство водат неговите дванаесет категории кои соодветствуваат на 12 – те форми на логичките судови. Судови по квантитет или судови кои кажуваат за колку нешта се говори: општи посебни и единечни судови, па соодветните три категории: едно, многу и се. Судови по квалитет или судови кои кажуваат за какви нешта се говори:афирмативни, негативни, бескрајни, па соодветните три категории: реалност, негација и лимит. Судови по релација кои кажуваат со каков став се настапува во тврдењето: категорични, хипотетични и дисјунктивни судови на кои им одговараат познавателните паритети: супстанција-акциденција, причина – последица, целина – взаемно дејство. И  судови по модалност кои кажуваат со каква нужност се говори: проблематични, асерторични и аподиктички судови на кои им соодветствуваат следниве категории: можност-неможност, егзистенција-неегзистенција и нужност – случајност.

[5] Карал Попер инсистираше на неприфатливоста на ова решение токму пораи овие разлози. Споредете: K. Poper, Logika naucnog otkrica, op. cit., str. 62-63.