Стапицата на Фукујама и смртта на политичкиот роматизам

Доц. д-р Бошко Караџов

Стапицата на Фукујама и смртта на политичкиот роматизам

                                                              Политиката е пресериозна работа, за да им ја оставиме само на политичарите – Де Гол

Апстракт

            Во оваа научна статија ќе се обидеме да ја предочиме задачата на политичката филозофија во 21 век. Имено, денес, во идеолошки контекст, ја живееме стапицата на Френсис Фукујама убедени дека подобрата организација на животот во големиот полис е возможна само во рамките на либералната демократија. Силата на неговиот проглас за крајот на историјата, како и наивното вложување во ничеанските либидинални политики за еманципација на желбата во постмодерната политичка филозофија, предзвикаа констернација на политичкиот романтизам. Филозофите на политиката престанаа да ги сонуваат невозможните соништа. Слободарската еманципација и автентичниот хуманизам станаа заложници на две опасни гротески: кабинетското академско левичарење и реституираните автократии. Затоа, ќе се обидеме, низ подзаборавените  филозофи-сонувачи на новиот политички свет, да потсетиме дека е дојдено вистинско време за  повторно размислување за невозможното. Оттргнувањето од замката за крајот на политичките идеологии е новиот императив на политичката филозофија. Ургентното милосрдие како метафоричка сентименталност нѐ исфрла во лажна дилема: храна или теорија. Но, ниеден практичен проблем не се решава без филозофска рефлексија. Нема хуманизам и слобода без промисла. Политичката доблест без идеен терор е неефикасна. Оттука, оваа статија ќе биде обид за апологија на потребата од нов, отсонуван, бунтољубен политички романтизам и неговата идеолошка ноуменологија

Клучни зборови: крајот на историјата, постидеологија, постисторија, политички романтизам, постлевица, реституција на автократии, идеолошки стапиции итн.

 


Вовед

Филозофската рефлексија на политичкото несомнено ја живее стапицата на Френсис Фукујама (Francis Fukuyama). Толку безизлезна, што прогласот од насловот на оваа студија за “смртта на политичкиот романтизам” се чини комплетно уверлив, но немерно загрижувачки. Поминаа скоро 30-сетина години од неговиот есеј “Крајот на Историјата”Francis Fukuyama, May 2011 публикувн во The National Interest, и неговото пророчка објава дека: “…ова сега [либералната демократија] е крајната точка на идеолошката еволуција на човештвото“[1]. И тогаш, па се до денеес, неговата објава не беше поштедена од секаков вид на критика: та историјата не можела да престане, та не го разбрал Хегела, та го читал од втора рака преку Александар Кожев (Alexandre Kojève), та за каков ли крај на емаципациските дискурси говори кога страдањата и субмисиите околу нас се воочливи како никогаш досега. И Дерида во Specters of Marx[2] и Пери Андресон (Perry R. Anderson) од британската нова левица[3] во неговата American Foreign Policy and Its Thinkers[4] уверуваа дека политичкото евангелие на Фукујама и неговата миленаристичка идеја за Крајот е само провиден обид за “интелектуална” поддршка на запaдната хегемонија. Па дури и Хуго Чавез во Генералното собрание на ООН во 2006-та, покрај алегориите за ѓаволот и цитирањето на Чомски, увереуваше и дека неговата Венецуела ја разори идејата за крајот на историјата. [5]

Меѓутоа, имам чувство дека овие автори, во сиот свој пискот, како да не ја дофаќаат релативно едноставната, но, вознемирувачки кохерентна идеја на Фукујама. А таа идеја е токму неговиот став дека борбата за основните начела на човековата политичка заедница е завршена. Уверен дека историските придобивски на либералната демократија се во принцип ненадминливи, Фукујама ја смета либералната демократија за финалниот облик на најправедно општествено – политичко уредување. Нема политички свет, суштински различен од овој, а едновремено подобар. Неправдите се само недоследност кон начелата, а не нивна идејна и интристична слабост.[6] Фукујама не говори за настани и за Крајот на историјата како повест. Фукујама не говори ниту за повесна нужност за универзализација на либералната демократија, туку за Крајот на идејните и идеолошките претензии кон повисоки форми на општествено уредување. Западната либерална демократија, со својот елегантен баланс помеѓу слободата и еднаквоста, не може да се надгради.[7] Ова стојалиште во принцип не е поразлично од воопштените зборови на стариот добар Винстон Черчил дека демократијата е еден од најлошите облици на владеење, освен од сите оние кои досега ги испробавме.

Неспорно дека Фукујама е политички неоконзервативец, неспорно е дека беше протеже на Алан Блум (Allan Bloom), ученикот на Лео Штраус (Leo Strauss) и автор на влијателната библија на новоконзервативизмот The Closing of the American Mind. Неспорно беше истражувач за Rand Corporation – тинг тенгот на америкнаскиот воено индустриски комплекс. Точно е дека го следеше неговиот ментор Пол Волфовиц кога влезе во администрацијата на Роналд Реган. И секако дека е наивно неговото верување дека класните прашања се надминати во САД. Меѓутоа, сите овие податоци, кои се во основа argumentum ad hominem, не можат да ја оповргнат идејата дека историјата како идеологија го досегнала својот телос. Фукујама не тврди дека е крај на идеологијата per se, туку дека еволуцијата нѐ доведе до најдобрата и тоа е Крајот. Тоа е политичкиот есхатон.

Стапицата на Фукујама и новата левица

По окупацијата на Вол Стрит од 2011г. се воочи една екстернализација на политичката страст за нови односи и нови институции. Алан Бадју (Alain Badiou) во The Rebirth of History[8] and Шејмас Милн (Seumas Milne)[9] во есеите насловени како The Revenge of History[10] веќе заклучија дека нов политички поредок е на повидок.   Меѓутоа, не увидоа дека тие протести немаа еднообразна стратегија. Нивниот порив беше радикален, но неодредлив (разногласлив) во техничка и практичка политичка смисла. На протестите имаше низа идеолошки крила и стојалишта: традиционални левичари, екстремини левичари, маоисти, демократски социјалисти, комунисти, демократи, синдикалисти, анархисти, либерали, постлефтисти, мултукултуралисти, афро-американски активисти, антимонетаристи, антиглобалисти, неокејзијанци и мн. други групи. Нивните конзистентни внатре идеолошки и идејни програми остро се разликуваат. Оттука овие протести имаа проблем со идеолошка сообразба на идејните дивергенциите, како и со артикулацијата на политичкиот плурал. Исходница немаше. Страста за превреднување спласна. Покрај овие технички проблеми постои и еден сериозен проблем на идејно рамниште. А тоа е стапицата на Фукујама. Во што таа се состои?

Овој извадок од крајот на Крајот на историјата добро ја илустрира стапицата:

“Крајот на историјата ќе биде навистина многу тажно време. Борбите за признавање, спремноста да се ризкува животот за потполно апстракна цел, светската идеолошка борба која бара одважност, храброст, имагинација и идеализам ќе бидат заменети со економските калкулации, со бескрајното разрешување на техничките проблеми, со грижи за здравата околина и со задовослтвото од реализираните барања на новиот софистициран конзумент.” [11]

100-7Oва е опис  на нашето време кое го живееме. Ова е стапицата. Фукујама продолжува: “во пост-историјата, нема да има ниту уметноста, ниту филозофијата,…само контрола врз музејот на човечката историја. Веќе чувствувам во себе силна носталгија за времето кога Историјата постоеше”.[12]

Со други зборови, токму онака како што Даниел Бел (Daniel Bell), иако воден од други, далеку попрактични разлози (цезурата на неговото време), предочи во колекцијата есеи насловени како Крајот на идеологијата (The End of Ideology: On the Exhaustion of Political Ideas in the Fifties) дека политичкото општество полека се откажува од старите политички откровенија и х(к)илијастички визии. Старата политичка страст за нив, на запад, е одамна потрошена.[13]

Затоа сметам дека нема прогресивна димензија и во нашето политичко време. Политичкиот романтизам умира затоа што сите ние сме во Фукујамовата стапица. Уверени дека во основа ја досегнавме, ако не најдобрата, тогаш сигурно најмалку лошата политичка формула од сите досега испробани. А тоа е либералната демократија и капитализмот со елементите на држава на благосостојба. Сите сме заробени во оваа стапица. Неспорни се политичките дефилеа на борбата против формите на исклучивост, но, во основа, прифативме, фукујамистички, дека за подобриот свет и подоброто општество, можеш да мислиш и да делуваш, само во постоечкиот систем. Нема ништо надовр од неговата Идеја за Крајот. Тука е нашата политичка филозофија фатена во неговата стапица. Уверени во Крајот на историјата, се убедивме дека подобрата организација на животот во големиот полис е возможна само во рамките на либералната демократија.

Силата на неговиот проглас за Крајот на историјата предзвикаа констернација на политичкиот романтизам. Филозофите на политиката престанаа да ги сонуваат невозможните соништа. Филозофите престаа да бидат реални и да го бараат невозможното. Слободарската еманципација и автентичниот хуманизам станаа заложници на три опасни појави. Како прво, реституциите на автократиите. Од азискиот капитализам на кој не му треба демократија до европските популистични општества на носталгијата кон цврстата рака. Второ, интернализацијата на политичкиот агон која доведе до идејата дека штом не можеме да го убиеме полицаецот во нашата глава на начин што ќе ја собориме власта во колективен револуционерен чин, тогаш секој сам како посебен личен индивидуален чин во приватно и интимно искуство ќе се справи со своите контролни и манипулативни механизми кои се вменати во неговата глава. На овој начин, политичката револуција стана лична револуција. Од јавно кон приватно. Сосема погубно, бидејќи политичката промена се случува само кога приватното станува јавно. (пример со маргинализраните групи: црнци, жени, хомосексуалци). Наивноста дека со интернализацијата ќе се создаде ново Јаство, а со новото Јаство и ново праведно општество, денес е веќе несомнена.

Од друга страна и во постмодерната филозофија на политиката можеме да воочиме интернализација на политичкиот агон. Лиотар во Белешки за враќањето на Капиталот (исто како и во Libidinal Economy) сугерирааа одредена вондејствено повнатрешнување на политичкото, велејќи: “еве ги луѓето на ‘изобилието’, ‘господарите’ на денешницата: маргиналци, експериментални сликари, поп, хипи и јапи, паразити и лудаци, и нуркачи по контејнери… еден час од нивните животи нуди повеќе интезитет отколку тристотини илјади зборови на професионален филозоф. Повеќе ничеански од читателите на Ниче.”[14] Тој се спротстави на политичкото левичарство со ничеанската политика на интезитети. Го критикуваше Адорно дека од политичката пранга на капиталот не нѐ извлекува нихилистичката критика, туку либидиналното вложување. Лиотар уверуваше дека не ни треба еманципација на трудот, туку еманципација на желбата. Политичкиот супримат се погубува само со Убавина и Страст.[15]

И секако, трето, неодрживоста на идејата на државата на благосостојба кај т.н. системска левица. На овие тешкотии во скоро сите јавни настапи предупредува Жижек уверувајќи дека државата на благосостојба денес се потешко функционира. За неа се нужни фискална дисциплина и националниот пазар. Во глобален пазар, каде може да се сели капиталот, социјалните трансфери од пропорционалното оданочување стануват неверојатно неодрживи. [16]

Фукујамовата стапица не ни дозволува промислување и преоблукување на политичкото. Ни дава се помалку шанси за еден автентичен хуманизам. Но, нам ни треба токму тоа. Нам ни треба промислување, реобмислување, прочистување, одкоренување, превреднување. Повикот кон итно милосрдие и солидарност е дефетистичка правдољубивост. Тука политичката филозофија на новата левица е неавтентична и заробена. Затоа што не е реобмислен и ретеоретизиран концептот на милосрдие и солидарност. Не ме терајте да ги сакам, ако веќе правите нешто, направете да ги нема, велеше проникливо Оскар Вајлд за социјално ранливите. Жижек е еден од ретките кој почна прв да пишува за ова, меѓутоа неговата амбигвитетна филозофија и естраден дискурс само ја засенуваат јасната идеја за потребата од Новата промисла.

Оттргнувањето од замката за крајот на политичките идеологии и системи е новиот императив на политичката филозофија на нашето време. Ургентното милосрдие како метафоричка сентименталност нѐ исфрла во лажна дилема: храна или теорија. Но, ниеден практичен проблем не се решава без филозофска рефлексија. Нема хуманизам и слобода без промисла. Политичката доблест без идеен терор е неефикасна. Денес имаме ургентна потребата од нов, отсонуван, бунтољубен политички романтизам, а неговата идеолошка ноуменологија е следнава: филозофијата на политиката треба да биде еден отсонуван политички романтизам. Политичкиот романтизам мора да биде идеологија/систем на идеи кои индивудуалната (често и општествена волја) ќе ја насочи кон врвосходно идното, кон утопиското, кон целољубното, кон крајновредното, кон невозможното.

За(клуч)ок: зошто мора да сонуваме?

Секоја идеологија е утопија, но не секоја утопија е идеологија. Утопиското е телос на идеолошката свест. Кога во систем на идеи ќе ја снема целесообразната интенција, кога прогресивната проекција ќе престане да биде дел од културно-социјалното делување, тогаш идеолошката свест без укронијата на својата акција, без прото-аркадичност, без самата у(в)-топеност во у-утопија станува литература. Едноставно, идеологијата станува книжевност, херменевтика, светоглед, на(д)глед на општествената стварност, едно самотеоретско – тихувачко (исихастичко)  безпрактично и вондејствено созерцание. Идеологијата без утопија е политички неостварлива. Штом идеологијата не е дел од мотивациското среде на единката, штом таа не ја поттикнува неговата политичка акција, тогаш идеологијата доживува филозофикација. Овој софиофаниски карактер на идеологијата како (не)дидактичка бајка се самокреира во момент кога ќе напушти друга бајка – самото утописко.

Затоа, уверувам дека: идеологијата е неостварлива, беспрактична кога ќе се откаже од невозможното. Идеологијата станува имагинација кога ќе престане да имагинира. Идеологијата станува нереална кога ќе се откаже од нереалното. Идеологијата е невозможна без невозможното.

Оттука предлагам, ние филозофите на политичкото, повторно да почнеме да зборуваме за старите добри политички сонувачи. Повторно да зборуваме за она што ни се чини невозможно. Ајде повторно да говориме за Фридрих Хајек (Friedrich Hayek) и неговата Каталаксија од The Mirage of Social Justice. Ајде повторно да говориме за Роберт Нозик (Robert Nozick) и демонополизацијата на државата од култаната Анархија, држава и утопија. Да говориме за Милтон Фридман и образовните ваучери или неговата  night-watchman state. Ајде за Екотопијата на Ернест Каленбах. Ајде за Jacque Fresco (Жак Фреско) и неговиот The Venus Project. За cybernation и неговата resource-based economy. Ајде за трансхуманизмот и користењето на емергетивните технологии кои би не довеле до т.н. пост-човек. Филозофијата на политичкото може  да се оттргне од стапицата на Фукујама само со интензивирање на радикалните дискурзивни практики.

Ние кои искусивме во историска практика: сурови етатизми, декадентни распаметени редистрибуции, ужасни неправди при трансформации на капиталот, козомори и сл. пол. – економски решенија, треба да бидеме предводници во укажувањето на ургентната потреба од новата промисла и новиот политички романтизам.

Референци

Anderson, Perry R. American Foreign Policy and Its Thinkers, London: Verso, 2015.

Badiou, Alain.  The Rebirth of History: Times of Riots and Uprisings, transl. by Gregory Elliott, New York: Verso, 2012.

Bell, Daniel. The End of Ideology: On the Exhaustion of Political Ideas in the Fifties, Free Pres, 1960.

Derrida, J. Specters of Marx: State of the Debt, the Work of Mourning and the New International. Routledge. London, 1994.

 Fukuyama, F. “The End of History?”, The National Interest (Summer 1989)

 Фукујама, Ф.  Крајот на историјата и последниот човек. Скопје: Култура, 1994.

Fukuyama, F „ A Reply to My Critics“. The National Interest 17 (1989) <http://www.wesjones.com/eoh_reply.htm&gt;

 Milne, Seumas.  The Revenge of History: The Battle for the Twenty-First Century, Verso, London, 2012.

Žižek, Slavoj. Living in the End Times, Verso Books, London, 2010.

[1] Francis Fukuyama, “The End of History?”, The National Interest (Summer 1989): 3-4.

[2] Jacques Derrida, Specters of Marx: State of the Debt, the Work of Mourning and the New International. Routledge. London, 1994.

[3] Пери Андерсон е брат на, во нашата јавност далеку попознатиот, Бенедикт Андерсон (Benedict Anderson) авторот на влијателната студија Imagined Communities: Reflections on the Origin and Spread of Nationalism

[4] Perry R. Anderson, American Foreign Policy and Its Thinkers, London: Verso, 2015.

[5] Говорот е достапен на следниов линк во аудио формат <http://www.un.org/webcast/ga/61/gastatement20.shtml >

[6] Споредете; Френсис Фукујама,  Крајот на историјата и последниот човек. Скопје: Култура, 1994.

[7] Francis Fukuyama, „ A Reply to My Critics“. The National Interest 17 (1989) <http://www.wesjones.com/eoh_reply.htm&gt;

[8] Alain Badiou, The Rebirth of History: Times of Riots and Uprisings, transl. by Gregory Elliott, New York: Verso, 2012.

[9] Шејмас Милн e директор за комуникации и односи со јавноста на новоизбраниот лидер на Работничката партија во Британија Џереми Корбин и неодамна стана познат по аферата за неговиот син и елитното приватно училиште за граматика.

[10] Seumas Milne, The Revenge of History: The Battle for the Twenty-First Century, Verso, London, 2012.

[11] Francis Fukuyama, “The End of History?”, The National Interest (Summer 1989): 17-18.

[12] Ibid.

[13] Видете; Daniel Bell, The End of Ideology: On the Exhaustion of Political Ideas in the Fifties, Free Pres, 1960.

[14]Lyotard, Белешки за враќањето на Капиталот, цит. според: Стивен Бест и  Даглас Келнер, Постмодерна теорија,  Култура, Скопје, 1996, 221.

[15] Токму онака како што назначија Мизар во култните стихови на Армакедон од албумот Кобна убавина: Зад мене летаат сили и престоли/бегајте гнасни ѕверој, змии, гуштери! Одвнатре бликнува Твојата светлина:/ќе ги погубиме со убавина! Или пак како што Бертолучи покажа во Сонувачи дека симболиката на 69 е посилна од онаа на 68.

[16] Slavoj Žižek, Interview with Slavoj Zizekin: The Anti-Capitalism Reader (ed.) J. Schalt Akashic Books New York, 2002.

*овој научни реферат беше приложен на Светскиот ден на филозофијата на 20 ноември 2015 година во рамките на научниот симпозиум Филозофија и политика во организација на ФДМ и Институтот за филозофија