РАЗМАКЕДОНЧУВАЊЕ ИЛИ ЗА ПОСТОЕЊЕТО КАКО ФУСНОТА СО ЦРТИЧКА БЕЗ ПОВОД

РАЗМАКЕДОНЧУВАЊЕ ИЛИ ЗА ПОСТОЕЊЕТО КАКО ФУСНОТА СО ЦРТИЧКА БЕЗ ПОВОД

-д-р Бошко Караџов-

-дотековме, дотрчавме, доклинкавме-

 

Ој, Македонијо, малодушна и кибарна,
кај ти е без нас алот!

  • Гане Тодоровски

“The hottest places in hell are reserved for those who, in times of great moral crisis, maintain their neutrality.” 
― 
Dante Alighieri

 

Пролог

I Природата на недоразбирањето: Мелијанците и Атињаните

Тукидид (Thucydides) во неговата Историја на пелопонеските војни прикажува една драматизација на преговорите помеѓу емисарите на Атина и политичките преставници на Мелијанците од островот Милос (Melos/Milos) за време на војната помеѓу Пелопонескиот и Делијанскиот сојуз во V век п.н.е. Драматизација која го носи ироничниот наслов Мелијански дијалог. Овој ‘дијалог’ помеѓу Атињаните кои со огромна воена сила се истовараат на островот и Мелијанците кои се повикуваат на честитост и одважност вознемирувачки потсетува на нашиот децениски спор со Атињаните.

Синопсис

Атињаните поставуваат безусловен ултиматум: предајте се и изразете чест за нас или ќе бидете уништени! Немаме време за ‘дијалог’ околу моралноста на ситуацијата бидејќи силата го чини правото.

Мелијанците: Ние сме неутрални и не сме непријатели. Немате потреба да не покорите. Ние не сакаме да се мешаме во вашите работи со Спарта.

Атињаните: Ако ја прифатиме вашата неутралност, во очите на нашите непријатели и пријатели, ќе покажеме само слабост.

Мелијанците: Ние имаме чест. Би било срамно ако се покориме без борба.

Атињаните: Нема ништо срамно ако му се покорите на соперник кој е надмоќен и кои не можете да го победите.  Мелијанците: Да, посилни сте. Но имаме мали шанси да ве поразиме.

Атињаните: Расудувате со срце, не со ум.  Кратковидни сте. Ако бидете поразени, а ќе бидете, само ќе зажалите за вашиот неоснован оптимизам.

Мелијанците: Но, нам ќе ни помогнат Боговите бидејќи нашата позиција е праведна. А Боговите се милостиви за праведниците.

Атињаните: Боговите нема да се мешаат оти е редот таков: силниот да владее со слабиот.

Мелијанците: Спартанците ќе застанат во наша одбрана.

Атињаните: Не, тие е практични луѓе. Никогаш себе си не се доведуваат во опасност ако нивните лични интереси не се загрозени.

Атињаните: Не го разбираме вашето отсутство на прагматичност и согледување на реалноста. Не е срамно обезчествување доколку се покорите пред разумните услови кои ги нудиме.

Епилог: Мелијанците остануваат на ставот за честа и гордоста. А Атињаните на ставот за правото на силата. И честољубивите островјани доживуваат страшен пораз: сите мажи се убиени, а жените и децата се продадени во ропство.

Во меѓународната политика овој дијалог се смета за пример на политички реализам каде правото на силата е неприкосновено бидејќи: силните го прават тоа што можат, а слабите тоа што мораат. Доволно е само место Мелијанците да ставиме Скопјаните и веднаш ќе ја добиеме децениската преговарачка слика од нашето недоразбирање со Атињаните. Оттука сосема е јасна пораката на скорешниот текст на Денко Малевски насловен како Македонскиот и мелијанскиот дијалог дека нѐ очекува мелијанската судбина доколку не ги прифатиме разумните предлози на посилниот и не дај боже ни надвладее лажната морална сентименталност над ‘компромисната’ политичка прагматичност.

Меѓутоа, не само што Малевски не втурнува во, за нас лажна мелијанска дилема (false dilemma) – смрт или покорност, не само што користи класична пропагандна реторика на ургентност – сега е моментот или апокалипсата е пред портите, не само што погрешно уверува дека покорноста пред посилниот е морална позиција, а првото (па и меѓународното) само релација помеѓу рамнопрестолни по сила, туку воопшто не задира во суштината на нашето недоразбирање. А тоа е симболичката непомирливост. Таа покажува дека ние се наоѓаме во уште понеповолна ситуација од мелијанците, а неговата мелијанска стратегија, ништо повеќе од една резигнација. Но, не во психолошка смисла на потиштеност, туку токму етимолошки re-signare како повлекување/предавање од signum-от или полето каде се бориш.  Но, да почнеме од почеток.

II Симболичката непомирливост: Nomen est omen vs Erga omnes    

34689856_10217099356462328_6605599017655074816_nСпорот за името во кој се најдовме, како и нашето недоразбирање со официјалната грчка политика е толку изострено непомирливо, по што било каков оптимизам за поволно решавање е комплетно наивен. Пред повеќе години, во колумна за дневниот весник Нова Македонија се обидов да ја предочам, како тогаш ја нареков, симболичкита непомирливост на овој спор. Дел од тие согледби ќе повторам тука. Имено, спорот, иако често и пропагандно се претставуваше како технички или политички спор per se, сепак истиот пресудно и беспримерно  допира/нормира/(ре)дефинира во суштинските области на јазичната култура, идентитетската (по)себност, националното (себе)препознавање или воопштено кажано севкупниот наш политички субјективитет.

Спорот првенствено, но и супстанцијално, извира од изворната симболична непомирливост. Таа него го прави да претставува еден вид борба за означителот. Да бидам појасен. Имено во рамките на структуралната лингвистика, особено со семиотиката на Фердинад де Сосир е поставен еден дијадички (дводелен) модел/теорија која е општо прифатена. Во неа знакот/симболот е составен од: 1) ОЗНАЧИТЕЛ (signifier) или  и 2) ОЗНАЧЕНО (signified). Означителот е формата во која се појавува знакот, а означеното е поимот/концептот/замислата која знакот ја претставува. Односнo, секој знак/симбол е сооднос на означителот како материјално-формален носител и означеното како иматеријалната смисла на знакот/симболот. Во спорот за името со Грција, на симболичко рамниште, ја имаме недвосмислената и доследна грчка позиција која ја спори нашата релација: означител-означено. Поточно, името “Македонија” како означител и нашето “самосознаено самопрепознавање како јазично-културно историско и политичко НИЕ” како означено.

I ОЗНАЧИТЕЛ=МАКЕДОНИЈА/Μακεδονία/ИМЕТО

II ОЗНАЧЕНО=НИЕ/ПОЛИТИЧКИ СУБЈЕКТИВИТЕТ/ПОИМОТ/ЗАМИСЛАТА ЗА СЕБЕ

Нашиот политички субјективитет како (за)мислена заедница (imagined community) на хоризонтално другарство, след историските околности и општествените (ре)конструкции, е ОЗНАЧЕН со името – Македонија/Македонци/Македонско.

Меѓутоа, официјалната грчката позиција не ни го спори нашето право на политичко НИЕ, ниту правото на јазична посебност и идентитетско (себе)препознавање како (за)себни. Иако низ јавноста ќе проструаат национални запаленковци со радикални изблици на негирање и национал-шовинизам, секак, во официјалната позиција, доследно дополнуваат дека имате право да се (за)мислите како за(едни)ца и дека неспорно, како-така, сте се омеѓиле и политичко-правно организрале. Но, за нив, проблематично е тоа што таа ваша (за) мисла (за) себе, ваша јазично-културна идентитетска ДРУГОСТ/ПОИНАКВОСТ и ваше политичко НИЕ (читај; означеното) го означувате/нарекувате/именувате “Македонија” (читај; означителот).

Оттука, името МАКЕДОНИЈА како ОЗНАЧИТЕЛ (заедно со изведените придавки) не е само репрезент на оној сентимент што ние го доживуваме како длабоко сраснат со нас, не е само едноставно име за подредување и разлачување во друштвото на (на)родените, не е само тивок глас од преданието и разигран фолклор на некаква си дамнина, туку, суштински, името МАКЕДОНИЈА е сигнификација/значење/смисла на означеното наше политичко НИЕ и идентитетска ДРУГОСТ. А тоа едноставно значи дека: нашиот политички субјективитет (или колективен идентитет) како (за)мислена заедница е определувачки ОЗНАЧЕН со името – Македонија. Оттука, името е идентитетот, идентитетот е името. Токму затоа што знакот/симболот по својата семиотичка или комуникациска природа секогаш во целост е резултат на поврзаноста на означителот и означеното. Латините, тоа го нарекувале Nomen est omen (Името е пред-знак). Не може да постои означено без форма (читај; без означител). Но, ни означител кои ништо не значи. Затоа идентитетска ДРУГОСТ/ПОИНАКВОСТ како означено не може да постои без означителот/формата/името (читај; Македонија).  Ниту, името Македонија може да постои без она кое го означува.

За грците, накратко кажано, имаме право на свое “ние”, но немаме право на означување на тоа “ние” со означителот/името “Македонија”.  Име кое во рамките на нивната историска нарација за (себе)препознавање е определувачки врзано за националниот модел на нивната идентификација. Со други зборови, името “Македонија” како означител тие го врзуваат со друго, поразлично од нашето, означено. Во нивните сематички полиња на националната им нарација постои еден концепт/замисла/означено кое делумно го инкорпорира  името “Македонија”. Овој концепт за етнички Грк како национален модел за нивното себепрепознавање како засебни  е комплексна митолошко-историска автонарација. Конкретно, да се биде етнички Грк значи да се идентифукуваш како пражител на Балканот која ја дава сета култура, наука и спорт на Европа носејќи го шлемот на Перикле, во едната рака кревајќи го византискиот православен крст, во другата рака замавнујаќи со сабјата по Турците, а при тоа гордо јавајќи го Букефал.  Низ симболичките места: Перикле, православие, Турци и Букефал лесно се препознава дека нивниот концепт за (само)препознавање ги сообразува: симболното право на старохеленската епоха, симболното право на хелинистичката (александровата/коине) епоха, симболното право на источното христијанската епоха и симболното и политичкото право од борбата за незавиност од XIX век. Од ова прозлегува нивното: Македонија е овде и е Грчка. Токму затоа што оваа нивна нарација е комплетно неспоива со постоењето на некоја друга Македонија или некакви други Македонци.

Затоа спорот за името е во суштина е борба за ИСТИОТ означителот/името “Македонија” коj има РАЗЛИЧНО означено: нашето (себе)препознавање наспроти нивното (само)сознание. Спорот е симболички судир на две непомирливи нарации и концепти за идентитетноста кои нужно мораа да споделат еден означител (името “Македонија”) за две различни концепции на идентитетска другост. Она што е политички или меѓународно правен аспект на спорот е само рефлексија на симболичката непомирливост.

III Договорот од Преспа

Имајќи го предвид овие наративни и симболички предзнаења, можеме низ призмата на теориите за идентитетските политики и нашите вредносно-идејни стојалишта да го цениме Договорот од Преспа. Неколку одредби од него ни се вонредно проблематични.

Прв проблем: Опфатот на употребата на новото компромисно име Република Северна Македонија (erga omnes).

Втората страна во Договорот (читај; Ние) е обврзана новото компромисно име да не биде само за билатерална употреба со Грција, која впрочем и единствена има проблем со нашето именување како Р. Македонија, да не биде само за употреба во оние организации и сојузи каде сакаме стратешки да членуваме, а Грција има механизам да го попречува нашето интегрирање (читај; НАТО и ЕУ), туку, дополнително, Договорот нѐ обврзува на целосна мултилатерална комуникација под новото име и со оние земји членки кои нѐ признале под уставното име (140-сетина), меѓу кои и три постојани членки на Советот на безбедност. И кога ќе помислите дека опфатот/важењето на новото име досегнало плафон од кој не може пошироко и дека е поразително да направите чекор назад и да се откажете од дипломатските победи на повеќедецениската борба за признавање, следи најпроблематичниот дел од Договорот кој нормира таков правен и меѓународно политички преседан кој досега никогаш не е виден во меѓународното јавно право. Имено, беспримерно Договорот обврзува не само како ќе не викаат, туку и како ќе си се викаме ние самите. Поточно, новото договорено име мора да биде и за внатрешна, домашна, уставно-правна, политичка, образовно-културна и институционална употреба.

Ваквиот асиметричен Договор во кој Грчката страна превзема една единствена обврска (истата онаа договорна обврска од Привремената спогодба која не ја почитуваше) за непопречување на нашите процеси на интеграција со ЕУ и НАТО и признава некакво фуснотирано (приватно) македонство, на кое ќе се задржиме подоле во текстот, оддава впечаток дека македонската страна безусловно и капитулантски ги прифатила сите грчки барања за редефинирање на внатрешниот уставен поредок.

Во структурален недостаток на аргументи ЗА Договорот, соочени со недвосмислената капитулантска позиција и јасната беспримерна отстапка од здраворазумските начела на меѓународната комуникација, како  и, веројатно, преземените обврски за спроведување на истиот пред преставниците на т.н. меѓународна заедница, можевме да го слушнеме “аргументот” дека со Договорот веќе не сме ФИРОМ, ниту фиромјани, туку Р. Северна Македонија и македонци/граѓани на северна Македонија. Меѓутоа, секој кој малку ја знае историјата на спорот и е запознат со одредбите од времената Спогодба знае дека името на државата никогаш не бил акронимот ФИРОМ, нити  the former Yugoslav Republic of Macedonia, туку оваа кованица преставуваше означител/референца/име со кое официјално ни се обраќаа оние земји, организации и сојузи кои не сакаа да го користат официјалното, историско и уставно име на нашата држава. Дополнително, од опфатот на the former Yugoslav Republic of Macedonia беше исклучена секоја билатерална комуникација со држави кои немаа никаков проблем да уважат едно здраворазумско меѓународно политичко начело за право на самоопределување. Дополнително, употребата на друго име, освен историското, официјалното и уставното во внатрешниот политичко-правен и институционален поредок беше надвор за здравата памет. Ова го потврдуваа изјавите на истите протагонисти кои сега се ЗА, а до завчера бесрамно се колнеа и нечесно уверуваа дека не постои никаква намера за внатрешно преуредување на било кои идентитетски одредници, па ни името.

Неспорно е дека не можеме да добиеме Република Македонија erga omnes. За грчката страна самата употреба на зборот македонија е иредентизам. Но, нашата преговарачка и дипломатска позиција мораше да оди во две преговарачки насоки: 1) Принципиелна и доколку морало една 2) Непринципиелна. Што подразбирам под ова?

Нашате отстапки при преговарачкиот процес требаше да се движат во правец на повлекување од прокламираната двојна формула на Глигоров како наша црвена линија (едно име ерга омнес за сите и за секаде и едно специјално за релациите со Грција). Со други зборови, еден вид на преговарачкa концесија со која можевме да перформиравме отстапка и приближување на ставовите. Поточно, принципелно воведување на т.н. четворна формула во смисла дека: а) едно име по желба на Грција за билатерална комуникација кое не мора да го содржи името Македонија воопшто (отстапка бр. 1), б) едно договорено компромисно достоинствено име со географска додавка пред/зад Македонија која би го решила проблемот на разликувањет на грчкиот концепт за “Македонија” и нашиот концепт за “Македонија”  за мултилатерална комуникација со организациите каде Грција може да го блокира нашето членство и за државите кои се уште не го признаваат уставното име на државата, в) едно име за мултилатерална комуникација со земјите кои веќе нѐ признаваат под историското и  уставното име и г) име за внатрешна политичко-правна и институционална употреба.

На забелешките дека ова е невозможно за изведување поради лошата меѓународна позиција која моментално Р. Македонија ја има, може да им се спротистави историското сведоштво и сеќавање од почетокот на деведесетите и нашите први политички обиди за меѓународно признавање во несогледливо полоша меѓународна позиција. Имено, К. Глигоров во далеку покомплексна политичка констелација, при Лисабонска декларација од 91-ва која бараше признавање на државата без името Македонија, со небројни сериозни внатрешни предизвици и разгорена граѓанска војна во соседството, со воена закана од страна на Грција (големите воени вежби јужно од Гевгелија), со разознавачки информации за разговори помеѓу Мицотакис и Милошевиќ за поделба на Македонија, со излезени над 1 милион Грци протестанти во Солун, од кои половина сигурно би земале оружје при повик за тоа, со блокирана јужна граница и блокирано Солунско пристаниште, со ограбени македонски касарни во кои и паркетот и штековите беа корнети и носени за Белград, а не па воената техника и оружје, со 200 паповки во територијалната одбрана и по некој заостанат калашников во МВР или со еден збор кажано под вистинска и реална закана која многу повеќе наликува на мелијанската драма, успеа да издејствува признавања од други држави и испреговара привремено именување на државата или референца со ограничен опфат.

Но, овој преговарачки тим, без никаква реална закана, при макотрпно изоден дипломатски пат и изработено признавање од 140-сетина членки на семејството на ООН (од кои три постојани членки на Советот на безбедноста и најсилни држави во светот: САД, Кина и Русија) и при јасна Пресуда од Меѓународниот суд во Хаг дека правдата е на македонската страна во спорот, успеа да “испреговара” Договор кој не само што ги погазува стекнатите дипломатски придобивски, не само што ја фрла во вода Пресудата од Хаг, туку го шири опфатот на новото име до граници кои ја надминуваат елементарната пристојност и чувството на достоинство, прекршувајќи и оневозможувјќи елементарно човеково право.

Од друга страна, под претпоставка дека веруваме дека искрено верувале во преголемото значење на придобивките од преговарачкиот процес т.е. членството во ЕУ и НАТО и дека морало да продолжи стрмоглавото отстапување од досегашните дипломaтски позиции и преговарачки стратегии, можеме да го поставиме прашањето: зошто во евентално таков случај преговарачката стратегија не преминала во т.н. непринципиелна насока? Што подразбирам под ова? Со оглед дека целата “аргументација” ЗА Договорот од страна на поддржувачите има лукративен модус или поразбирливо кажано “прифаќаме се за подобра финансиска благосотојба” (инвестции, пристапни фондови, грантови, бесплатни услуги и сл.), тогаш нашата преговарачка позиција би ми морала да биде на истото непринципелно рамниште. А тоа значи; штом барате од нас преголем, беспимерн, досега невиден ниту чуен преседан или таква поразителна отстапка (ново име и за внатрешна употреба и ново за оние земји кои веќе не признале), тогаш очекуваме, секако не од Грција, туку од модераторите во овој спор, подеднакво таква радикална и голема отстапка. Народски кажано, ако веќе се продаваш, продај се скапо. Или дипломатски кажано, во ред ќе прифатиме и ќе проголтаме секакво противправни, антиуставни, непристојни и шовинистички редефинирања на нашето политичко постоење, но очекуваме подеднакво голема компензација за тоа. Поточно, очекуваме и бараме безусловен и итен влез во ЕУ и НАТО со политичка одлука (преговарање и затварање поглавја post festum) и една мала донаторска конферанција за отпишување на дел од јавните долгови на Р. Македонија со која ќе се покаже добрата волја на меѓународната заедница.

На забелешките дека ова е невозможно за изведување и дека не фукнкионира така дипломатската комуникација, може да се спротистави историското сведоштво и сеќавање од времето на Љ. Георгиевски кој на големата отстапка во 1999-година во поглед на бегалската криза и отстапувањето на територијата на Р.М. за интервенција на НАТО силите врз СР Југославија доби подеднакво голема политичка отстапка од меѓународната заедница или т.н. Договор за асоцијација и стабилизација со ЕУ далеку пред Хрватска која сега е членка на ЕУ.  Или Б. Црвенковски кој за време на големите политички отстапки при новиот Закон за територијална поделба доби подеднакво голема отстапка т.е. признавање од САД под историското и уставното име. Овој преговарачки тим со овој Договор доби она што ние во Велес го викаме: помини утре, да ти кажам коа да наминеш. Со други зборови, добиваме едно ветување за некакво условно идно и можно членство во НАТО некаде 2020-2021 и во ЕУ некаде по 2030-тата под претпоставка дека членките нема да се сложат со Франција и Холандија кои бараат прекин на овој процес. И секако една гаранција од Грција дека нема да не блокира во тие процеси. Обврска која ја имаше и со Времената спогодна, но не ја почитуваше. Низа апологети на Договорот уверуваат дека Глигоров, а по него и останатите политички структури прифатиле Преговори за името и треба да не се изненадуваме од ваквиот исход, туку широко да го прифатиме како можност за затварање на децениските недоразбирања. Да, но истите забораваат дека никој од нив никогаш не прифатил ваков широк опфат на ново именување кој би подразбирал промена и на името за внатрешна политичко-правна и институционална употреба  и создавање на едео фуснотирано (приватно) македонство.

IV Договорот како резигнација (втор проблем)

Договорот и во правна и во политичка смисла е посебна методолошка студија на случај која веројатно би се учела на странските универзитети како пример од посебен вид. Не само поради асиметричноста на Договорот како рефлексија на асиметричноста на силата на двете страни, туку и поради малку комичниот факт дека ние би можеле да бидеме првата држава во свето со PC име (политички коректно име кое нема да вознемирува никого).

Со Договорот сме обврзани на следново: а) промена на името за меѓународна употреба вклучително и со земји кои веќе не признале како „Македонија„; б) промена на името за внатрешна употреба; в) промена на Уставот; г) создавање Комитет за историски, археолошки и образовни прашања (под директен политички надзор на МНР) кој ќе ги разгледува и доколку смета РЕВИДИРА учебниците, историските аталаси и наставните водичи; д) на корективни мерки секогаш кога првата страна ќе процени дека има ревизионизам, иредентизам и посегнување по хеленското и хелинистичкото (македонистичкото) културно наследство; ѓ) охрабрени да не употребуваме словенски топоними за грчките градови, е) обврзани да се формираат Комисии за трговска употреба на името “македонија” и финално ж) обврзани сме, што е крајно проблематично, да ја чекаме финалната фаза од Договорот која подразбира верификација на исполнетоста на нашите обврски од Договорот (од промени, писма до држави до уставни измени) и финалната ратификација на Договорот во грчкиот парламент. При тоа знаејќи дека грчката владеачка партија го нема потребното мнозинство, дел од нејзините членови јавно излегуваат со став дека не би го поддржиле договорот, коалициониот партнер на Сириза, извесната Независни грци и Панос Каменос, јасно се дистанцираат од Сириза и Договорот, опозицијата подеднакво не го поодржува, по немаме никаква  гаранција од нивна страна дека ова ќе помине во нивниот парламент. Оттука, нашата страна со бланко довербата во олеснувачите на спорот и меѓународните покровители на овој процес превзема беспримерен ризк и под претпоставка граѓаните да одлучат да го прифатат диктатот на грчката страна преточен во “Договор”.

Пред неколку години на една научна конференција за националните идентитети и нашите евро-атлански  интеграции приложив реферат/научно соопштение со наслов STATE SACER или Проклета држава во кое на некој начин ја антиципирав потребата од Договор во кој ќе предвиди само(ре)дефинирање. Во контекст на анализите кои следат, ќе повторам дел од стојалиштата во тој научен реферат. Имено, италијанскиот филозоф Џорџо Агамбен во Суверената моќ и голиот живот ја врати во политичка употреба кованицата “HOMO SACER”. Во смисла дека денес со жестоките нови форми на исклучивост, маргинализирање и унижување на човековите права и слободи се оживеа стариот римски правен институт “HOMO SACER” (ПРОКЛЕТ ЧОВЕК). Според римското право тоа било човек/индивидуа која неказнето може да биде убиена од било кој, а при тоа не може да биде ниту жртва на ритуален обред. Агамбен мислеше на уапсените Ал – Каидовци од Гвантанамо, народите на Руанда и Авганистан до кои не досегнува општественото милосрдие, емигрантите во ЕУ кои немаат документи, африканско – американските гета во САД и сл. Меѓутоа, ако денес ја погледнеме меѓународната политика и меѓународното право во случајот со Македонија и нашите обиди за меѓународно легитимација, сосема извесно ќе видиме дека солидаризирањето на меѓународните институции со барања на Грција и испорачување критериуми и Договор за (само)ревизија на идентитетските аспекти на нашето политичко “НИЕ”, ќе видиме дека тие не се ништо друго освен практикување на еден дисциплинирачки и дискриминациски модел на повампирена римска  homo sacer – изацијата во однос на нашата држава. Ја нарекувам: “STATE SACER” (ПРОКЛЕТА ДРЖАВА).

Проблемот е што ние сме проклетата држава неверојатно слична со римскиот проклетник. Како опскурна фигура во меѓународното јавно право ние сме држава која е оспорена во идентитетските аспекти од сите соседи. Така, како проклета држава можеме да бидеме симболички убиени/оспорени од секого, а ниту сме вредни (сакрални на било каков начин) за бидеме жртва на меѓународно политички обред. Нашето жртвување не ги задоволува боговите. Обредното спалување и жртвување легитимира. Тоа дава историско значење. Но, проклетникот не смее да постои ни во историјата. Затоа, сме втурнати во НИШТАВИЛО. Во политички меѓу простор, ни во живите, ни во мртвите. Ниту со сила не покоруват, ниту не сметаат за дел од Законот. Ни во рајот ни во пеколот. Ние сме проклетници на кои им е оставено само правото сами да се укинат.

Како што римскиот HOMO SACER бива протеран од заедницата без дофат на било какво граѓанско право, така ние како модерен феномен на една STATE SACER сме надвор од дофатот на начелата од Декларацијата за колективните човекови права и слободи. Како што за проклетникот не важи законот, така за нас, проклетото непланирано балканско копиле, не важи пропишаното право на (себе)препознавање како засебно. Како што на проклетникот од римското доба му било оставено само (себе)казнувањето за разнебитување на политичката клетва, како што (само)казнувањето преставувало повикување на милоста од боговите, по која можел да биде ритуално убиен во знак на покајание и признавање на семоќта на боговите, како што проклетникот е сметан за измамник на господарите од пантеонот, така и ние, како state sacer, ги измамивме Господарите со нашето тврдоглаво инсистирање да постоиме. Па сега, единствено (само)казнувањето може да ни помогне да бидеме во нивната милост. Клетвата на Господарите се омеѓува само ако ја прифатиме нивната големина. Признавањето на нивната семоќ, за STATE SACER , за нас, е нашата (само)казна. Потоа, Господарите ќе не иницираат во семејство за кое важи Законот. Но, казната значи да престанеме да престанеме себе си да се гледаме онакви какви ни пренеле нашите дека сме. Да се пресоздадеме како поинакви. Да се откажеме од сеќавањата. Само така ќе не вклучат во (не)проклетите за кои важат законите.

V – Македонски јазик и македонска националност

Еден од “аргументите” на застапниците на Договорот е дека: да, Р. Македонија прави навистина големи отстапки, но за навек обезбедува или добива како договорна страна признавање на македонскиот јазик и македонската националност како клучни и значајни придобивки. А преименувањето на државата не би ја засегнувало обезбедената идентитетска црвена линија. Меѓутоа, внимателното читање на одредбите и обврските од Договорот не само што не одат во прилог на тезата која владините гласноговорници ја застапуваат, туку истите отвораат простор за сериозен сомнеж во мотивите и последиците на ова идентитетско државно-уставно реустројување кое од нас се бара. Но, да започнеме по ред.

Начелно, дипломатски успех или преговарачка придобивка во билатерален Договор во 2018-та година не може да биде признавање на право на самоопределување. Истото право не извира од меѓудржавни договори, ниту може да биде предмет на договарање, туку извира од политичко-етички принцип како цивилизациска вредност, впишан/гарантиран како универзално начело на слободниот свет во член 1 став 2 од Повелбата на ООН потпишана во 1945, пред скоро еден век.

Начелно, дипломатски успех или преговарачка придобивка во билатерален Договор во 2018-та година не може да биде признавање на македонскиот јазик, кој што индиректно е признат на Конференција на тело на ООН, одржано Атина во 1977. И дополнително, од привите обиди за негова кодификација кај Мисирков па се до дене, е научна, книжевна, културна и говорна реалност која, исто така, беспредметно би била признавана или непризнавана од меѓудржавни и политички договори. Оттука и да е обезбедени признавање на македонски јазик и македонска националност, а ќе видиме дека не е поради рестриктивните забрани за нивното институционално артикулирање во дел од членовите во Договорот, тоа не е никаква преговарачка придобивка или грчка отстапка, туку фактички ситуации неподадливи и непредметни за договарање.

Македонската страна очигледно не ја разбира симболичката природа на спорот за која погоре пишувавме, и во преговарачкиот процес ја втурнува придавката “македонски”, добива забрана за нејзина самостојна употреба во јавните говорни практики и дополнително, на домашната јавност Договорот лажно го “продава” како идентитетско зајакување кое не ѝ го загрозува, туку напротив афирмира чувството и правото да се биде самоосознаен како македонец. Поточно, овој “договор” наликува на капитулантска резигнација бидејќи т.н. отстапки на грчката страна се аспекти на спорот врз кои тие немаат фактичко влијание (научно-книжевно-говорната реалност на македонскиот јазик), додека втората страна е обврзана за краток рок комплетно да го реорганизира и редефинира државното устројување под Комисиски наздор на првата страна. Заклучно, Договорот предвидува деноминација или размакедончување со создавање на едно фуснотирано приватно македонство. За почеток да ги видиме одредбите од самиот Договор.

Членот 1, параграф б), иако во дел од македонските преводи на Договорот пишува: “Националноста на Втората страна ќе биде Македонци/граѓани на Северна Македонија”, англискиот оргинал на документот јасно пишува: The nationality of the Second Party shell be Macedonian/citizens of North Macedonia. А коректно преведено гласи: Државјанството на Втората страна ќе биде Македонско/граѓани на Северна Македонија. Разликата помеѓу македонци (Macedonians) како Nationality (во етничка смисла) и македонско (Macedonian) како  Nationality (во правна смисла како релација на поединецот со државата) е повеќе од очигледна. The nationality неспорно се однесува на Државјанство/Citizenship. Дополнително, ниту албанската страна би прифатила Членот 1 параграф б) да значи националност во етичка смисла, па во патните исправи да бидат асимилациски впишани како македонци. Ним, а и на секој искрен читател,  му е повеќе од јасно дека оваа одредба се однесува на државјанството, а не на националноста во поширока етничка смисла на зборот. Заклучно, овој член, како правно-политичка формулација за одредување на релацијата држава-поединец, ниту штити, ниту гарантира некаков идентитет.

Членот 1 параграф ц) вели: официјалниот јазик на Втората страна ќе биде македонски јазик, но истиот член дополнува во согласност со Членот 7 (3). Овој член 7 ја нормира токму онаа симболичка непомирливост за која зборувавме на почетокот: името “македонија” како означител на две различни концепти на идентитетска другост. Па така Член 7 вели: страните прифаќаат дека зборот ‘македонија’ и ‘македонски’ имаат различни значење. Членот понатаму нормира хеленско и хелинистичко значење врзано за територијата и културата на Грција и словенско значење врзано за територијата и културата на Втората страна. Параграфот (3) кој го нормира единствениот контекст или парадигма во која зборот ‘македонски јазик’ можат да се употребуваат кај Втората страна експлицитно вели дека тоа е само контекстот/парадигмата на словенството и словенската јазична култура. Иако бесмислено и непотребно е врзувањето на македонскиот јазик со словенската култура бидејќи одамна тоа е лингвистички и културолошки факт и навидум е незначителна одреба, сепак внимателното читање, дополнето со одредбата од Член 6 за т.н. Мерки за забрана на активности и против приватни субјекти кои би содржеле иредентизам, пропаганда и ревизионизам (за нив одлучува Првата страна) и одредбата од Член за 8 дел 4 за ‘охрабрување’ на корисење на грчките називи на градовите од страна на Втората страна, сепак таквото тврдо омеѓување и недозволување за било кави симболички, наративни и историски и културни интерференции (проткајувања) на нашето македонство со територијата на северна Грција упатува на перфиден обид за комплетно и финално затварање на македонското/егејското прашање во Грција.

Меѓутоа, најпроблематична одредба од Договорот е делот ф) на Член 1. Ќе го напишам интегрално:

“Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „ на Северна Македонија“. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со членот 7, став (3) и (4). Употребата на придавката за активности може да биде во согласност со членот 7, став (3) и (4). Ова не влијае на процесот воспоставен според членот 1, став 3 (ж) и на постојните сложени имиња на градовите на датумот на потпишување на оваа Спогодба.”.

Звучи номотехнички комплицирано. Но овој дел е вонредно опасен и крајно дискриминирачки бидејќи експлицитно забранува самостојна јавна и институционална употреба на придавките “македонски”, “македонско”, “македонска” и сл. Државата, сите нејзини службени органи, тела и агенции, како и сите постоечки јавни институции (од академии, школи, културни установи, сектори, агенции, матични служби, локални самоуправи и мн. др.) ќе мораат да ги користат само и исклучиво само формулациите: “….на Република Северна Македонија” или “северномакедонски…..”. Овој член беспримерно забранува самостојна употреба на придавката “македонски” за државата, официјални тела и јавни иституции.  Меѓутоа, во вториот дел, дозволува приватните субјекти, ентитети и актери кои не се финасирани од државата да можат да го употребуваат зборот “македонски”. Но, дополнува, исклучиво, согласно Член 7 во  во славјанската културна парадигма.

Овој член и оваа обврска го создава ова редефинирано размакедончено приватно и фуснотирано македонство бидејќи името “македонско/македонски/македонска” можеш да се употребува самостојно без префеиксниот референт “северна” само во сферата на приватното. Дома со сопругата во спалната, со другарите у кафана, во гаражата, на баскет под претпостаква игралиштето да не е државно и сл.  Апсурдот е дополнителен, кога ќе се дочита членот кој вели дека ако државата го финансира или поддржи ентитетот или приватниот актер, да речеме мојата книга за македонската филозофија која ја пишувам веќе две години, тогаш јас немам право самостојно да говрам за македонски филозфи, македонска филозофија, македонска филозофска продукција, македонска култура и сл., доколку сакам или планирам книгата да оди надвор од границите на државата. Конкретно, државата не смее да финансиски да поддржи ниту едно културно, спортско, научно или било какво друштво, сојуз, здружение на граѓани или сл. како приватни актери или иницијативи  кое надвор од државата не би се придржувало до одредбата за забрана на користење на името “македонско” самостојно. Уште поконкретно на пр., учеството на некој културно-уметнички ансамбал со поддршка на државата може да изведувана пр. влашки ора, но не и македонски ора. Бидејќи истите, согласно овој член мора да бидат или танци и ора на Северна Македонија или северномакедонски танци и ора.

Иако делува напати и комично, како еден вид игра со зборови, меѓутоа оваа рестриктивна одредба од делот ф) на Член 1 воопшто не е наивна. Истата го забранува самостојното употребување на придавката “македонски” во она што може да се нарече институционална говорна практика (јавен дискурс/сферата на јавното). Токму орвелијански се забранува една здраворазумска говорно-граматичка практика во сферата каде се одвива заштитата и артикулацијата на јазичниот и културен идентитет, а тоа е државата и државното како остварено правна рамка за заедничарење на заедницата. Секој малку упатен лингвист ја знае Витгенштајновата логија дека: границата на мојот свет се границите на мојот јазик. Јазикот е првата сфера на идеолошкото. Оттука, рестрикциите во него, како овие од делот ф) на Член 1, водат кон очигледната намера на Првата страна за невозможност за јазично-културна артикулација на македонскиот идентитет. Која едноставно може да се сведе на гола забрана и дискриминација. Бидејќи непостоењето (секако во сферата на институционалниот дискурс) имплицира непостоење во општествената реалност.

Единствено дозволено останува ова фуснотирано приватно славјано-македонство за приватни активности и лични иницијативи. Всушност, модел налик на оној во Босна.  Овој член не само што не го штити, ниту гарантира идентитетот како уверува власта во нивната искривена слика за #ФактиЗаДоговорот, туку напротив суспендира универзалното човеково право стекнато по раѓање и определено со конвенцијата на ОН за човекови права. Тоа право не е право стекнато стекнато со политичка волја на било кој политички субјект или држава. Оттука секоја негова рестрикција, како оваа од делот ф) на Член 1 која нормирачки дискриминира/дискриминирачки нормира забрана за самостојна употреба на придавките всушност поставува туѓи, надворешни правила/прописи за внатрешно развивање, негување, артикулирање и манифестирање на јазично-идентитетската култура и практика. Како што наведов во делот за Проклетата држава, со агресија, воена интервенција или насилно укинување само ќе се даде легитимитет на нашето постоење како јазично-културно-политичко НИЕ. Затоа, стратегијата е сосредоточена во самопрогласувањето за нешто поразлично од она кое си по предание и по историско сеќавање, како и самозабрана за институционална афирмација на тоа идентитетско себство.

Едноставно, се поставува следното прашање: како е заштитен идентитетот кога ниту една државна институција, политички орган или јавна установа не може да го користи името “Македонија’ без северна? Кој е заштитникот, ако не е тоа државата? Во нашиот случај државата, не само што нема да смее да заштитува, туку ќе треба да казнува и забранува самостојна употреба на името “македонија”. Што не само апсурдно, туку и радикално подривање на фактот дека оваа држава, покрај тоа што е држава на делови од албанскиот, турскиот, српскиот народ, е и држава на оние кои се идентификуваат како македонци. Оваа дискриминација на словено говоречките каури од Северна Макаедонија не е само идентитетска деноминација, туку и уставна (ре)дефиниција на статусот на истите во самата држава. Во поглед на другите симболни елементи, за кои велат пропонентите на договорот дека биле зачувани, ја имаме следнава ситуација. Знамето одамна сменето со јапонски империјален вентилатор, грбот остана верен чувар на советската херладика без симболички континуитет од повесните грбовници, а химната по Договорот не може да се вика Денес над Македонија.

Делот ф) на Член 1 е клучната дискриминациска одреба. Првата страна наметнува редефинирано самопрепознавање кое е туѓо и отсутно во преданието и колективното сеќавање. Истиот член на македонскиот идентитет му придава нов и видоизменет означител (…на Северна Македонија, северномакедоснки…). Оттука, сите административни документи (венчаници, посмртници, изводи …), сите документи во образовните институции (сведителства, дипломи, сертификати…), имиња на институции од областа на културата и уметноста, националните институции, политичките институции, т.е се она што не е приватен субјект и приватна иницијатива не смее да ги користи придавките од името “Македонија” самостојно и без референтот “северна”. Накратко кажано овој член забранува институционално македонствување: негување, заштита, промоција, манифестација, нарација и слични артикулација на идентитетот од страна на заедницата или државата.

Затоа ова дозволено македонство со Договорот, го нарекувам размакедончено фуснотирано приватно македноство. За да ја разбереме и видиме во полно светло дискриминацијата која ја носи делот ф) на Член 1 можеме да направиме аналошка замена на друг личен или колективен идентитет. Замислете, кога на припадник на ЛГТБ заедницата или некоја друга религиска заедница (на пример исламската) би им се забранило правото на артикулација/манифестација на нивниот идентитет надвор од сферата на приватното. И таквата забрана да се аргументира со зборовите дека они приватно можат да си бидат припадници на ЛГТБ или муслиманската вера, но надвор во сферата на јавното не смеат да ги носат ниту покажуваат обележјата на нивниот религиски или родов идентитет. Веројатно секој здраворазумен и малку правдољубив човек би крикнал дека тоа не е праведно и дека секоја би требало да има непречено и слободно право на артикулација на својот личен или колективен идентитет. Меѓутоа, делот ф) на Член 1 за една заедница која се идетификува како “Македонци”, таквото право на институционална и јавна атрикулација на колективниот идентитет е забранета без додавка на атрибутите изведени од означителот “Македонија”.

Очигледно, забраната се однесува на правото на артикулација на таа засебност. Оттука, навистина беше поразително писмото на интелектуалците за поддршка на Договорот кое го предводеше филозофот, пратеник на Сириза и колумнист во Гардијан (веројатно и иницијатор и составувач на писмото) Costas Douzinas кое ги денунцираше сите противници на Договорот како : hardliners and extremists, а го потпишаа и филозофи како Џудит Батлер и Jean Luc Nancy кои направија академски кариери на борба за човекови права. Веројатно, по паралевичарска инерција, влегоа во пропаганда на ‘Договор’ кои истите ги унижува. Замислете на Џудит Батлер да и пристапите со аргуметот од Договорот преведен на идентитетите кои таа ги застапуваше, со зборовите: можеш да бидеш пропадник на било кој родово-сексуален идентитет дома, но надвор ако перформирате припадност ќе ве санкционираме! Дали е тоа идентитетска еманципација? Батлер, цел филозофски опус и слава го должи на артикулацијата и правото на идентитетски самопрепознавања и на крај потпишуваш поддршка, веројатно на слепо, на документ кој забранува идентитетско самопрепознавање. Покрај argumentum ad auctoritatem кој по себе е логичка грешка ова Писмо имаше и фактографски небулози и нескриене комплетни неразбирања како на пр. shared identity и fair agreement. Ни се шерува идентитет, ни нешто е фер во него. Но, овој инжинериг можеби и може да се проголта доколку е врзан за надворешна употреба, но да немаш дома, во сопствената држава, право да се самопрепознаеш без фус нота и префикс, а при тоа да нема грчки Вермахт по улиците, значи дека сето ова Договорено чист самопораз.

Оттука, делот ф) на Член 1 претставува тројанскиот коњ на нашиот Договор кој е комплетно неприфатлив. Конкретниот апсурд и дискриминациска нитка може да се види со следниов пример. По Договорот, државата Република Северна Македонија би имала, како што има веќе од 1950-та, Албански тетар, но не може да има Македонски (народен) театар. Истиот мора да биде Театар на Северна Македонија или Северномакедонски народен театар. Кога станува збор за институции кои опслужуваат или реферираат на сите грѓани, како на Железница на Северна Македонија, Берза на Северна Ммакедонија и сл., нема некаков сериозен проблем. Но во поглед на националните институции и установите од областа на културата, забраната од делот ф) на Член 1 за самостојна употреба на придавката “македонски” е комплетно спротивна на било каква идеја за национален интерес. Едноставно, немање народни установи, значи немање народ.

Едноставно кажано, Договорот не е прифатлив од слободарски позиции. Правото или слободата на самоопределување, па макар тоа самоопределување некого вознемирувало и било исторски неодрживо со позајмен термин, е безусловна. Во различни историски и географски контексти има различни nation-building процеси. Нашиов, согласно идејата на МРО, Коминтерновската рекогниција и Асномкото наследство е ingroup процес на народносно себепрепознавање кое изборило држава. Таа политичка субјективност и нејзината артикулација е загрозена и забранета. Скриената тетоважа на/за некоја припадност воопшто не помага доколку ја табуизираш/супституираш перформацијата. Преведено, џабе ти пишува македонец, ако не можеш да македонствуваш.

Можевме да прочитаме кај поддржувачите на Договорот дека делот ф) на Член 1 е отстапка која е дел од компромисот за немонополизација на придавката од ниедна страна (во официјална смисла). Меѓута, со Договорот, токму напротив, грчката страна добива комплетна монополизација на придавката во официјална смисла. Нема никава обврска пред македонски да додава грчко, хеленско или сл.

Интересна хипокризија е и Член 19 кој вели дека во случај на спор, страните се ќе обраќаат на Меѓународниот суд во Хаг. Секако, истиот оној кој грчката страна го уважува како ланскиот снег.

VI Идејата за нацијата

Идејата за нацијата на Балканот е идеја која оди рака под рака со идејата за народниот суверенитетот и демократијата. Идејата за нацијата на Балканот е еманципаторска идеја.  Истата дава право на достоинство и слобода. Тука не се читале ни Лок и Џеферсон, но постоела прото-политичка свест за народна правда и народно достоинство. Не можеме сите граѓани кои имаа проблем со диктатите на грчката страна да ги наречеме ретроградни национал-шовинисти. Нивниот став дека Договорот е нешто што го руши нивното достоинство и нивното чувство дека е неправедно и нефер некој друг да кажува како ќе се викаш се сосема разбирливи реакции. Нема врховен арбитар кој пресудил и кажал кој идентитетски концепт за себепрепознавање е ретрограден, а кој авангарден; кој морално супериорен, а кој морално инфериорен; кој е општествено легитимен, а кој не, кој е општествено достоинствен, а кој не е. Без разлика дали идентитетот се темели на национална, религиска, расна или родово-сексуална определба. Ова начело е принцип на слободоумното и правдољубиво размислување и делување. Еманципациските политики низ вековите нагледно ни го потврдуваат ова.

Како уверени слободари ги почитуваме правата на лицата да се самоидентификуваат со родот и сексуалноста, со верата, расата, националните малцинства и сл. Но, како доследни и искрени слободољупци не смееме од палаетата на нашата чувствителност и еманципациски стратегии да ги исклучиме од уважување и правата на националните или етничките групи, како македонската која се наоѓаа во беспримерна форма на институционална опресија при самоопределувањето и изразувањето на нивниот културен идентитет.

VII- Референдумот

Бидејќи Договорот задира/рефдефинира суштински идентитетски одредници, идејата за Референдум и општ плебисцит за договореното е навистина праведна политика одлука и почитување на суверенитетот на граѓаните. Меѓутоа се покажа дека власта нема искрени мотиви да го одмери народното расположение. Референдумот и кампањата се покажаа како непристојна манипулација од најдолен ков. Не само што се прекршија законските процедури за неговото распишување, туку политички нечесно беше и самото негово распишување како консултативен. Во демократски систем и во контекст на суверенитетот на граѓаните не може да постои консултативен референдум за ваков вид на уставно редефинирање. Извршната власт која непосредното изјаснување на граѓаните го смета за незадолжително, се легитимира себе како реституирана антидемократска деспотија. Дополнително, политички нечесно наместо информативна кампања, власта водеше комплетно срамно манипулативна и инфатилна кампања за некаква си Европска Македонија и за некави европски пари, а платено со јавни средства на даночните обврсници. Јавен дискурс при кампањата најчесто беше гротеска проследена со квантни скокови, празни говори, неинвентивни аналогии за компромиси меѓу сопружниците во  креветот, лаги за бесплатни услуги и сл.

И сето ова можеби може да се надмине, но врвот на нечесната политичка игра беше формулирањето на референдумското прашање во кое не само што не се спомнува и крие “вистинското прашање” за тоа дали сме за спроведување на Договорот со Грција или дали сме за промена на името, туку се вметнуваат ЕУ и НАТО како несомнени извесности след гласањето.  Иако дури и самите власти највуваат дека кога би дошло времето за зачленување би имало посебни референдуми за нив. И дополнително, намерно, перфидно и очигледно така го формулираат прашањето да истото недозволиво има можни шест одговори. Ако на сето ова ги додадеме јавните изјави на властите кои ни препорачуваат дека без разлика на изразената волја на плебисцитот, тие само ќе донесат одлука и ќе го истераат процесот до крај согласно обврските од Договорот и јавните закани за војна и плашење со вооружена побуна на албанското население од страна на советниците на премиерот, тогаш не само што се обесмислува референдумското гласање, не само што се создава атмосфера на страв и заплашување која ни оддалеку не изгледа фер, туку се појавува огромен сомнеж во искреноста и мотивите на власта и силно обезспокојувачко чувство на немање елементарни демократски услови за непосредно изразување на политичката волја. Парадоксот е дотолку поголем и поизострен, што цела владина кампања се темели на убедувањето дека треба влеземе во ЕУ и НАТО заради унапредување на демократијата, безбедноста и правната држава со унапредени недемократски одлуки (инстититуциите сами ќе решеле), со рушење на безбедноста и сигурноста (јавно заплашување и закани за војна) и со заобиколување на правната држава (непочитување на парламентарните и законските процедури). Кампањата не понуди одговор: за импликациите од членовите за кои говоревме погоре, за природата на уставните измени, за цената на севкупната промена на политичко-правната внатрешна комуникација и др.

VIII – ЕУ месијанизам, русите и ДПМНЕ

Во рамките на кампањата ЗА Договорот се појавија три “аргументациски” стратегии кои се покажаа коплетно јалови, надвор од здравиот разум, непотврдени и неповрзани со тезата која навидум ја поддржуваа, но стратегии на кои гласноговорниците инсистираа неверојатно тврдоглаво.

Првиот аргументативна стратегија ја полагаше сета надеж во т.н. ЕУ месијанизам кој ЕУ ја претставуваше како финасиски спасител, политичко-економски месија и штотку непристигната рајска состојба која ќе ја доведе во ред сета здравствено-образовна сфера, општествена сиромаштија, институциска корупција и политички криминал. Верувањето дека по Договорот ќе започне процесот на инвестициски бум, донаторски раскош, финасиски инјекции, претпристапна парична помош и сл. наликуваше на верувањето во доаѓањето на бескласното општество од претходниот политички систем. Кампањата неверојатно нечесно беше исполнета со невистини за пари од претпрстапните фондови, а истите се конкретно предвидени до 2026, а потоа од самата Унија е најавено комплетно институционално и финансиско реструктурирање.  Манипулации за бесплатни здравствени услуги, па дури и самопоразително ветувања за подобри вакцини.

Месијата ЕУ и фондовите што отпочнувањето на преговорите треба да и ги отвори на Македонија се 664 милиони евра за 6 години (2014-2020). Познавачите на ЕУ интегративните процеси пресметаа дека тоа е 55 евра по човек годишно. Цената на нашето достоинство во денари 3,300. Благосостојбата што навидум би ни ја донело отпочнувањето на преговорите, па дури и благосостојбата од самото членство кое во насветлите сценарија е предвидено за повеќе од 10-сетина години од сега е само еден вид wishful thinking  на луѓето кои овде имаат наследена социјалистичка политичка култура во која решенијата не се бараат во лични иницијативи и претприемнички акции, туку во интервенција на Виша сила од горе. Единствениот ЕУ-аргумент е некаква месијанска полупропаганда за доаѓање на финасиското Кралство небесно по приемот во НАТО и ЕУ. Еден вид есхатолошки привид.

Ниту вториот аргумент дека влезот во НАТО ќе биде гаранција за безбедноста, стабилноста и демократијата носи во себе политичка и логичка валидност. Имено, како воена организација интервенира само во случај на надворешна агресија. Таква опасност не ни се заканува. Единствен безбедносен ризик преставуваат отворените прашања помеѓу двата најголеми етникуми во Македонија. Во случај на нова внатрешна безбедносна криза, НАТО не би интервенирал воопшто. (има низа историски примери кога членки на НАТО губеле делови од териториите). Демократијата ја гарантира уште помалку. Ако НАТО има интерес, лесно може да поддржува диктатори и воени хунти. Ердоган во Турција е најсвеж пример.

Кога сме кај НАТО, втората “аргументациска” стратегија на власта во кампањата ЗА договорот беше уверувањето дека без прифаќањето на промената на името остануваме во некава си сфера на влијание на Русија и излегуваме од геополитичкиот констелат на САД. Погано голем број на јавни личности кои не се согласуваа со одредбите од Договорот беа денунцирани од владината пропаганда како руски шпиуни или одработувачи за руските интереси во Македонија. Оваа аргументациска стратегија за мешање на Русија во референдумското изјанување беше најјалова и предизвикуваше општа смеа и подбив. Особено наспроти “немашањето” на западните политички лидери. Дури и единствената русинка во Македонија која има некакво влијание, Викторија Лоба, пееше ЗА Договорот. Поддржувачите на Договорот гласно велеа: кто не скачет тот москаль, во преден план се појавуваше и извесна нова проруска партија. Но, малкумина кој имаат малку подолго исторско памтење можат да бидат убедени дека таквите новоизблици на русофилија не се само еден вид ratfucking со елементи на bad-jacketing или во превод на македоснски: бугарските летоци на Бучковски. Овие Лазански теории за руско-амерички борба на македоснко тло се таков oversimplification до рамниште на потполно празен наратив.

И третата “аргументациска” стратегија од која воопшто не следеше дека Договорот е добар и прифатлив беше употребата на криминалните дејанија на ДПМНЕ како еден вид “аргумент ЗА”. Користење на чувството на горчина спрема претходната власт, во смисла ако гласаш ЗА мојата опција, конечно ќе им се осветиш се шо ти правеа 11 години е еден погрешен, но често употребуван псевдоаргумент во пропагандата. Се нарекува argumentum ad odium, но проблемот е што од криминалните дела на дел од раководството на ДПМНЕ не следи дека Договорот е добар и прифатлив.  Неспорно е дека ДПМНЕ беа апла фатена и снимени во злоупотреби и криминали. Неспорно е се обессили и компромитираше како пункт или средишна линија на опторот против Договорот. Но, проблемот е што наместо одговрност, нивното владеење се користи како ‘аргумент’ ЗА Договорот. Но, ни раководството на ДПМНЕ не смее да се амнестира од одговорноста. Без нивното себекомпромитирање од политичката дрчност кон јавните пари, ваквото сервилно однесување на СДСМ и нивниот капитулантски дефетизам никогаш немаше да биде дипломатска стратегија. Поточно, со силна опзиција, политички и морално некомпромитирана, власта немаше да преземва вакви чекори.

Да резимираме, логиката на гласноговорниците ЗА Договорот беше: Ако не си ЗА Договорот, тогаш е исто како да си за Русите и за амнестија на криминалот на ДПМНЕ. Но, што би рекол еден фб-пријател таа логика е од видот: шо ќе рече, ако не си ги пресечеш јајцата, значи поддржуваш силовање.

IX Паганска политика

Македонските идентитетски културни политики на 21 век мораат да бидат позиции на јазичен пркос и раскажувачки инат. Тоа значи дека мораме да ја раскажуваме нашата приказна со јазикот на оспорувачите, но до изнемоштување, кое можеби нема да го реши проблемот [кој го имаат со нас], но ќе ги научи да живеат со него. Во борбата за идентитетското репрезентирање, во која сме втурнати последниве децении, ако сакаме да биде видливо и легитимно нашето (себе)препознавање како такви од преданието, тогаш секоја културна политика која ја демаргинализара и разгласува нашата самосвојност е повеќе од неопходна. Нема ништо по природно од раскажувачкото ослободување кое културните идентитетски политики го носат и морат да го носат со себе. Американскиот филозоф Ричард Рорти велеше дека без решавање на јазичното (симболичкото), не може да се разреши ни политичкото. Низ паралела уверуваше дека: ако поетите не им напишат јазик, обесправените не можат да се расплачат. Во културните идентитетски политики, кои треба да се соочат со обесправеноста и негирањето од околните креатори на балканските историско – идентитетски политики, оваа препорака за нас значи дека со обесправеноста можеме да се справиме ако само ако нашиот политичкиот крик го промени јазикот и симболот на кој ја испраќаме идентитетската порака за себе. Нам ни треба наративна револуција, промена на симболите со кој ја испраќаме пораката за себе. Симболите се нашето орудие на историската проповед која пркоси пред оспорувачите.

 Затоа што, додека ние ја следевме понизната идентитетска политика која ни ја наметна југословенската задкарпатска “братска” парадигма за (себе)препознавање, околните балкански раскажувачи, токму букурештански, си ги разделија: и културните, и историските, и симболичките оставштини од балканската повест. Па кога ние, ослободените од стегите на “братството и единството” на идентитетското заедничарење, посегнавме по настаните од преданието, добивме одговор дека тие биле зафатени. Александар бил Грк, Делчев Бугарин, Менада Илирка, а Камениот мост на Душан. Оттука и нивното чувство за нашето идентитетско “натрапништво”. Меѓутоа: “кој превари, тој товари”, која е срж на нивните историографски позиции, е се, само не, безусловно аргумент пред кои треба да потклекнеме. Затоа нашата револуција е наративна револуција. Затоа, културните политики треба да претставуваат превреднување на оркестрираните приказни кои околните балкански политички наратори ги сервираа за нас. Имаме право да ја живееме својата приказна, само така сме слободни да мечтаеме. Оној кој сака да ни ја одземе мечтата, соништата, тој е нашиот непријател. И да сме настанале пред 10 минути имаме право на идентитетско  бивствување  и имаме право на игра со симболите за автореференцирање кои се распослани во дијахронијата на просторот каде општествено обитаваме.

Политичкото “ние” мора да овладее со името и со симболите. Тоа мора да владее со наративниот распоред и со моќта на раскажувачот за да се самодржи. Политичкото “ние” кое не може да раскажува, кое не може да креира наративни распореди, кое не може да се еманципира преку конструирани континиуми на настаните од хронијата на неговиот простор,  тоа не може ни да постои. Секоја еманципација на “ние” е самоодредувачка и себеветувачка иднина. Меѓутоа политичкото “ние” има природен порив за себелегитимирање. Историјата е дисциплина на легитимирањето. Во ова се состои нејзината идеолошка природа. Да се биде легитимен, да се има смисла – значи да се биде раскажан, да се биде историзиран, да се биде именуван. Затоа името и приказната е самиот авторитет на политичкото “ние”.

X Бојкотот

Поради сите овие наведени разлози јас утре ќе го #Бојкотирам референдумското изјаснување. Меѓутоа, политичките вредности во кои верувам: слобода, правда и демократија ме обврзуваат да ја почитувам волјата на мнозинството и неговото право да мисли поинаку од мене. Доколку половина од вкупно запишаните гласачи немаат проблем со одредбите од Договорот и веруваат во второто доаѓање на благостојбата, тогаш должноста на слободољубецот е да прифати. Може да не се согласуваме, но правото на политички став е неприкосновено. Волтеровското во мене: “I don’t agree with what you say but I will defend to the death your right to say it” ме обврзува на толеранција и разбирање на другите.

Меѓутоа, доколку на сила се тера процесот, доколку дополнително се погазат и преостанатите законски процедури, доколку на било каков начин се супституира граѓанинот како суверен, доколку почне полициски прогон и агресивна политичка нетолеранција на поинакумислечките, доколку заканите со војна продолжат, доколку нема крај на беспримерни гротески за видливи и невидливи мнозинства, тогаш озаконетата и осилена неправда ќе ми даде надзаконско право на бунт и граѓанска непослушност.

 

Доц. д-р Бошко Караџов

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s