Заведувањето на невините и comic code цензурата во американскиот стрип

д-р Бошко Караџов

Заведувањето на невините и comic code цензурата во американскиот стрип 

Hitler was a beginner compared to the comic-book industry.

Fredric Wertham
Seduction_of_the_Innocent

Слика бр.  1
Насловната страна на првото издание на Seduction of the Innocent

Повеќето посветени љубители на стрип-културата знаат за разорната книга Заведувањето на невините (Seduction of the Innocent) од американскиот психијатар со германско потекло Фредерик Вертхам (Fredric Wertham) објавена во 1954 година во која стриповите беа прогласени за опасна кич литература дирекно одговорна за зголемениот опсег на криминал и малолетничка деликвенција во 50-тите години во САД. Веднаш по објавувањето оваа книга стана best sellers, а интелектуалната јавност, авторитетите во општеството и родителите ја доживеаа толку сериозно, што тоа предизвика силен општествен аларм и анти-стрипска хистерија која резултира со радикална кампања за цензура и забрана на стриповите. Кампања која беше проследена со церемонијални палења на стриповите и нивно јавно жигосување како опасена појава.

eye-truecrimecomics2

Слика бр.  2
Стрип-панел од серијалите на EC Comics кој најчесто се користеше о анти-стриповската кампања

Фредерик Вертхам уверуваше дека графички воземирувачките слики на насилство, секс, криминал, користење на наркотици и сл. во стриповите, директно ги поттикнува и охрабрува младите луѓе на слично однесување. Дополнително, уверуваше дека грозоморноста на сликите и морбидноста на темите претставуваат нездраво (с)ликовно четиво за младиот човек кое ги поткопува основните морални вредности на општеството, содржејќи скандалозни прикази на абнормални сексуално поведенија и непримерна женска голотија.

     Неговите забелешки не се однесуваа само на популарните хорор стрипови, стрипови со криминални приказни и gangster/murder ориентирани наслови, туку и на суперхеројскиот стрип кој се сметаше дотогаш за релативно безопасен. Но, најмногу на удар на неговите критики беше издавачката куќа Entertaining Comics или уште попозната како EC Comics, во сопственост на Вилијам Гејнс  (William Gaines), која во 40-сетите и 50-сетите во САД беше специјализирана за воени, научно-фантастични, криминалистички и хорор стрипови. Нивните две најпродавани, по Вертхам и најопасни едиции беа хорор серијалот Tales from the Crypt и општетвено ангажираниот серијал Shock Suspen Stories.

New Bitmap Image

Слика бр.  3
Насловни страни на дел од едициите на EC Comics

160401_BOOKS_Robin-04-Crop.jpg.CROP.promo-xlarge2

Слика бр.  5
Стрип-панел од серијалот Batman на DC со кој д-р Вертхам ги илустрираше неговите погледи, а во кој Batman и Robin the Boy Wonder се прикажани како се будат заедно на ист кревет

Докторот Вертхам ја започна својата борба против стриповите уверувајќи во нивната штетност за децата уште во доцните 40-сети години на минатиот век кога ги објави статиите: Horror in the Nursery  во магазинот Collier’s и The Psychopathology of Comic Books во научниото списание American Journal of Psychotherapy. Меѓутоа, во 1954-тата година кога се појави неговата книга Заведувањето на невините и кога започна нејзината вртоглава продажба со зборовите дека: ‘Hitler was a beginner compared to the comic-book industry’, тогаш веќе ѓаволот ја однесе шегата.

160401_BOOKS_Robin-03.jpg.CROP.promovar-mediumlarge

Слика бр.  4
Стрип-панел од серијалот Batman на DC во кој Batman и Robin the Boy Wonder се прикажани како голи се сунчаат во солариум

 

Вертхам беше непоколеблив. Во team up на супер-херојот и неговото супер-дете помошник (sidekick), кој впрочем беше дирекна последица популарните стрпски радио-драми и наративната радио-потреба од уште еден протагонист, виде опасна, незрела и морално ужасувчка суптилна промоција не само на хомо-секусалноста, туку и на хомосекусалната педофилија.

Неговите анализи беа особено сосредоточени на Бетмен серијалот во кој препозна загрижувачко портретирање на односот помеѓу Бетмен и Робин како несомнена хомосексуалност.   Во супер-херојскиот серијал Wonder Woman, Вертхам препозна нешто уште повонмирувачко. Не само што самостојноста на оваа супер-хероина го потсетуваше на лезбејски модели на однесување кои ги охрабруваа младите девојки на самостојност, независност и сл., туку суптилно со нејзината способност и начин на справување со непријателите (врзувањето со ласото на вистината), авторот Вилијам Марстон (William Moulton Marston), по зборовите на Вертхам, промовира застражувачки сексуални аберации како што се BDSM (bondage, discipline, sadomasochism). За Супермен тврдеше дека е неамерикански и недемократски дизајниран лик со големо S кое безмалку потсетува на типографијата на нацистичккиот Schutzstaffel или SS-овци и дека неговото решавање на политичките проблеми со сила е апологија на тоталитарните фашистички општества.

images

Слика бр.  6
Стрип-панел од серијалот Wander Woman во кој според Вертхам се прикажани  BDSM   секусалните аберации

Меѓутоа, грозоморноста на сликите, особено од серијалите на EC, каде воопшто не недосташуваше експлицитност на абјектните визуелни сцени, како на пр. култната насловна страна со бодењето на окото од Mister Mystery број 12, беше негово најсилно оружје во книгата. Истата изобилува со стрип-панели и илустрации како неспорно сведоштво за неговите толкувања и коментари. Меѓутоа, издавачот, сакајќи да се поштеди од можни тужби од стрип-издавачите, не ја објавува комплетно и во детали стрипографската база на Вертхам.

          Заведувањето на невините во САД предизвикаа толку жестока реакција на одредени граѓански кругови и родителски организации (ритуални и церемонијални палења на стриповите во училишните дворови, радикални политички протести на граѓански организации и родителски здруженија, информативни емисии кои ја подгреваа анти-стрипската хистерија и веруваа дека директен причинител на малолетничката деликвенција се стриповите), по што следеше вклучување на највисоките политички тела во државата и носење радикални политички одлуки во однос на стриповите. Поточно, Сенатот на САД формираше поткомитет за истражување на малолетничката деликвенција и истиот во 1954 година го одржа познатите

ComicBookBurningPhoto

Слика бр.  7
Фотографија од церемонијалните палења на стриповите во рамките на анти-стрипската кампања под влијание на книгата на д-р Вертхам

сослушувања на стрип-издавачите кои силно потсетија на неодамнешното сослушување од страна на Сенатот на основачот на социјалната мрежа Facebook. Овој поткомитет на Сенатот на САД беше воден од републиканскиот сенатор Robert Hendrickson, а членови беа сенаторите Estes Kefauver (демократ од Тенеси), Thomas C. Hennings, Jr. (демократ од Мисури) и William Langer (републиканец од Северна Дакота.

          На 21, 22 април и 4 јуни 1954-тата во Њујорк се одржаа јавните сослушувања на стрип-идавачите на крииминалистичките и хорор стрипови во поглед на обвинувањата дека истите се одговорни за малолетничката деликвенција. Во име на издавачите на сослушувањето сведочеше Вилијам Гејнс, сопственикот на EC Comics, кој во една инквизициска атмосфера и претходно веќе јавно осуден, на вертхамовските забелешки за вината на стриповите од страна на сенаторите и на нивното посочување на морбидните и зазорни насловни страни на стриповите од EC Comics, безуспешно одговараше дека децата и младите читатели знаат да разликуваат фикција која ги забавува, па макар и била крвава од реалноста и опшествената одговорност.  Вилијам Гејнс се обиде да посочи во неговата воведна реч дека стрип-издавачите имаат уставно право на интелектуална и  креативна слобода и дека сенаторите и сите загрижени граѓани не само што не треба да стравуваат од овие забавни содржини, туку и дека со неоснованата грижа се потценуваат огромниот број на пристојни и примерни млади луѓе и вљубеници во стриповите и се доживуваат како малечки монструмчиња кои

hqdefault

Слика бр.  8
Фотографија од сослушувањето на  William Gaines од страна на поткомитет за истражување на малолетничката деликвенција при Сенатот на САД

 

 прикриено и злобно одвај чекаат да го прочитаат стрипот и да тргнат во деликвентната акција. Вистинските чудовишта, не ни читаат стрипови – заклучи Вилијам Гејнс.

Медиумите во САД не се фокусираа на аргументите на Вилијам Гејнс, напротив во The New York Times следниот ден на насловната страна се објави сензационалистичката вест за непристојната размена на ставови на Гејнс со сенаторот Kefauver каде на неговата забелешка за тоа дали е вкусно на насловна страна да има визуелен приказ на крвава секира и обезглавена жена, Гејнс одговара: па за хорор стрип – да.  Преставен како неморален и бескурпулозен издавач, Вилијам Гејнс станува репрезентативна фугура за севкупното стрип-издаваштво во САД. И здавачите свесни за севкупната атмосфера и општествената немилост во која се наоѓаат, дополнително и под политички притосок за целосна забрана, усвоија авто-цензорно тело со авто-цензорен код (1954 Code criteria) по кој стрип-културата доживеа стрмоглав пад.

       Согласно, Comics Code Authority како самоиницијативно волонтерско тело задолжено за самоцензура и преглед на секој стрип, стрип авторите и издавачите добија (само)забрана да го презентираат криминалот на начин кој ќе предизвика симпатии за него кај читателот, да ги преставуваат полицијата, судиите, владините функционери и преставниците на институциите на САД на начин кој ќе предизвика непочитување на нивниот авторитет. Дополнително, беа обврзани во секој стрип  доброто да го победи злото, а криминалецот да се најде зад решетки. Остро се забранија стрип-сцените со насилство, терор, хорор, обилно крварење, крвави и ужасувачки убиства и криминални дејства, изопаченост, похотливост, садизам и мазохизам, сцени со зомби, мачења, живи мртовци, вампири, вукодлаци, канибализам и гулови. Недозволени станаа и приказните кои содржат исмевање, вулгарност, простотилак и цинизам. Се донесе и целосна забрана на било каква алузија, цртеж или приказ на незаконска или абнормална сексуалност, проследена со забрана за фигурално нагласување на физички квалитети на жените и мажите.

220px-SpiderMan96

Слика бр.  9
Насловната страна на Spiderman стрипот Green Goblin Reborn на издавачката куќа Marvel од 1971 година

За среќа, во слободоумното општество како САД оваа цензура и стрипски конформизам, иако предизвика: констернација на општествената ангажираност и зафаќањето на стрип-авторите со политичките теми и критики и ги претвори стриповите во. т.н. сребрено доба во апологии на семејните и политичките конзервативни вредности, во неинвентивно досадни мелодарами, во сапунци со банални романси и детинести приказни кои воопшто не ја разигруваат детската фантазија, сепак, таквата состојба не само што траеше релативно кратко туку и отвори простор за алтернативната стрип-сцена во која стриповите останаа медиум кој ги покренува општествените прашања, ги изразува социјалните трендови, говори за надминување и преосмислување на моралните норми и правила, ги руши закоравените културни традииции и стереотипи, изразува политички ставови и стравови, филозофски ги рефлектира биолошките пориви и егзистенцијалните немири застапувајќи нови филозофски погледи и животни вредности. Овој општествен потенцијал на стрипот, кој за време Comics Code Authority го одржуваа само алтернативните стрип магазини (како MAD, Arcade, Zap Comix и др.), го препознаа и mainstream стрип-издавачите и авторите, но и новите власти во САД по 70-тите години на минатиот век. На замолница до стрип-издавачите од страна на министерството за здравство на САД за заедничка борба против растечката епидемија на хероинска зависност, DC и Marvel ги публикуваат 1971 година стриповите  Snowbirds Don’t Fly и Green Goblin Reborn како епизоди од серијалите за Green Lantern и Spider-man во кои експлицитно ја портретираат и осудуваат злоупотребата на наркотичките средства. На тој начин, во името на поголема општествена и морална цел, така успешно и општествено ангажирано ги нарушуваат правилата на Comics Code Authority, по што истиот престанува полека да важи и стрип-авторите и издавачите повторно ја добиваат својата креативна и интелектуална слобода.

220px-Green_lantern_85

Слика бр.  10
Насловната страна на стрипот  Snowbirds Don’t Fly како дел од серијалот за Green Lantern и Green Arrow

Така по овие ground-breaking настани, стрипот како поп-култура која ја презема  историската должност за биде нова економска, политичка и општествена сила и почна да ги преиспитува и жестоко поставува социјално – политичките прашања на тоа време: расизамот во САД, сиромаштија и големото расслојување, политичка корупција  на елитите, конзумеризмот, генерациски вредносен јаз, сегрегацијата, односот кон доморотците, пренаселеноста, религиските култови и сл. Во една таква нова околност и со препознавање на општествено-политичката сила на стрипот од страна на јавноста, се покажа дека книгата Заведување на невините Фредерик Вертхам повеќе ги заведе и однесе на погрешна патека политичарите и самопрогласените образовни авторитети во САД, отколку што го разгатна стрипот како нова радикално влијателна поп-културна појава.

 

 

Научниот прилог е објавен во првиот број на Стрип ревијата “Деветка”:

2018 ‘Заведувањето на невините и comic code цензурата во американскиот стрип’, Стрип ревија “Деветка” , Година 1, бр. 1, Стрип-Квадрат, Скопје, 2018, 34-38.

 

Референци

Barker, M. 1989. Comics: Ideology, Power, and the Critics, Manchester University Press.

Bongco, M. 2000.  Reading Comics: Language, Culture, and the Concept of the Superhero in Comic Books. Taylor & Francis.

Harvey, C. R. 1996. The Art of the Comic Book: An Aesthetic History, University Press of Mississippi.

Heer, Јееt. 2008.  The Caped Crusader: Frederic Wertham and the Campaign against Comic Books, Slate.

Dan,  M. i A. Danner. 2017. Svjetska povijest stripa: od 1968. do danas, Sandorf, Zagreb.

Munitić, R. 2010. Strip, deveta umjetnost, Zagreb, Udruga za popularizaciju hrvatskog stripa ART 9.

Petersen, R. 2010.  Comics, Manga, and Graphic Novels: A History of Graphic Narratives, Praeger.

Wertham, F. 1954.  Seduction of the Innocent, New York, Rinehart & Co.

 

Белешки за авторот

Доц. д-р Бошко Караџов е научен истражувач во областа на современата филозофија, графичката литература и стрип културата. Автор е на десетина научни студии за историјата на средновековниот стрип, дигиталната стрип естетика и интерференцијата помеѓу стрипот и политичката филозофија. Д-р Караџов е предавач за историја на општествено ангажираниот стрип при едукативната програма Art and Design for Advocacy: Comic books as advocacy tools for education во организација на американската фондација International Debate Education Association (IDEA) и научен соработник на Македонската академија на науките и уметностите на научно-истражувачките пректи: А) Библијата и книжевноста (2016-2017)“ каде д-р Караџов ги истражува највпечатливите остварувања од историјата на средновековната графичка литература, Б) „Методи на книжевната херменевтика(2014-2017)“  каде д-р Караџов ја анализира вредноста на херменевтичките методи во графичката литература, со посебен осврт кон делата на американскиот теоретичар на стрипот и поп-културата Scott McCloud и В) „Поимник на книжевната теорија – второ дополнето и редактирано издание“ (2017-2019) каде д-р Караџов е автор на поимските одредници од областа на графичката литература и стрип-култура.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s