Прото-стриповите и библиската венерација во средновековната графичка литература

доц. д-р Бошко Караџов

Прото-стриповите и библиската венерација во средновековната графичка литература

For the last hundred years, the subject of reading has been connected to the concept of literacy… learning to read has meant learning to read words…but the reading of words is a subset of a much more general human perceptual activity, which includes symbol decoding. The reading of words is one manifestation of this activity, but there are many others – the reading of pictures, maps, musical notes ….

Tom Wolf

 

Апстракт

Во оваа научна статија ќе ги прикажеме и анализираме највпечатливите остварувања од повеста на црковното визуелно раскажување во средновековниот период во кои воочуваме стрипоморфно (с)ликовно приповедање. Современата структурална анализа на стрипот како медиум за раскажување ни овозможува во средновековната графичка литература да препознаеме архаични стрип формати и стриповидни приповетки кои силно потсетуваат на иконографијата на модерниот стрип. Најголем дел од нив имаат сакрална книжевна функција и поттикнуваат религиска венерација. Но, техниките на визуелното раскажување, (с)ликовните решенија во нив, како и нижењето на случувањата преку композициски аранжмани кадри ни даваат полно право овие бимодални литературни дострели да ги наречеме прото-стрипови. Па затоа, во ова историско истражување ќе ги прикажеме и анализираме: протострипските средновековни ракописи, библијата за сиромашни, ксилографскиот средновековен стрип, графичките верзии на Психомахија и Александрида, хагиографската иконографија во византиската црковна уметност, писмото на грофот Морс, холандските центпринтови, карикатуралните цртежи во средновековната имуминација The Smithfield Decretals и кинокефалиското прикажување св. Кристофер во источната црква. Се со цел, да покажеме дека предисторијата на стрипот е еден од темелите на неговиот естетички легитимитет.

Клучни зборови: стрип, стрип-иконографија, стрип-јазик, прото-стрип, библија, венерација, средновековна графичкa литература, (с)ликовно приповедање, визуелно раскажување, (с)ликовна литература, бимодална книжевност, сакрална графичка приповетка, хагиографија, латрија, ксилографски стрип, кинокефалија, имуминација, итн.

Вовед

Секоја уметност, па и стрипот како (с)ликовно приповедање, го црпи својот естетички легитимитет преку специфичниот и автономен медиумски идентитет и преку капацитетот за општествено влијание. Првото, говори за иконографијата на стриповскиот јазик и неговата автентична бимодална литерарност, а второто за субверзивниот потенцијал на стрипот и неговиот капацитет за предизвикување општестени промени. Меѓутоа, она што дава финална легитимација на уметничкиот род, секогаш е неговата историја и највисоките дострели во неа. Таа последниве стотина години е неверојатно богата и раскошно различна: од Rudolf Töpffer и неговата Les amours de Mr. Vieux Bois (1837), преку златното доба на суперхеројскиот стрип, па се до последните ремек дела од современото стрип творештво како Habibi (2011) на Craig Thompson[1]. Во неа, нагледно се препознава дека стрипот, формално гледнано, претставува (с)ликовно приповедање (graphic storytelling) во кое фабуларните иконичките елементи се нижат во кадридрана и раскажувачка едно-по-другост (sequential) во форма на јукстапозиционирани (side by side) ликовни композиции (или т.н. стрип  панели) на кои им се вметнуваат текстуални алатки кои ја дополнуваат фигуралната нарација.[2]

Оваа структуралистичка одредба ја изострува автономноста на стрипот како уметнички род, но уште позначајно, штом тој е визуелно раскажување приказни во кои пиктуралните и фабуларните елементи се компонирани во наредени кадри [едно-до друго како едно–по-друго или (о)просторено стрип време], тогаш оваа техника на приповедање можеме да ја препознаеме и во многу други изразни форми низ историјата. Далеку постари од првите стрипови на Gustave Dore, Wilhelm Busch, Charles Ross и Marie Duval од втората половина на XIX век. Врз основа на ова, можеме со право да говориме за прото-стрипови, архаични стрип формати, стриповидни уметнички форми за раскажување, и секако, за различните носителите на стриповската феноменологија и неговите прото-форми на изразна артикулација низ она што ќе го нарекуваме предисторија на стрипот.

Во оваа студија ќе се задржиме на неколку впечатливи остварувања од повеста на црковното визуелно раскажување во кои препознаваме стрипоморфно (с)ликовно приповедање или т.н. прото-стрипови. Врз основа на оперативната и структурна дефиниција на стрипот, која не e нималку различна од линијата на одредување која ја предочија Will Eisner и Scott McCloud, стрипот како медиум за раскажување ни овозможува во средновековната графичка литература да препознаеме стриповидни остварувања кои силно потсетуваат на иконографијата на модерниот стрип. Со оглед на духот на времето, најголем дел од средновековната (с)ликовна литература има сакрална книжевна функција и ја репрезентира богопредаденоста и религиската понизна посветеност на верниот во Христа. Таквата венерација преку графичките четива на средновековието беше предмет на историјата на книжевноста, историјата на христијанството и сл. Меѓутоа, структуралните анализи со помош на т.н. стрипска херменевтика на средновековните бимодални книжевни дела стана возможна и научно релевантна само по уверувањето на академската, културната и стручна јавност дека стрипот како девета уметност има своја неспорна вредност и естетички легитимитет.

Надминувањето на долго време вкоренетите стереотипи дека стрипот е петпаричка ниско културна шунд појава во поп-културата, и дополнително дека не само што е “одговорен” за “негување” на лошиот литературен вкус, туку и за моралната корупција на младите[3], овозможи подем на научните истражувања и на историјата и на филозофијата/естетиката на стрипот. Денес, дури се говори и за посебна наука за стрипот со име панелологија (panelology). Меѓутоа, надминувањето отвори простор за истражувања и на комплексните форми на идеолошка моќ и политички рефлексии кои стрипот како феномен на поп-културата ги носи во себе. Од Art Spiegelman која доби пулицерова награда за стрипот Maus недозволовајќи новите генерации да го заборават ужасот на холокаустот, па преку иконичкото политичко влијание на Alan Moore и David Lloyd со стрипот V for Vendetta и маската на Guy Fawkes, па се до покренувањето на прашањата за правата на жената во исламската култура во графичките новели Persepolis и Embroideries на Marjane Satrapi и стриповскиот граѓански журнализам на Joe Sacco од воените жаришта ширум светот.

Денес, особено по неодамнешта вест дека Columbia University’s Department of Education му дозволи на Nick Sousanis да докторира со дисертација со наслов Unflattening: A Visual-Verbal Inquiry into Learning in Many Dimension која е напишана/насликана целосно во форма на стрип, а беше прифатена со воодушевување поради своевидната академска легитимација на (с)ликовниот јазик и револуционерноста на чинот воопшто, е повеќе од оправдано да се зборува, не само за предисторија на стрипот, туку и за сите естетички прашања кои тој ги повлекува како наративен род. Овој необичен докторат во форма на стрип, низ деконструкцијата на вообичаениот академски дискурс на читателот му нуди една запрепастувачка графичка уметност на визуелно раскажување која ја преиспитува човековата моќ за познание и педагошките перспективи на (с)ликовната литература.[4] Unflattening е епистемолошка и педагошка студија во ликовен наративен низ која не претставува метастрип како делата на Scott McCloud на директен начин, туку на уште повиоко ниво авторот говори за вредноста на (с)ликовната артикулација на мислата и капацитетот на секвенцијалната уметност да биде легитимна дидактичка алтернатива на вербално-текстуалната паидеиа на нашево време. Оваа книга го легитимира стрипот и како уметнички формат, но и како критичка практика во форма на една нова дискурзивна стратегија.  Во САД овоj начин на вообликување се нарекув essay-as-comic. Во нашата литературна критика и теорија оваа техника на раскажување е блиска до она што може да се нарече книжевен бриколаж со интерпикторалност, наместо интертекстуалност. Но, во овие матастриспки дела или essay-as-comic, текстуалниот дел е секогаш суплементација на (с)ликовниот јазик. Затоа не може да стане збор за поддржана литература. Мора да говориме или за бимодална/мултимодална литература или пак за класичен стрип.

Врз основа на сето ова, во следните поглавја ќе ги презентираме, анализраме и вреднуваме следниве прото-стриповски остварувања во средновековната (с)ликовна литература:

  1. Прото-стрипски средновековни ракописи (Proto-comic Medieval Manuscripts)
  2. Библијата за сиромашни (Biblia pauperum)
  3. Ксилографските средновековековни стрипови (Xylographic medieval comic books)
  4. Графичките верзија на Психомахија (Psychomachia) и Александридата Roman d’Alexandre en Prose
  5. Хагиографската иконографија во византиската црковна уметност (Hagiographic iconography in byzantine art)
  6. Писмото на грофот Морс (Letter by the count of Meurs)
  7. Холандските центпринтови како прото-стрипови (Centsprent/mannekesprent as a proto-comic books)
  8. Карикатуралните цртежи во средновековната имуминација The Smithfield Decretals и кинокефалиското прикажување св. Кристофер во источната црква.

 

Прото-стрипски средновековни ракописи

Во големата ризница на живописно украсените средновековни ракописи (illuminated manuscripts) воочуваме неколку импозантни ракотворби кои силно се отклонуваат од вообичаените илуминаторски практики на визуелно обработување и текстуално стилизирање. И во поглед на илустрирањето на (с)ликовните минијатурни, и во поглед на големината на самата текстуална подлошка. Поточно, во еден мал дел од овие средновековни ракописи, илуминациските графички техники на раскажување на библиските содржини и илустрациски визуелни решенија во голема мера, покрај тоа што непоколебливо постетуваат на етаблираните цртачки практики од модерниот стрип, туку воспоставуваат и такви канони на графичкото приповедање кои до ден денес преставуваат легитимна и широко употребувана визуелна стилистика во стрип уметноста. Со други зборови, помеѓу средновековните манускрипти пронаоѓаме такви илустрирани ракотворби кои со полно право можеме да ги сметаме за рани средновековни предвесници на модерниот стрип или т.н. прото-стрипови.

m638_24v

Fol. 34r од Моргановата библија во која се гледа двопанелната структурна композиција и текстуалните записи на маргините

Првиот таков впечатлив средновековен ракопис во кој илустрацијата не е минијатурна, ниту е комплетно подредена на текстот, туку напротив, самата го носи наративниот потенцијал во себе си поради нејзината поставеност во раскажувачки слокоред, е ракописот кои се нарекува  Морганова библија (The Morgan Bible). Истата во историјата на средновековните манускрипти може да се сретне и под името Crusader Bible или Maciejowski Bible.[5]  Таа е една од највпечатливите графички литературни дела во средновековниот период и преставува непроценливо историско богатство. Илуминираниот ликовен ракопис во неа ги раскажува собитијата од Стариот завет од содавањето на светот па се до кралот Давид во вкупно 283 слики во боја кои претставуваат прото-стрип панели. Овие слики како издвоени раскажувачки графички единици имаат јасно назначен сегмент на акција и јасно одреден стрипски outline. Сликите се најчесто аранжирани во двопанелна наративна композиција. Осносно две слики на една страна подредени една по друга. Истата композиција на сликите потсетува на раскажувачкиот двопанелен стил на сестрите Angela и Luciana Giussani во нивниот стрип Дијаболик или на двопанлениот раскажувачки стрип-формат во култниот италијански серијал Алан Форд на Макс Бункер и Магнус. Помеѓу двопанелната структурна композиција на ликовната нарација се чуствува оставениот простор за доимагинирање, а цртачко-раскажувачки сцени стриповски варираат од слики во поголем размер на цела страна до сцени со ликовно дофаќање (encapsulation) на фокалните точки на приказната. Во нив, не само што стрип кинематиката е цртачки воочлива, туку можеме да детектираме и т.н. Comic bleed. Во современиот стрип под овој поим се подразбира слика која излегува надвор од границите на панелот. Оваа цртачка техника се користи на насловните страници или во ракмите на некои кретивни решенија на композициите на стрип панелите за раскажување во рамките на една стрип табла. Во неа имаме токму такви впечатливи  comic bleed–ови.[6]

Morgan-Crusaders-Bible

Детал од comic bleed –овите во Моргановата библија

Од друга страна, овде немаме говорни облачиња во прото-стрипска форма, меѓутоа фигуралната нарација е засилена со текстуалено приповедање кое е запишано на сите маргини околу панелот. Авторот користи рафинирана позлата во боите и со нејзина помош доловува таква сјајност на боите на која можат да позавидат и современите дигитални стрип колористи. Моргановата библија била во лична сопственост на францускиот крал Луј IX и преку неа, како уверен крстоносец, ја негувал својата христијанска богопредаденост.

Apocalypse Picture Book.

Вториот впечатлив средновековен прото-стрип е познат под името Apocalypse Picture Book. Постојат поголем број илустрирани Апокалипси во средниот век, кои помалку или повеќе наликуваат на предвесниците на стрипот, но ние овде ќе говориме за онаа Апокалипса која потекнува од Германија од средината на XV век и се чува во Британскиот музеј под каталогизациската одредница Additional 19896. Оваа книга е на латински јазик, а писмото е во готички куризв. Но, текстот е подреден на (с)ликовните композиции кои ги има вкупно 92 на 40-сетина страници, најчесто по две илустрации во боја на една страна.[7] Идентично како во Моргановата библија, и во оваа илустрирана германска Apocalypse воочуваме (с)ликовно приповедање со издвоени наративни графички единици (прото-стрип панели) кои имаат одреден стрипски outline. Прото-стрип панелите како (с)ликовни единици за визуелно раскажување се исто така аранжирани во двопанелна наративна композиција: една врз друга. Помеѓу двопанелната визуелно раскажувачка структура се чувствува претпоставувањето на стрипскиот gutter и стрип кинематиката. Немаме говорни облачиња во прото-стрипска форма, но фигуралната нарација се дополнува со текст кој е подреден и впишан во стилизирани текстуални квадтачиња кои постетуваат на comic captions. Во неа се раскажува животот на апостолот Јован, неговите застражувачки визии и осум виденија, новиот Ерусалим, небесната ангелска армија, возљубувањето на ѕверовите, будењето на мртвите, рушењето на храмот на Дијана  и други собитија од Откровението на Јован. Авторот на оваа графичка апокалипса, со фугуралната доследност на ликовниот јазик на тоа време, а во името на естетската сензација, ја обоготворува величенственост и возвишеност на апостолот Јован и неговите виденија преку такво артистичко ликовно prosede кое има фабуларна оправданост во потребата да се оддаде верска латрија на текстот од Апокалипсата и значењето на апостолот Јован за црковната историја  (види слика бр. 4)

1200px-4_Jean_Pucelle._Hours_of_Jeanne_d'Evreux._1325-28,_Metropolitan_Museum,_New-York

Hours of Jeanne d’Evreux: The Arrest of Christ and the Annunciation to Mary

Последниот од низата стриповидни средновековни ракописи е Hours of Jeanne d’Evreux. Овој ракопис всушност е стрипски црковно-богослужебен часослов (грчки: Ωρολόγιον, англиски: book of hours) кои се ползува во богослужебна практика, а содржи псалми, молитви, песни, литургиски текстови и сл. пишанија од дневниот богослужбен круг.[8] Илустриран е во готски стил, а се претпоставува дека е насликан во годините помеѓу 1324-тата и 1328-мата година по Христа од страна на прославениот париски илуминатор Jean Pucelle по нарачка на Jeanne d’Evreux – третата жена на Charles IV of France. Од 1954-та се чува во Њујорк во Metropolitan Museum of Art. Раскошниот декор на овој графички часослов се состои во водушевувачките цртежи во grisaille-стил (цртање и сенчење на илустрацијата со нијаси на сивата боја) кои упатуваат на дотогаш ретко виден рафиниран уметнички вкус. Hours of Jeanne d’Evreux содржи секценцијален континиум од 25 слики на целата страна кои се раскажувачки припоени со слики од Христовото детство, страдање и распетие.

800px-6_Jean_Pucelle,_Hours_of_Jeanne_d'Evreux._1325-28,_Metropolitan_Museum,_New-York

Hours of Jeanne d’Evreux: Crucifixion of Jesus and Adoration of the Magi

Фигурите стилистички се префинето изведени со нијансите на сивата боја која дава стрипски и скулптурен квалитет, а во деловите во кои илустрациите се бојат воочуваме така префинето нагласување и играње со нежни допири на црвената, портокаловата, жолтата, розовата, тиркизната и други бои. Она што оваа книга ја прави прото-стрипски феномен е што на маргините воочуваме огромен број илустрации кои ги опишуваат епископите, питачите, уличните танчери, девојките и музичарите кои ги населувале улиците на средновековниот Париз, како и мајмуните, зајаците, кучињата и суштествата на фантазијата. Овие илустрации имаат таква живост во себе и ликовно го така допадливо го дофаќаат движењето, по што оддавааат визуелен впечаток дека станува збор за опитлив обиди за раскажување преку модалитетите на (с)ликовната приповетка. Композициите содржат графичка одвоеност на централното собитие од протагонистите на маргините на цртежот, меѓутоа нивната ликовна поврзаност носи креативен иконграфска порака и препознатливо секвенцијално ликовно нижење. Во сите овие три ракописи, фигуративната реинтерпретација на ликовите и настаните од христијанските свети текстови и самото визуелното искуство предизвикуваало кај читателот несомнена богопредаденост, автентична религиски сентименти и артикулирана визуелна приказна за нивната возвишеноста и божествената благословеност.

Biblia pauperum

800px-Biblia_Pauperum_Cpg438

Biblia pauperum

Библија за сиромашни (Biblia pauperum) биле нарекувани (с)ликовните Библии кои започнале да се појавуваат во XIII век. Тие, за разлика од илустрираните Библии во кои малите слики се комплетно подредени на текстот, содржат големи и целосни илустрации насликани во кадриран наративен след и подредени во форма на визуелно раскажувачка јукстапозиција. Истите се проследени или со краток текст кои целосно наликова на comic caption или пак илустрациите ги раскажуваат старо и ново заветните собитија само со јазикот на сликите. Меѓутоа, она што е највпечатливо во Библијата за сиромашни е што говорот или дијалогот на протагонистите во библиските приповетки го илустрирале преку илуминирани минијатури и го запишувале на свитоци и ролни кои се цртани веднаш до усните на ликовите, токму налик на говорните облачиња (speech balloon) од модерниот стрип.

Најчесто не биле пишувани на латински, туку на народните јазици.Во почетокот овие прото-стриповски библии биле рачно цртани и боени на велуми, но во XV век во Германија и Холандија, под покровителство на св. Оскар надбискупот во Бремен, се појавуваат и печатени примероци изработени со ксилографска техника на правење печатен отпечаток со помош на изрезбано дрво. Првата таква Библија за сиромашни е печатена со подвижна преса во Бамберг во Германија во 1462-та година од страна на Albrecht Pfister – предходникот на Гутенберг. Во едициската инкунабула се сврстуваат 18 вакви примероци. Иако името алудира на бедните и неимотни, сепак овие стриповидни библии не биле наменети за сиромашните. Ракописите биле раскошно украсени и скапи, па и во тоа време. Меѓутоа со појавата на ксилографската техника изданијата станале поефтини и веројатно достапни на поголем број свештеници кои ја ползувале оваа библија во просветителските мисии и хомилиските проповеди. Името, Biblia pauperum им е дадено дури во 30-сетие на XX век од страна на тимот на германски конзерватори и научници кои го истражувале овој ѓфеномен во средновековната графичката литература.

91VTZeOs5FL

The Book of Genesis Illustrated by R. Crumb

Од друга страна пак, Biblia pauperum како предвесник на маестраните остварувања на Joe Kubert и Nestor Redondo со наслов The Bible (1975) и The Book of Genesis Illustrated на R. Crumb, носи во себе комплетна иконографска програма на еден стриповски јазик во зародиш кои има и подлабоко сакрално значења. Таа стрипски артикулирана венерација е во името на т.н. тополошко богословие. Во библиската егзегеза под типолошко богословие се подразбира доктрина која интерпретативно реферира на релациите помеѓу стариот и новиот завет. Собитијата и протагонистите од стариот завет се толкуваат и се гледаат низ Христос како архе-типско остварување на старозаветното провидение. Затоа, секоја стрип табла (страница) на Biblia pauperum е посветена  на еден новозаветен настан кој е наративно придружен и (с)ликовно кадриран со панели од старозаветни случувања кои го предпоставуваат главниот централен настан од прото-стрип таблата. А сите овие кадрирани композиции се текстуално проследени со ролни на кои се запишани извадоци од книгите на старозаветните пророци кои го навестуваат централното новозаветно собитие. На овој начин, преку кадрирана ликовна секвенцијалност на старозаветниот настан со новозаветните ликови и преку говорните свитоци, Biblia pauperum не само што ја исполнува својата сакрална функција во поглед на (у)верувањето во Христа како старозаветено најавена божја милост, туку ја покажува и способноста на наредените ликовни композиции да раскажуваат со една посебна дискурзива стратегија.

Ксилографските средновековековни стрипови

Во средновековна Европа, во втората половина на XIV век, се појавува ксилографската графичка техника на печатење книги кои содржат и слика и текст со помош на изрезбани и гравирани дрвени плочки. Терминот ксилографија (xylography) е кованица од два грчки збора, xylo– (“дрво”) и‎ –graph (“запис”) и најчесто на словенските јазици се преведува со дрворез. Меѓутоа, не сите дрворези се резбаат и гравираат во негатив. Поточно, во ксилографската техника на печатење, самата графичка слика се врежува во мазната дрвена плоча со помош на специјални остри и мали ножеви, меѓутоа површината или сликата која се штампа не се резба, ниту гравира, туку се отстранува површината од дрвената плочка која при печатењето/натиснувањето останува бела. Така изрезбаната предлошка, фотографски кажано во негатив, како при сечењето и подготвувањето на стенсили, се бои и се втиснува или рачно или со помош на печатарска преса.

Во англиската јзична традиција овие книги се нарекуваат block books. Најстарата дрвена плочка која се ползувала за штампање во Европа датира од крајот на XIV век со име Bois Protat. На неа ликовно е прикажан зачуван дел од Христовото распетие. Пред Гутемберг да ја измисли можноста за штампање со движечки карактери, овој ксилографски метод во кој илустрацијата може да биде пропратена со текстуален дел станува омилен медиум на голем број сликари во овој период. Ксилографски плочки изработувале: Martin Schongauer, Albrecht Dürer, Hans Holbein, Baldung Hans, таткото Lucas Cranach и синот Lucas Cranach и други значајни корифеи на ликовната уметност од овој период. Книгите печатени преку оваа техника имаат од неколку па се до 50-сетина страници. Во XIV и XV век во средновековна Европа функцијата на овие илустрирани книги била во ширењето на верските определби и (с)ликовно изразување на почитувањето и обожувањето на Христос и светителите од историјата на црквата. Се користеле за драматизација и елементи на персуазивна театралност од страна на проповедниците на верата во Христос во тој период.  Современата инкунабулистика во 1991-та година направи идентификација, комплетен преглед и дигитализација на зачуваните блок книги[1].

Идентификувани се околу 43 различни наслови и голем број репринтови на популарни блок книги од тој период.  Покрај користењето на овој метод за правење Biblia pauperum за која говоревме во претходното поглавје, најзначајни се следниве остварувања: Apocalypse, Ars Memorandi per figuras evangelistarum, Ars Moriendi, Canticum Canticorum,  Aelius Donatus Ars minor, Dance of Death, Exercitium Super Pater Noster, Speculum Humanae Salvationis, The Fable of the Sick Lion и др. Дел од нив, се класични илустрирани книги изработени во оваа техника каде сликите се или мали или подредени на текстот како негова подлошка. Меѓутоа, ксилографската Apocalypse и Canticum Canticorum се илустрирани неверојатно слично токму како во модерниот стрип. Нижењето на случувањата е преку кадри во временски след каде наративното континуирање на деталите се разграничува со композициското устројство на секој визуелен приказ одделно. Затоа ќе се задржиме само на ове две ксилографски книги кои можеме со право да ги сметаме прото-стрипови.

Apocalypse

Ксилографската Apocalypse е блок-книга за која се претпоствува дека е копија изработена во дрворез за печатење токму на ракописот од германската графичка Apocalypse за која говоревме во првото поглавје. И таа ги содржи сцените од Откровението на Јован и од апокрифниот живот на св. Јован. А се смета за најстара графичка книга од овој вид. Има голем број на репринтови, а зачувани се три прото-стрипски верзии: германска верзија од 1450–1452 и се чува во библиотеката во Кембриџ.[2], холандска верзија од 1465-70, која се чува во Националната библиотека на Баварија[3] и подоцнежна германска верзија од 1468-70 која се чува во Националната библиотека на Баварија.[4]

sp5

Две страни со по два панели од графичката верзија на Canticum Canticorum

Додека пак Canticum Canticorum (Песна над песните) има две графички прото-стрипски верзии кои датират од околу 1469/70-тата година и се чуваат, исто така во Националната библиотека на Баварија.[5] Без разлика што во овие случаи имаме друга техника на продукција, воочуваме идентичен modus operandi кој ни помага во овие две ксилографски графички дела да препознаеме определувачка стриповидност. Најпрво, во нив се остваруваат двете клучни рецептивни елемент на стрип естетиката: а) (до)имагинирањето што го овозможува импресионистичкиот пиктурален поттик (call) и празниот рецептивен простот меѓу панелите (response) и б) секвенцијално континуирање преку нанижани слики и (с)ликовното проседе за раскажување кое го содржат стрип – времето. Но поконкретно, како и кај стрипските манускрипти, воочуваме: одделни раскажувачки цртежи кои содржат сегменти од наративното дејство, нивно омеѓување со јасно одредени гранични линии, аранжирани во двопанелна наративна композиција, стрип кинематика и  визуелно дофаќање на клучните моменти од приказната. (види слика бр. 13)

sp6

Encapsulation и speech scroll во Canticum Canticorum

 

Но, она што е највпечатливо во тоа што фигуралната нарација е дополнета со текстуален дел во која јасно се одделени говорот на протагонистот како текстуален елементи, впишан во говорни ролни како архаични говорни облачиња кои се нацртани близу главата на ликот и од друга страна говорот на нараторот, впишан во стилизирани текстуални квадрачиња, нималку различни од она што во стрип творештвото се нарекува comic captions. Овие ксилографски стрипови функционираат како комуникациска алатка од слики и зборови. Така наречениот timing или феноменот на стрипско траеење (duration) е совмесно на двопанелната композиција. А визуелната анатомија на ликовите е нагласена согласност антрополошката позиција во средновековната филозофија на телото.

Во ксилографските прото-стрипски верзии на Canticum Canticorum воочуваме така прецизни и префинето стилизирани говорни свитоци (word scrolls или speech scroll) кои преставуваат најдрагоцен пример на она што во историјата на уметноста се нарекува banderole или phylactery. Во овие прото-стрипски појави,  илустративни денотатори на секогаш содржат сакрален говор и имаат сакрална функција. Во тоа се секако стиховите од Песна над песните преку која се изразува алегориска венерација кон Црквата преку односот на возљубениот и возљубената.

Графичките верзија на Психомахија и Александридата Roman d’Alexandre en Prose

Во раниот среденовековие во X век воочуваме еден впчатлив прото-стрипски феномен во форма на графичка верзија на рано христијанската поемата Psychomachia. Psychomachia или Душоборство (на англиски се преведува преносно како Battle of spirits или Soul war) е поема на латински јазик од доцната антика датирана во V век по Христа од шпанскиот христијански поет Аурелије Клемент Пруденциј.  На неа, како на значајна и популарна поетска алегорија, се темелат трополошки и анагошките христолошки полисемии во средновековната литература како: Романот за розата, Вилијамовото видение на Пирс Плауман и сл. Во Psychomachia на Пруденциј како алегорија на борбата помеѓу Доброто и Злото преку битката помеѓу христијанските доблести и паганскиот идолатриски неморал. Во неа доблестите: надеж, трезвеност, чедност и понизност се персонифицирани во прото-стриповски супер – жени (wonder women) кои се борат со други супер-жени кои ги преставуваат неморалните: гордост, гнев, паганизам и похлепа. Сите латински термини за овие доблести и гадости се во граматички женски род. Секако, победуваат гиноификуваните богоугодни доблести во името и вечната слава на христијанската моралистика есхатологија и нејзината сотириолошка венерација. Оваа поема во раното средновековие има голема популарност и затоа се зачувани до денес мноштво ракописи.

Psychomachia

Дваесетина од нив се илустрирани, но еден од нив е илустриран на стриповски начин. Поточно, во Лондон во British Library под одредницата MS Cotton Cleopatra C VIII се чува Psychomachia на Приденциј од X век по Христа која има сосема друг графички концепт на илустрација од останатите сликовно вообличени верзии на поемата. Тој концепт е во голема мера го преставува она што го наракуваме прото-стрип во средновековната (с)ликовна литература. Во неа, не само што за прв пат имаме нацртан и вреднуван гиноборствен хероизам, женосилие и Wonder Women-овски пастиж, туку, имаме низа елементи од стрип есетиката како: издвоени раскажувачки (с)ликовни единици т.н. стрип панели со јасно назначен сегмент (стрипско време) на акција/протагонија и јасно одреден outline, gutter помеѓу двопанелната структурна композиција на ликовната нарација,  двопанелна композиција потсетува на раскажувачкиот двопанелен стил,  воведни цртачко-раскажувачки сцени во поголем размер и  говорни облачиња, кои не се во стрипска форма, но го репрезентираат дијалогот со старо англиски глоси на левата и десната маргина веднаш до панелот каде наративно се вообличени секвенците од стрипскиот состав на собитија. Дијалозите авторот ги назначува со црвена боја, а воочлива е цртачка стрип кинематика и обид за ликовно дофаќање на движењето на протагоснистите. Се гледа и стрипско херметичко дофаќање (encapsulation) на фокалните точки и ударните моменти на приповетката идр.

13567272_10154325313531477_9036344973062263786_n

Ликовната нарација во графичката верзија на Roman d’Alexandre en Prose

Roman d’Alexandre en Prose е едно од многуте средновековни “меч, магија и змејови” приповетки за Александар III Македонски (пре)раскажани на темелот на бајката за догодовштините на Александар од Псевдо-Калистен која датира III век по Христа. Популарно наречени Александриди. Секоја јазична култура има своја преработка, па се говори за: грчка, англиска, француска, еврејска, исламска, ерменска, латинска и др. верзии. Секако, имаме и словенска верзија од 1810 која Љубомир Милетиќ ја пронајде кај Павел Хаџи Киријаков[1]. А во Славјaнско-мaкeдонскaтa oпштa историја на Пулевски во XIX век воочуваме и македонска верзија. На старо француски јазик има околу 17-сетина сочувани ракописи, а еден од нив е илустрирана на начин во кои воочуваме впечатлива употреба на стрипски канони за визуелно раскажување. Оваа француска стрипоморфна верзија се чува под католошката одредница Detailed record for Royal 20 A V на Каталогот за илуминирани манускрипти на The British Library.[2] Оваа стрипоморфна верзија датира од почетокот на XIV век и преставува стриповидно илустриран манускрип, напишан на вернакуларен старо-француски јазик со готско силизирано писмо. Приказната во Roman d’Alexandre en Prose е за протераниот персискиот маг Nectanebus кој доаѓа во дворот во Пела и ја уверува Олимпија, во отсустство на Филип, во древното пророштво дека во сон ќе биде зачната и бесстелесно оплодена од богот Амон и ќе роди син-освојувач на светот. Па, Нектанебус, како врвен маг, во име на исполнување на “пророштвото” се претвара во Змеј и се втурнува во постелата на Олимпија страствено водејќи љубов со неа.

13567110_10154325313546477_948631914943133253_n

Цртеж од графичката верзија на Roman d’Alexandre en Prose

Меѓутоа, највпечатливиот дел е што во  овој манискрипт воочуваме приповедење преку слики кои се надредени во оснос на текстот, приповедање со слики кои се компонирани и  арнжирани во наративено нареден след (едно-по-друго), приповедење кое содржи пиктурални поттици и суптилен стрипо-повик за доимагинирање на собитијата и форми на цртачки динамизам во обидите за фигурално репрезентирање на акцијата/движењето на ликовите и сл. Оттука, штом имаме приповедање во кое имаме кадрираното нижење на фабуларниот континиум на приповетката, текстуалните алатки и мн. др. канонички елементи тогаш оваа верзија на Roman d’Alexandre en Prose можеме да ја сметаме за автентичен прото-стрипски феномен во историјата на средновековната графичка литература.

 

Хагиографската иконографија во византиската црковна уметност

Во источната црква во византискта христијанска уметност се појавува еден прото-стрипски феномен во кој е воочлива форма на приповедање со јукстапозиционирани секвенци на слики. Поточно, во рамките на хагиографската традиција (hagiography) при преставувањето на житијата на светителите и екуменските предводници, покрај текстуалните житија на светителите, се појавуваат посебен вид на икони кои ги нарекуваме хагиографски икони. Во нив, во централниот дел од иконата е насликан ликот на светецот, а околу централниот дел се насликани мали композиции или панели кои се “читаа” во круг од лево кон десно, од горе кон доле, од десно кон лево и од доле кон горе. Тие мали јукстапозиционирани (с)ликовни елементи се подредени едно до друго и визуелно го раскажуваат животот на светецот преку т.н. иконично синоптички експресии или депикции на есенцијалните собитија од овоземниот живот на светецот.

Хагиографски икони

Хагиографската икона е прото-стрипска енкапсулација, која како и сите икони во источната православна црква со помош на фигуралните ликовни елементи, во рамките на симболичкиот реализам, со својата сликарска експресија, го пренесува духовниот аспект на приказната. Таа содржи посведочен духовна вредност во името на доблесниот, чудотворен, богопредаден и духовен живот која ликовно се изразува преку хармоничниот цртеж која има функција, како и  стрипот, преку видливото (импресионистичкиот поттик) да говори за невидливиот (доимагинирање) човечки пад, неговиот процес на преобразување и обожение преку Христа.  Хагиографската икона, како секвценцијална уметничка форма за графичко приповедање, не само што е духовен молитвеник и морална водилка, туку со тоа што е ослободена од стегите на глаголењето, а глаголи со јазикот на сликите, преставува, за верните во Христа, и присуство на трасценентното, божественото. И иконографијата, и фрескописот, и копаничарските иконостасни резби во православната уметност го имаат истиот стрипски modus operandi.

Со други зборови, за нив, како и за стрипот, пресудна е креативноста на авторот да ја воспостави рамнотежата помеѓу видливото и невидливото. Поточно, како и кое визуелно искуство иконографот и фрескописецот ќе ни го дозволи да го восприемиме како импресионистички пиктурален поттик, а кое искуство ќе го остави скриено во gutter-от помеѓу панелите или линиите во хагиографските икони или во животописите во фреските, секако, барајќи наше венерациско и духовно созерцание и изведувајќи  наративна структурата на секвенцијалното (с)ликовно приповедање во кое пиктуралните елементи се компонирани во кадриран и раскажувачки след.   Поконкретно, хагиографската икона и животописот во фреските, како секценцијална уметност се еден вид света уметност која преку видливото (насликаното) сведочи за невидливото (сакралното) на начин, сличнен на стрипот, кои се исполнува токму во нивното соединување. Насликаното и сакралното, видливото и невидливото, историската стварност и стварноста од Царството небесно, создаденото и благодатта или со стрипски кажано – сликата и идејата.

Во православната филозофија на иконата се верува дека графичкиот приказ на спасителот или светителот не само што не е грев, туку е доволен разлог за чудотворниот миг на осветување на самата икона. Иконското почитување реферира на насликаната личност, а не на материјалната подлошка. Од овие причини, во христијанската филозофија на иконата се прави разлика помеѓу латрија (богопочитување на Христос), ипедулија (надпочитување на Мајката Божја) и венерација (почитување на светците). Во стриповидните хагиографии и фрескописи можеме да ги воочиме сите три форми на богопредаденост и поклонение. Оттука слдат и трите функции на иконите и фреските во православната уметност: дидактичка, контемплативна и посредничка функција.  [1]

45597

Иконоскаска за Богомајката

Во Македонија највпечатливи хагиографски икони се: Иконата ‘Житието на Св Ѓорѓи’ од XV век (во црква Св. Ѓорѓи, Струга) и Иконата ‘Св. Ѓорѓи со неговото житие’ насликана во 1630 година (во црква Св. Ѓорѓи, Полошко). (види слика 28 и 29.) Во Русија имаме едно впечатлива икона, која дури се нарекува иконоскаска за Богомајката, која раскажува преку јускстапозиционирани слики проследени со текстуален дел во долната маргина на илустрацијата. (види слика број 24) Од друга стрна, во многу православни храмови, воочуваме фрескописи кои раскажуваат библиски собитија на начин кои е неверојатно сличен со модерната стрип творештво. Меѓутоа, еден нов е толку животописен што при влегувањето во него оддава впечаток на надреално присуство во еден голем стрип. Како да источната православна црка е еден неверојатно голем стрип. Станува збор за Рилскиот манастир и фреските во него во кои воочуваме: посебни наративни цртежи кои содржат фрагменти од библиските собитија и се подредени во раскажувачки слкад за визуелно читање од лево ко десно каде фигуралната  нарација е дополнета со префинето стилизирани говорни ролни.

544fbc83ad27e8_05575004

Рилскиот манастир

 

Писмото на грофот Морс

zutphen_1493_groot

Писмото на грофот Морс

Во библиотеката во Зутфен во Холандија се чува еден епистоларно прото-стрипско остварување наречено Писмото на грофот Морс (Meurs) кое датира од 1493-тата година. За разлика од многуте илустрирани писма низ историјата, како оние од 1888 –мата на Van Gogh до Paul Gauguin, насликаните коњи на Frederic Remington во неговите четири писма од 1897/98, сензуалните женски торза од писмата на Julien Potier со госпоѓицата Cogniet, карикатурите во преписката помеѓу Pier Francesco Mola и Pietro Paolo Baldini, во ова Писмо на грофот Морс воочуваме не само прото-стрипска структура на (с)ликовни композиции подредени во раскажувачко континирано редоследие, туку, уште позначајно, воочуваме текстуален дел кој ја засилува фигуралната нарација, а визуелно е решен на начин кој е комплетно идетичен на визуелната форма на говорните облачиња во модерниот стрип. Поточно, говорот или дијалогот кои ги изговараат протагонистите од  Писмо на грофот Морс е врамен во стилизирано кружно говорно облаче кои го репрезентира говорот со заострена стрелка која визуелно упатува на говорникот. А овие говорни облачиња воопшто не се разликуваат од banderoles кои се појавуваат крајот на XVIII век и се прдвесници на модерните word balloons.

Холандските центпринтови како прото-стрипови

Во Холандија е зачувана и една прото-стрипска композиција на измачувањето свети Еразмо од околу 1460-тата година која измачувањето на светителот графички го прикажува преку 12 компонирани панели подредени во наративна јукстапозиција, нималку различна од техниките на визуелното раскажување кои далеку подоцна ќе станат наративено ликовен јазик на стрип творештвото.  Оваа композиција е дел од она што во Холандија се нарекувало “centsprent “или “mannekesprent” (на англиски се преведува како popular prints) и претставува предвесник на стрипот. (види слика бр. 32) Во XVI век ја имале најголемата популарност, и освен житијата на светителите, на овој (с)ликовен начин се раскажувале басните од Езоп и други народни приповетки. Од mannekesprent со сакрална венерација се сочувани: Centsprent St. Nicolaas No. 98. ca. 1840, Leven van sint Nikolass 144 од 1680 (види слика  број 33) и др. Од друга страна, centsprent или mannekesprent можеме да ги сметаме за прото-стрипски појави бидејќи, како и стрипот од златното доба, биле штампани на неквалитетна и ефтина хартија во А3 формат, претежно наменети за публика со мала куповна моќ. Самото centsprent значи принтови за една паричка.

 

 

 

 

Карикатуралните цртежи во средновековната имуминација The Smithfield Decretals и кинокефалиското прикажување св. Кристофер во источната црква

Во средновековието воочуваме две ликовно-естетички појави кои по својата раскажувачка форма не се прото-стрипови, меѓутоа илустрацискиот стил, цртежите, настаните  и ликовите се графички прикажани на еден неповторливо фантазмагоричен начин кои наликува на цртачкиот јазик во модерниот стрип. Првата таква лиовно-естетска појава ја воочуваме во византиската источно црковна уметност во која имаме древна и восхитувачка традиција на иконографско прикажување на Св. Кристофер како силен и висок светец воин со глава на куче. (cynocephaly). Руската православна црква во XVIII го забрани овој начин на прикажување на светителот, а во западнат црка се прикажува со човечки лик онака како сугерира и неговото име и легендата од неговото житие: оној-кој-го-носи-Христос-на-рамена. (Christopher, the “Christ-carrier). Иако современата наука уверува дека кучоглавоста на св. Кристофер е последица на преведувачка несмасност во некој скрипториум (“Caïnite” – sons of Cain,  “Canaanite”(cananeus) – giants of Canaan, and “Caninite” (canineus)—Dog-men,  ), сепак оваа впечатлива кинокефалиска иконографија, која може да се најде и во ерменските икони и манискрипти каде се прикажува духовден или педесетницата, преставува иконографски пример за хибридно суштество или т.н. theriocephaly (ѕвероглавост) која ќе стане најрепрезетативна пикторијална практика во модерниот стрип. Во прилог на ова доволно е да се сетиме на: Шиљо на Дизни, Кинокефалите во The Incal на Jodorowsky и Moebius, Кучеглавиот од Ghost Rider, Dog Boy на Steve Lafler и многу други анимирани и стрип ликовови од поп-културата на XX

Kинокефалиското прикажување св. Кристофер во источната црква

Во западната христијанска традиција вочуваме еден класичен илустриран ракопис со наслов  Decretals of Gregory IX with glossa ordinaria           или попознат како The ‘Smithfield Decretals’ напишан од страна на Raymund of Peñafort и Bernard of Parma кој е напишан на латински во  готички стил, а потекнува од Франција од периодот околу крајот на XIII и почетокот XIV век. Има голем број зачувани вакви папски декрети, но она што е за нас интересно е што илустраираните минајатури и ликовни декорации содржат сцени од еден прилично стрипски, сатиричен и карикатурален свет. Поточно, илустрациите во The Smithfield Decretals говорат за т.н. Mondo alla rovescia (Наопачки свет) кој преставува имагинативна и артистичка креација, придружена со раскажана приказна на лиетратурно и иконографско рамниште каде во светот помеѓу луѓето и животните се е радикално наопаку и во поглед на општествените улоги и и во поглед на социјалните релации. Наопачкиот свет од  The Smithfield Decretals содржи ексцентрични и бизарни сцени на пастори животи, пијани ермити, летечки риби, одење на глава, сексуални настраности и сл. Иако оваа стрипски предвесник на сатира и карикатуралност има аполошка, а не субверзивна функција како модерната стрип-сатира и карикатура, сепак концептот на (с)ликовно прикажување на последиците од подривањето на општествените вредности и општествената хиерархија преку графички трансгресивна фикција за еден наопачки свет пореметен социјален и симболички свет може да се смета за една од најрепрезетатив пикторијал практика во модерниот стрип и карикатура.

 

Заклучок

Прото-стриповите ни овозможуваат и подобро да ја разбереме самата природа на стрипот.  Поточно неговиот modus operandi.  Историјата на ликовно–наративните родови во форматите за кои говоревме како медиуми на стрипска изразност нагледно ни предочуваат дека без разлика на материјалниот носител, природата на стрипот се остварува во двете клучни рецептивни доживувања и можности: а) (до)имагинирањето што го овозможува импресионистичкиот пиктурален поттик (call) и празниот рецептивен простот меѓу панелите (response) и б) секвенцијално континуирање преку и (с)ликовното проседе за раскажување. Овие остварувања од средновековната историја на црковното графичко раскажување, во кои препознавме структурален зародиш и родов предвесник на модерниот стрип, ни овозможуваат заклучно да согледаме дека стрипот како медиум за раскажување е далеку постар наратолошки модел со богата и извесна предисторја.  Средновековната графичка литература и нејзините стриповидни дострели не само што ги поставуваат структуралните елементи на модерната стрип иконографија, туку покажува дека визуелното раскажување може да содржи книжевни теми, литерарни функции, интертекстуалност, херменевтички потенцијал и сл. кои не подразбираат исклучиво млади читатели и не подразбираат исклучиво хумористични содржини. Со други зборови, христољубната венерација во графичките четива на средновековието упатува на фактот дека приповедањето преку кадрирани слики може да биде комплексна и уверлива дидактичка, идеолошка и контемплативна техника на приповедање. Пред-историјата на стрипот како девета уметност е еден од темелите на неговата вредност, естетички легитимитет и општествен потенцијал.

Референци

Barker, Martin. Comics: Ideology, Power, and the Critics, Manchester University Press, 1989.

Bongco, Mila. Reading Comics: Language, Culture, and the Concept of the Superhero in Comic Books. Taylor & Francis, 2000.

Carter, John. An ABC for Book Collectors. Oak Knoll Books, Delaware, and British Library, London, 2006.

Duncan, Randy and Matthew J. Smith, The Power of Comics: History, Form and Culture, The Continuum International Publishing Group Inc, New York, 2009.

Eisner. Will, Comics and sequential art, Poorhouse Press, 2000.

Gravett, Paul. 1001 Comics you must read…..: Ultimate Guide to Comic books, Graphic novels, Comic strips and Manga, Cassel Illustrated, London, 2014.  

Harvey, Robert C. The Art of the Comic Book: An Aesthetic History, University Press of Mississippi, 1996

History of Early Dutch Comics “from the series Lambiek’s Illustrated History of Dutch Comics , 1994-2010.

McCloud, Scott.Understanding Comics: The Invisible Art, New York, HarperPerennial, 1993.

McCloud, Scott.Reinventing Comics, How Imagination and Technology Are Revolutionizing an Art Form, New York, Paradox Press, 2000.

McCloud, Scott.Making Comics Storytelling:Secrets of Comics, Manga and Graphic Novels, New York, Harper,  2006.

McCloud, Scott.  ‘The visual magic of comics’, Talk Video, Lecturing in: TED2005 • 17:08 • Filmed Feb 2005, < http://www.ted.com/talks/scott_mccloud_on_comics&gt;

Mertens Sabine et al., Blockbücher des Mittelalters: Bilderfolgen als Lektüre:Gutenberg-Museum, Mainz, 22. Juni 1991 bis 1. September 1991 , Verlag Philipp Von Zabern, 1991. Catalog of exhibition of block books, with a census of all known copies.

<http://www.blockmuseum.northwestern.edu/about/publications/ >

Munitić, Ranko.Strip, deveta umjetnost,Udruga za popularizaciju hrvatskog stripa ART 9, 2010

Османли, Томислав.“Стрип запис со човечи лик: Антропоморфизмот на стрипот, Скопје, Култура, 2002.

Petersen, Robert.  Comics, Manga, and Graphic Novels: A History of Graphic Narratives, Praeger, 2010.

Pageau, Jonathan. “Understanding The Dog-Headed Icon of St-Christopher”, Orthodox Arts Journal 2017. <https://www.orthodoxartsjournal.org/the-icon-of-st-christopher/ >

Саенкова, Е. М. “Житийная икона”, Православная Энциклопедия под редакцией Патриарха Московского, on line article < http://www.pravenc.ru/text/182315.html >

Sousanis, Nick.  Unflattening: A Visual-Verbal Inquiry into Learning in Many Dimension. Harvard University Press, 2015.

Wertham, Fredric. Seduction of the Innocent, New York, Rinehart & Co., 1954.

Whitaker, Steve. The Encyclopedi a of Cartooning Techniques, Running Pr, 1994.

 

Endnotes

[1] Paul Gravett, 1001 Comics you must read: the Ultimate Guide to Comic books, Graphic novels, Comic strips and Manga, Cassell Illustrated, London, 2014.

[2] Видете и споредете; Robert Petersen, Comics, Manga, and Graphic Novels: A History of Graphic Narratives, Praeger, 2010, 14-20; Randy Duncan and Matthew J. Smith, The Power of Comics: History, Form and Culture, The Continuum International Publishing Group Inc, New York, 2009, 7-8; Will Eisner, Comics and sequential art Eisner. Poorhouse Press, 2000, 1-5; Scott, McCloud, Understanding Comics: The Invisible Art, New York, HarperPerennial, 1993, 8-9.

[3] Повеќето посветени љубители на стрип-културата знаат за разорната книга Seduction of the Innocent од амер. психијатар со германско потекло Fredric Wertham објавена во 1954 во која стриповите беа прогласени за нездрава кич “литература” дирекно одговорна за зголемениот опсег на криминал и малолетничка деликвенција во 50-сетите години во САД. По овој “научен” best sellers, книгата не само што беше земена за сериозна од интелектуалната јавност, авторитетите во општеството и родителите, туку предизвика таков општествен аларм и неразбирлива хистерија која резултираше со радикална кампања за цензура и забрана на стриповите, проследена со ритуалните сулуди церемонијални палења на стриповите и нивно јавно жигосување како опасен феномен. По ова, Сенатот на САД формираше подкомитет за истражување на малолетничката деликвенција и истиот во 1954та го одржа познатите инквизициски сослушувања на стрип – издавачите по кои тие, под политички притосок на тотална забрана, усвоија авто-цензорно тело со авто-цензорен код (1954 Code criteria) по кој стрип-културата доживеа стрмоглав пад. Нешто слично се случила и 20 години покасно во Југославија. Имено, 1971 во Крагуевац е одржан маоистички Конгрес на културната акција каде радикално се осудиле сите категории на популарната култура како чист шунд и кич и дополнително од властите е побарано воведување на Закон против шундот (Закон за измена и дополнување на законот за републички данок на промет на стока на мало). Конгресот, како одредена младинска културна акција го надгледувала (читај; организира) тогашниот секретар на Сојузот на Комунистите на Србија, другарката Латинка Перовиќ. Во знак на поддршка на борбата против “лошиот литературен вкус”, “народот” излезен сред Крагуевац и пред зградата каде се одвивал конгресот, ритуално во процесија ги спалува во егзалтација сите стрип и pulp примероци на “лесна” и неподобна литература. Така 1971та година во Југославија горат: Тарзан, библиотеката Лале, рото-романите, популарните магазини и др.

[4] Nick Sousanis, Unflattening: A Visual-Verbal Inquiry into Learning in Many Dimension, Harvard University Press, 2015. Unflattening е епистемолошка и педагошка студија во ликовен наративен низ која не претставува метастрип како делата на Scott McCloud на директен начин, туку на уште повиоко ниво авторот говори за вредноста на (с)ликовната артикулација на мислата и капацитетот на секвенцијалната уметност да биде легитимна дидактичка алтернатива на вербално-текстуалната паидеиа на нашево време. Оваа книга го легитимира стрипот и како уметнички формат, но и како критичка практика во форма на една нова дискурзивна стратегија.  Во САД овоj начин на вообликување се нарекув essay-as-comic. Во нашата литературна критика и теорија оваа техника на раскажување е блиска до она што може да се нарече книжевен бриколаж со интерпикторалност, наместо интертекстуалност. Но, во овие матастриспки дела или essay-as-comic, текстуалниот дел е секогаш суплементација на (с)ликовниот јазик. Затоа не може да стане збор за поддржана литература. Мора да говориме или за бимодална/мултимодална литература или пак за класичен стрип.

[5] Моргановата библија е илустрирана во 46 фолии, а содржи цртежи во боја на собитија од хебрејските свети текстови сместени во мизансцен од обичаи и практики во Франција од XIII век. Секако, прикажани во христијанска перспектива. Нацртаните сцени се опколени со текст на три писма и 5 јазици (латински, персиски, арапски, јудео-персиски и хебрејски). Четириесет и три фолии од Моргановата библија се чуваат во Pierpont Morgan Library, две во Bibliothèque nationale de France, а последната во J. Paul Getty Museum во Los Angeles.

[6] Моргановата библија во дигитален формат на следниов линк <http://www.themorgan.org/collection/Crusader-Bible/thumbs&gt;

[7] Apocalypse Picture Book Additional 19896 е дигитално достапна на следниов линк

<https://www.bl.uk/catalogues/illuminatedmanuscripts/record.asp?MSID=8185&CollID=27&NStart=19896&gt;

[8] Hours of Jeanne d’Evreux е достапен на следниов линк во дигитален формат

< http://www.metmuseum.org/toah/works-of-art/54.1.2/ >

[9] Sabine Mertens et al., Blockbücher des Mittelalters: Bilderfolgen als Lektüre:Gutenberg-Museum, Mainz, 22. Juni 1991 bis 1. September 1991 , Verlag Philipp Von Zabern, 1991.Catalog of exhibition of block books, with a census of all known copies.

[10] Дигитално достапна на следниов линк < http://cudl.lib.cam.ac.uk/view/PR-INC-00003-04245/1 >

[11] Дигитално достапна на следниов линк

< http://daten.digitale-sammlungen.de/~db/0003/bsb00039962/images/index.html >

[12] Дигитално достапна на следниов линк

< http://daten.digitale-sammlungen.de/~db/0003/bsb00039963/images/index.html >

[13] Дигитално достапни на следниов линк

< http://daten.digitale-sammlungen.de/~db/0003/bsb00039968/images/index.html >

[14] Љубомир Милетич: “Една българска Александрия от 1810 год.” (Български старини XIII), стр. 48, Софија, 1936

[15] Догиталната верзија е доспна на

 <http://www.bl.uk/catalogues/illuminatedmanuscripts/record.asp?MSID=7948&CollID=16&NStart=200105&gt;

[6] Е. М. Саенкова, Житийная икона, Православная Энциклопедия под редакцией Патриарха Московского, on line article < http://www.pravenc.ru/text/182315.html >