Стрипот и графичката литература како интермедијална дидактичка алтернатива на педагошкиот пантекстуализам во формалното образование

доц. д-р Бошко Караџов  

Стрипот и графичката литература како интермедијална дидактичка алтернатива на педагошкиот пантекстуализам во формалното образование 

Апстракт

Во светски рамки е одамна неспорно, меѓутоа на овие простори, во научната и културна јавност, сѐ уште се чувствува игнорантен елитизам кон стрипот. Своевиден академски заговор против стрипот или уверување дека тој е петпарачка нискокултурна шунд појава во поп-културата одговорена за негување на лошиот литературен вкус на младите. Оттука, во формалното образование, на сите нивоа, скоро е бласфемично да се спомне стрипот и стрип  културата, а камоли да се промовира како вредно четиво со едукативен и активистички потенцијал. Во македонската културна, академска и образовна јавност има потреба од соборување на овие параестетички стереотипи како комплетно неодрживи. Стрипот како деветта уметност има своја неспорна вредност и естетички легитимитет и како секвенцијална уметност може да биде легитимна дидактичка алтернатива на вербално-текстуалната образовна парадигма на нашето време. Ова подразбира вклучување на стрипот во формалното образование, па затоа во текстот ги наведуваме педагошките причини и дидактичките капацитети на стрип-културата. Едновремено, предложувајќи образовна програма која ја изготвивме и спроведуваме во неформалното образование.

Клучни зборови: стрип, графичка литература, стрип-култура, образование, образовна програма, суперхеројска етика итн.

*Текстот ќе биде приложен на IX-тата Меѓународна научна конференција “Меѓународен дијалог: Исток – Запад” во организација на МСУ Державин – Св. Николе/Битола. 

Вовед

 Академскиот заговор против стрипот не е откритие на нашето културно и академско поднебје, меѓутоа тоа е единственото кое остана заробено во двете анти стрипски параестетски стапици: ингнорантниот елитизам и псевдонаучниот морализам. Препреки кои го следат стрипот од неговата појава па се до денес. Повеќето посветени љубители на стрип-културата знаат за разорната книга Заведувањето на невините (Seduction of the Innocent)[1] од американскиот психијатар со германско потекло Фредерик Вертхам (Fredric Wertham) објавена во 1954 година во која стриповите беа прогласени за опасна кич литература дирекно одговорна за зголемениот опсег на криминал и малолетничка деликвенција во 50-тите години во САД. Веднаш по објавувањето книгата станува best sellers, а интелектуалната јавност, авторитетите во општеството и родителите ја доживуваат толку сериозно, што тоа предизвика силен општествен аларм и анти-стрипска хистерија која резултира со радикална кампања за цензура и забрана на стриповите, проследена со церемонијални палења на стриповите и нивно јавно жигосување како опасена појава.

10418499_10152869235651477_3897227553683841569_nФредерик Вертхам убедуваше дека графички воземирувачките слики во стриповите на насилство, секс, криминал, деликвенција и сл. директно ги поттикнува и охрабрува младите луѓе на слично однесување. Дополнително, уверуваше дека грозоморноста на сликите и морбидноста на темите претставуваат нездраво (с)ликовно четиво за младиот човек, кое дури ги поткопува и основните морални вредности на општеството, содржејќи скандалозни прикази на абнормални сексуално поведенија и непримерна женска голотија. Неговите интерпретации на релацијата на суперхеројот и неговиот sidekick (супердете-помошник) како суптилна промоција на хомосексуална педофилија и толкувањата на женските супер-хероини како лезбејски модели на однесување кои охрабруваат самостојност, независност и сила кај младите девојки, иако денес предизвикуваат насмевки, сепак во 50-сетите во САД предизвикаа толку жестока реакција на одредени граѓански кругови и родителски организации, по што следеше вклучување на највисоките политички тела во државата и носење радикални политички одлуки во однос на стриповите. Поточно, Сенатот на САД формираше поткомитет за истражување на малолетничката деликвенција и истиот во 1954 година го одржа познатите инквизициски сослушувања на стрип-издавачите, по кои тие, под политички притосок за целосна забрана, усвоија авто-цензорно тело со авто-цензорен код (1954 Code criteria) по кој стрип-културата доживеа стрмоглав пад.

V_for_vendettax

 V for Vendetta на Alan Moore

Поткомитетот се сосредоточи на криминалистичките и хорор стрипови, како и на нивното влијание за растот на деликвенцијата. Согласно, Comics Code Authority како самоиницијативно волонтерско тело задолжено за самоцензура и преглед на секој стрип, стрип авторите и издавачите добија (само)забрана да го презентираат криминалот на начин кој ќе предизвика симпатии за него кај читателот, да ги преставуваат полицијата, судиите, владините функционери и преставниците на институциите на САД на начин кој ќе предизвика непочитување на нивниот авторитет. Дополнително, беа обврзани во секој стрип  доброто мора да го победи злото, а криминалецот да се најде зад решетки. Остро се забранија стрип-сцените со насилство, терор, хорор, обилно крварење, крвави и ужасувачки убиства и криминални дејства, изопаченост, похотливост, садизам и мазохизам, сцени со зомби, мачења, живи мртовци, вампири, вукодлаци, канибализам и гулови. Недозволени станаа и приказните кои содржат исмевање, вулгарност, простотилак и цинизам. Се донесе и целосна забрана на било каква алузија, цртеж или приказ на незаконска или абнормална сексуалност, проследена со забрана за фигурално нагласување на физички квалитети на жените и мажите.[2]

Нешто слично се случи и 20 години покасно во Југославија. Имено, 1971 година во Крагуевац е одржан маоистички Конгрес на културната акција каде радикално се осудиле сите категории на популарната култура како чист шунд и кич и дополнително од властите е побарано воведување на Закон против шундот (Закон за измена и дополнување на законот за републички данок на промет на стока на мало). Конгресот, како одредена младинска културна акција го надгледувала (читај; организира) тогашниот секретар на Сојузот на Комунистите на Србија Латинка Перовиќ. Во знак на поддршка на борбата против лошиот литературен вкус, народот излезен сред Крагуевац и пред зградата каде се одвивал конгресот, ритуално во процесија ги спалува во егзалтација сите стрип и pulp примероци на “лесна” и неподобна литература. Така 1971 година во Југославија горат: Тарзан, библиотеката Лале, рото-романите, популарните магазини и др. [3]

Општествениот потенцијал на стрипот и графичката литература

За среќа, во слободоумното општество како САД оваа цензура и стрипски конформизам, иако предизвика: констернација на општествената ангажираност и зафаќањето на стрип-авторите со политичките теми и критики и ги претвори стриповите во. т.н. сребрено доба во апологии на семејните и политичките конзервативни вредности, во неинвентивно досадни мелодарами, во сапунци со банални романси и детинести приказни кои воопшто не ја разигруваат детската фантазија, сепак, таквата состојба не само што траеше релативно кратко туку и отвори простор за алтернативната стрип-сцена во која стриповите останаа медиум кој ги покренува општествените прашања, ги изразува социјалните трендови, говори за надминување и преосмислување на моралните норми и правила, ги руши закоравените културни традииции и стереотипи, изразува политички ставови и стравови, филозофски ги рефлектира биолошките пориви и егзистенцијалните немири застапувајќи нови филозофски погледи и животни вредности.

Овој општествен потенцијал на стрипот го препознаа и mainstream стрип-издавачите и авторите, но и новите власти во САД по 70-тите години на минатиот век. Стрип-културата како младинска култура која има историска должност за биде нова економска, политичка и општествена сила почна да ги преиспитува и жестоко поставува социјално – политичките прашања на тоа време: расизамот во САД, сиромаштија и големото расслојување, политичка корупција  на елитите, конзумеризмот, генерациски вредносен јаз, сегрегацијата, односот кон доморотците, пренаселеноста, религиските култови и сл. Оттука во САД се создаде стрип-концептот на една нова митологија и нова епика која носеше во себе си древен, но осовремен морален код на хероизмот. Еден вид хероизам на новото време.

Овој морален код се отчитува во зборовите на вујкото Бен во култниот Марвелов стрип Спајдермен кога ја изговара реченицата која ќе стане морална водилка на суперхејоската стрип-епика: With great power comes great responsibility. Оттука, генерации млади луѓе својата морална дидактика не ја препознаваа во традиционалната религиска или институционална етика, туку за значењето на емпатијата, солидарноста, праведноста, правдата, слободата, почитта, чесноста, должноста, искреноста, пожтвуваноста, љубовта и сл. непосредно учеа од стрип-јунаците. По 1980 и по т.н. диверзификација на стриповите, тие станаа комплексно графичкко четиво ослободено од кодот со многу повеќе литерарен реализам, книжевно ликовен цинизам, морална амбивалентност, симболизам и мулти-линеарна нарација. [4]

Академски и општествен легитимитет на графичката литература

Maus

Maus на Art Spiegelman

Стрипот, формално гледнано, претставува (с)ликовно раскажување (graphic storytelling) во кое фабуларните пикторални елементи се нижат во кадридрана и раскажувачка едно-по-другост (sequential) во форма на јукстапозиционирани (side by side) ликовни композиции (или т.н. стрип панели) на кои им се вметнуваат текстуални алатки кои ја дополнуваат фигуралната нарација. Надминувањето на вкоренетите стереотипи дека стрипот е петпарачка ниско културна шунд појава во поп-културата одговорен за негување на лошиот литературен вкус и моралната корупција на младите, овозможи подем на научните истражувања и на историјата и на филозофијата/естетиката на стрипот. Денес, дури се говори и за посебна наука за стрипот со име панелологија (panelology). Меѓутоа, надминувањето отвори простор за истражувања и на комплексните дидактички можности кои стрипот како феномен на поп-културата ги носи во себе.

Стрипот и графичките новели, како книжевни и ликовен родови, во американската, јапонската, француската, италијанската и шпанската културна сцена стана не само почитувано, значајно и високо вреднувано уметничко дело за кое се кое се добиваат најпрестижните државни награди и почести, туку најзначајните стрип остварувања се вклучија во образовниот систем како дел од националните курикулуми и севкупната образовна паидеиа.[5]

Денес, особено по неодамнешта вест дека Columbia University’s Department of Education му дозволи на Ник Сузанис (Nick Sousanis) да докторира со дисертација со наслов Unflattening: A Visual-Verbal Inquiry into Learning in Many Dimension[6] која е напишана/насликана целосно во форма на стрип, а беше прифатена со воодушевување поради своевидната академска легитимација на (с)ликовниот јазик и револуционерноста на чинот воопшто, е повеќе од оправдано да се зборува, не само за предисторија на стрипот, туку и за сите естетички прашања кои ги повлекува како наративен род. Овој необичен докторат во форма на стрип, низ деконструкцијата на вообичаениот академски дискурс на читателот му нуди една запрепастувачка графичка уметност на визуелно раскажување која ја преиспитува човековата моќ за познание и педагошките перспективи на (с)ликовната литература.  Книгата Unflattening: A Visual-Verbal Inquiry into Learning in Many Dimension е епистемолошка и педагошка студија во ликовен наративен низ која не претставува метастрип како делата на Скот Мекклауд (Scott McCloud) на директен начин, туку на уште повиоко ниво авторот говори за вредноста на (с)ликовната артикулација на мислата и капацитетот на секвенцијалната уметност да биде легитимна дидактичка алтернатива на вербално-текстуалната паидеиа на нашево време. Оваа книга го легитимира стрипот и како уметнички формат, но и како критичка практика во форма на една нова дискурзивна стратегија.  Во САД овоj начин на вообликување се нарекув essay-as-comic. Во нашата литературна критика и теорија оваа техника на раскажување е блиска до она што може да се нарече книжевен бриколаж со интерпикторалност, наместо интертекстуалност. Но, во овие матастриспки дела или essay-as-comic, текстуалниот дел е секогаш суплементација на (с)ликовниот јазик. Затоа не може да стане збор за поддржана литература. Мора да говориме или за бимодална/мултимодална литература, за форми на интермедијалност или пак за класична графичка литература.

Педгагогшките капацитети на стрип и графичките новели

 Историјата на стрип-творештвото недвосмислено сведочи за силното едукативното и општествено-културно влијание на стрипот и графичката литература воопшто. Во неа се црпи голем дел од неговиот легитимитет како уметичка дисциплина. Доволно е да се потсетиме на Арт Шпигелман (Art Spiegelman) која доби Пулицерова награда за стрипот Maus, не дозволовајќи новите генерации да го заборават ужасот на холокаустот, на иконичкото политичко и едукативно влијание на Алан Мур (Alan Moore) и Дејвид Лојд (David Lloyd) со стрипот V for Vendetta и маската на Гај Фокс (Guy Fawkes) и нивното силно влијание врз сите политички движења против тоталитарната ксенофобија оживувајќи го старото прашање за анархизмот и политичката слобода, на културната  ревулуционерност од покренувањето на прашањата за правата на жената во исламската култура во графичките новели Persepolis и Embroideries на Маријне Сатрапи (Marjane Satrapi), графаички новели чија видео анимација беше номинирана 2007-мата за Оскар, а истата година ја доби и наградата за најдобар анимиран филм на Канскиот филмски фестивал, како и на пацифистичкиот активизам на одговорно стриповско новинарство на Џо Сако (Joe Sacco) од воените жаришта ширум светот чии новинарски известувања во форма на стрип воспоставија нов правец наречен – comics journalism. Секако, и во рамките на mainstream стрип културата и indie сцената имаме голем број на остварувања кои не само што носеа во себе едукативен потенцијал,  не само што покренаа важни политички прашања, туку овозможија и сосема нови смерници на графичкото раскажување.

Заклучок: стрипот како едукативна алатка

10277739_10152506773569633_3894247225753280937_nВрз основа на сето ова, развивме образовна програма за стрипот и графичката литература како интермедијална дидактичка алтернатива на педагошкиот пантекстуализам во формалното образование. Програмата е составен дел од проектот Art for Advocacy во организација на американската фондација за поддршка на иновативни форми на образование International Debate Education Association (IDEA SEE). Образовната програма го носи насловот: Comics as educational and advocacy tools и се спроведува вееќе пет години во рамките на неформалното образование како Школа за општествено ангажирана стрип уметност. Истата ги едуцира, инспирира и запознава младите со вештините и стратегиите за застапување (advocacy) на општествено одговорни каузи преку стрип уметноста. А знаењата и вештините кои ги стекнуваат преставуваат драгоцена алатка, како за нивното интелектуално зреење, така и за нивното општествено ангажирање во името на подоброто општество.[7]

Педагошкиот потенцијал на програмата е препознат од страна на британските организации за креативно учење и иновативна едукација и програмата беше презентирана 2016 година во рамките на проектот Art and Design for Advocacy Lab во The Sir John Cass Faculty of Art, Architecture and Design при London Metropolitan University и истата започна да се спроведува. Врз основа позитивните ускуства од досегашното спроведување, како во Југо-источна Европа, така и во Обединетото кралство, сметаме и во рамките на македонскиот образовен систем треба да се отворат можности за имплементација на стрипот и графичката литература во педагошките практики во низа предметни програми како наставни теми и сл.

Референци

Barker, M. 1989. Comics: Ideology, Power, and the Critics, Manchester University Press.

Bongco, M. 2000.  Reading Comics: Language, Culture, and the Concept of the Superhero in Comic Books. Taylor & Francis.

Carter, Ј. 2000.  An ABC for Book Collectors. London, Oak Knoll Books, Delaware, and British Library.

Eisner. W. 2000. Comics and sequential art, New York, Poorhouse Press.

Harvey, C. R. 1996. The Art of the Comic Book: An Aesthetic History, University Press of Mississippi.

Heer, Јееt. 2008.  “The Caped Crusader: Frederic Wertham and the Campaign against Comic Books”, Slate.

Dan,  M. i A. Danner. 2017. Svjetska povijest stripa: od 1968. do danas, Sandorf, Zagreb.

McCloud, S. 1993. Understanding Comics: The Invisible Art, New York, HarperPerennial, 1993.

McCloud, S. 2000. Reinventing Comics, How Imagination and Technology Are Revolutionizing an Art Form, New York, Paradox Press.

McCloud, S. 2006. Making Comics Storytelling: Secrets of Comics, Manga and Graphic Novels, New York, Harper.

McCloud, S. 2005.  ‘The visual magic of comics’, Talk Video, Lecturing in: TED2005 • 17:08 • Filmed Feb 2005, < http://www.ted.com/talks/scott_mccloud_on_comics&gt;

<http://www.blockmuseum.northwestern.edu/about/publications/ >

Munitić, R. 2010. Strip, deveta umjetnost, Zagreb, Udruga za popularizaciju hrvatskog stripa ART 9.

National Council of Teachers of English, “Using Comics and Graphic Novels in the Classroom” The Council Chronicle, Sept. 05 < http://www.ncte.org/magazine/archives/122031 >

Османли, Т. 2002. “Стрип запис со човечи лик: Антропоморфизмот на стрипот, Скопје, Култура.

Petersen, R. 2010.  Comics, Manga, and Graphic Novels: A History of Graphic Narratives, Praeger.

Sousanis Nick. 2015. Unflattening: A Visual-Verbal Inquiry into Learning in Many Dimension, Harvard University Press.

Wertham, F. 1954.  Seduction of the Innocent, New York, Rinehart & Co.

 Assistant Professor Boshko Kaaradzov, Ph.D

 

THE COMIC BOOKS AND GRAPHIC LITERATURE AS AN INTERMEDIATE DIDACTIC ALTERNATIVE TO PEDAGOGICAL PAN-TEXTUALISM IN FORMAL EDUCATION

For a long time the comic books was considered to be schundliteratur phenomenon in pop culture, and additionally not only “responsible” for “nurturing” the bad literary taste, but also for the moral corruption of the youth. But overcoming of this long-standing stereotypes enabled the posobility of scientific research on the history and philosophy comic book art. Today, we even spoke about special science of comics – panelology. However, this overcoming has opened up space for research on the complex forms of ideological power and political reflections that the comic as a phenomenon of pop culture brings in itself. From Art Spiegelman, who received the Pulitzer Prize for the comic book Maus, not allowing the new generations to forget the horror of the Holocaust, through the iconic political influence of Alan Moore and David Lloyd with the comic book V for Vendetta and Guy Fawkes’s mask, until the raising of rights woman in the Islamic culture in the Persepolis and Embroideries graphic novels by Marjane Satrapi and Joe Sacco’s civic comic journalism from the military hotspots around the world. Today it is more than justifiable to speak not only about the prehistory of the comic book, but also about all the aesthetic issues that comics draws as a narrative gender. Especially after the recent news that the Columbia University’s Department of Education has allowed Nick Sousanis to complete a PhD dissertation titled Unflattening: A Visual-Verbal Inquiry into Learning in Many Dimension, which was written/painted entirely in the form of a comic book. This unusual doctorate in form of comic book carries with itself kind of academic legitimacy of graphic language and through the deconstruction of the usual academic discourse, offers an astonishing graphic art of visual telling that examines the human power of cognition and pedagogical perspectives of graphic literature.

Key words: comic books, graphic literature, comic culture, education, educational program, super heroic ethics, etc.

[1] Fredric Wertham, Seduction of the Innocent, Rinehart & Company,  New York City, 1954.

[2] Подетално за овие историски настани видете во: Јеет Heer “The Caped Crusader: Frederic Wertham and the Campaign Against Comic Books”, Slate , (April 4, 2008)

<https://archive.is/20170527175443/http://www.slate.com/articles/arts/culturebox/2008/04/the_caped_crusader.single.html&gt;

[3] За овој подзаборавен историски настан неодамна е снимен документарниот филм “Kongres zaborava” (1971) во авторство на Владимир Пауновиќ

[4] Види: Robert Petersen, Comics, Manga, and Graphic Novels: A History of Graphic Narratives, Praeger, 2010;  Randy Duncan and Matthew J. Smith, The Power of Comics: History, Form and Culture, The Continuum International Publishing Group Inc, New York, 2009; Dan Mazur i Alexander Danner, Svjetska povijest stripa: od 1968. do danas‘, Sandorf, Zagreb, 2017.

[5] Споредете; National Council of Teachers of English, “Using Comics and Graphic Novels in the Classroom” The Council Chronicle, Sept. 05 < http://www.ncte.org/magazine/archives/122031 >

[6] Nick Sousanis, Unflattening: A Visual-Verbal Inquiry into Learning in Many Dimension, Harvard University Press, 2015.

[7] За курикуларните детали можете да го погледнете Силабусот за Art for advocacy на официјалната интернет страна на програмата < http://advocacy.mk/&gt;

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s