Херменевтичките методи во графичката литература

доц. д-р Бошко Караџов

Херменевтичките методи во графичката литература

 

Апстракт

Во оваа научна студија ќе ја изложиме естетичката теорија на американскиот стрип уметник и теоретичар Скот Меклауд (Scott McCloud)  и неговиот херменевтички квадрат како интерпретативен модел. Неговите четири принципи на стрип-творештвото ги препознаваме како херменевтички методи во графичката литература со потенцијал за научно разбирање и толкување на стрип-творештвото. Формализмот, класицизмот, анимизмот и иконокластиката како творечки начела и егзегетски обрасци произлезени од метастрипските анализи на Меклауд даваат несомнен легитимитет, не само на стрип-културата, туку и на научна рефлексија на графичкото приповедање воопшто. Затоа, во вториот дел од студија, ќе ја примениме херменевтиката на Меклауд за критички отичувања на книгата со стрип-илустрации на македонскиот стрип уметник и илустратор Игор Јовчевски и за толкување на стрип-инсталацијата со чудесните стрипови на српскиот стрип-уметник Алекса Гајиќ. Со цел да ја покажеме вредноста на (с)ликовната литература и капацитетот на секвенцијалната уметност да биде легитимна алтернатива на пантекстуалната паидеиа на нашето време.

Клучни зборови: стрип, херменевтика, херменевтички квадрат, Скот Меклауд, формализам, класицизам, анимизам, иконокластика, (с)ликовно приповедање, Игор Јовчевски, Алекса Гајиќ, чудесни стрипови итн.

Вовед: херменетичкиот квадрат на Скот Меклауд

downloadВо рамките на естетичките разгледби на методите за истражување и толкување на стрипот како (с)ликовно приповедање, графички студии на американскиот стрип автор и теоретичар Скот Меклауд (Scott McCloud), не само што се сметаат за неодминлив теоретски пункт, туку претставуваат најтемелна анализа на херменевтичките начелата при научното ‘читање’ на графичкaта литература. Неговите три essays as comics: Разбирање на стрипот: невидливата уметност[1], Преосмислување на стрипот: како имагинацијата и технологијата ја револуционизираат уметничката форма[2] и Создавајќи стрипови: тајните на стриповите, мангата и графичките новели[3] се најинструктивни истражувачки остварување во стрип-херменевтиката. Скот Меклауд е наградуван илустратор и стрип-уметник. Автор на суперхеројскиот серијал Zot, The New Adventures of Abraham Lincoln, DC Comics’ Superman Adventures, The Sculptor и др. Меѓутоа, неговите авторски стрипови останаа во сенка на научните метастрипски остварувања по кои во современата стрип култура за него, со нескриен пиетет, се говори како за Marshall McLuhan of comics.

Скот Меклауд воведува четири естетички принципи на творештво кои можат да функционираат и како интерпретативни начела во стрип-херменевтиката. Истите можат да важат и на фигурално и на фабуларно рамниште. Ги нарекува формализам, класицизам, анимизам и иконокластика. [4]

Формализмот во стрип-творештвото преставува уметнички пристап кој ги истражува и преиспитува границите на уметничката форма обидувајќи се да ја разбере медиската функционалност на самата дисциплина. Формализмот се препознава тогаш кога стрип-уметниците зачекоруваат во нови стилистички и раскажувачки насоки, креативни и иновативни (с)ликовни решенија или тогаш кога ги надминуваат традициите и каноните на самото уметничко создавање. Поточно, тогаш кога во графичкото приповедање воочуваме патувања кон нови, експериментални и дотогаш неизодени раскажувачко-цртачки пространства. Најрепрезентативни остварувања во оваа херменевтичка насока воочуваме кај Крис Вер (Chris Ware) во неговата неконвенционална графичка новела Градење приказни (Building Stories) од 2012 – тата година. Меѓутоа, приказната не само што е раскажана и насликана во broadsheet новинарски формат со кинеографски елементи (flip books) и спакувани во кутија, туку нејзината (с)ликовна повеќеслојност (multilayered) овозможува читање во било кој редослед. Или пак, од друга страна, формализамот кој се воочува во неоноар стрип серијалот на Франк Милер (Frank Miller) насловен како Град на гревот (Sin City) кој содржи ненадмилива графичко-наративна употреба на црно-белиот контраст.

Класицимот, според Скот Меклауд, е приод во стрип-творештвото кога при графичкото раскажување се воочува своевидно цртачко поклонение кон фигуралната убавина. Целта на таквото (с)ликовно приповедање е да се досегне величенственоста. Со други зборови, класичарот во стрип уметноста верува во објективните стандарди на убавото како етаблирани илустрациски канони. Во овој пристап најважна е естетската сензација на севкупното визуелно искуство. Илустрациите и стрип творештвото на Френк Чо (Frank Cho), Чарлс Вес (Charles Vess), Мило Манара (Milo Manara), Пауло Серпиери (Paolo Serpieri) и др. типично го преставуваат класицизмот за кој говори Меклауд.

Третиот принцип на стрип-творештво, кој Меклауд го нарекува анимизам, се воочува во оние стрип остварувања во кои се препознава (до)вербата во вредноста и транспарентноста на содржината. За него тоа значи целосна посветеност и предаденост кон раскажувањето, пораката или информацијата во стрипот. Опусот на Џек Кирби (Jack Kirby), Џеф Смит (Jeff Smith) со Bone, Чарлс Монро Шулц со Чарли Браун, Georges Remi Hergé со Тин-Тин и мн. други автори се дел од стрип-анимизмот.

Четвртиот приод во стрип-творештвото, согласно естетичка теорија на Меклауд, ја нагласува и портретира автентичноста на човековото лично и општествено искуство. А тоа подразбира впрегнување на стрип уметноста за изразување на општествено-политичките стојалишта, критички опсервации на социјалната реалност, застапување на одредени вредносни каузи, преиспитување на вкоренетите општествени норми, подигнување на свеста за одредени значајни прашања од општествениот живот и сл. Во стрип-иконокластиката нема додворување кон системот, нема форми на индулгенција. Ниту ставање на стрипот во служба на одредени надворешни интереси. Субверзивниот капацитет на стрипот како визулен медиум кој може да предизвика општестени промени и да застапува социјално одговорни каузи може да воочи во ненадминливите стрип остварувања на Алан Мур (Alan Moore) како Watchmen и V for Vendetta, графичката новела Maus на А. Шпигалман (Art Spiegelman), оскаровскиот стрип Persepolis на Маријане Сатрапи (Marjane Satrapi), Palestine на Џое Сако (Joe Sacco), политичката стрип-сатира во стриповите на Роберт Крамб (Robert Crumb) и многу други.  [5]

Скот Меклауд додава дека овие четири принципи на стрип-творештвото, не само што можат да бидат толковни начела во научниот пристап кон графичката литература, туку нивната интерпретативна моќ се црпи и од тоа што соодвествуваат со четирите психички функции (мислење, осетување, чувствување, интуиција) на Карл Јунг. Формализамот соодветствува со мислењето како психичка функција, осетувањето со класицизмот, интуицијата со анимизмот и на крај чувствата и емоциите со иконокластичкиот приод. Дополнително, од друга страна, иако не навлегува во подробности, Меклауд овие четири естетски начела смета дека можат да функционираат како интерпретативни канони и во класичната ликовна уметност, филмот, музиката и сл.

B-DdVZfCMAEASf3

Во неговиот херменевтички квадрат ги разлачува овие четири творечки приоди и по естетичкото двојство: традиционализам – револуционерност. Па, класицизмот и анимизмот ја рециклираат естетиката на традиционализмот, почитувајќи етаблирани раскажувачки и цртачки канони. Додека, формализмот и иконокластиката се револуционерни творечки практики. Но, говори и во дијарезата: уметност-живот, па уверува дека за класицистите и формалистите поважна е уметничката дисциплина, а за анимистите и иконокластите, самиот живот како персонално искуство. [6]                         Скот Меклауд верува дека научното ‘читање’ на стрипот како графичка приповетка со помош на овој херменевтички квадрат може да помогне не само во разбирањето на уметничкото дело, туку и во неговото толкување. Затоа, во следниот дел ќе предочи две толковни отчитувања на две (с)ликовно-литературни дела врз основа на херменевтичкиот квадрат на Скот Меклауд. Првото, ќе говори за класицизмот во книгата со стрип-илустрации на македонскиот стрип уметник и илустратор Игор Јовчевски[7], а втората за формализмот и чудесните стрипови на српскиот уметник Алекса Гајиќ[8].

Омаж за хероизмот и дивата убавини: кон книгата со илустрации Црно на бело на Игор Јовчевски

Црно на бело на Игор Јовчевски[9] е книгa со илустрации, графички едночинки, стрипски splash-ови и spread – ови,  омажни портрети и (о)просторени приповетки. Таа е плод на неговата креативна, повеќегодишна стрип-продукција и цртачка дејност. Книга во која, на еден автентичен начин, (с)ликовно ги осмислува и прераскажува неговите авторски стрип-ликови, но и други вонвременски фигури од популарната култура. Книгата на Јовчевски е една од оние визуелни четива кои го прошируваат значењето на зборот ‘литература’, (у)верувајќи дека и цртежите можат да бидат ‘читани’. Оваа (с)ликовна литература раскажува на невообичаен автореференцијален начин. Со други зборови, колку Јовчевски говори за насликаното, толку говори и за себе и неговите вредносни стојалишта. Затоа, Црно на бело е слокозборница која може да се чита и као омаж, но и како еден вид суптилна иконокластика преку која авторот во авторското не може да се оттргне од чувството дека одредени вредности се над сѐ. Илустрациите на Јовчевскии и неговиот препознатлив црно-бел ликовен ракопис воспоставуваат такви естетички стандарди кои ги дофаќаат вредностите на она што во стрип–естетиката се нарекува класицизам. Јовчевски е еден од ретките илустратори во Р. Македонија кој останува верен на класичната стрип-естетика. Едноставно, затоа што таа за него е возвишениот стрип-јазик за ликовно приповедање.  Нема карикатуралност, нема картунизација, нема манга нацртки ниту indie минимализми, нема преиспитување на формите и рушење на цртачките канони, нема предност за невидливото (eidos), туку апологија на видливото (morphē). Поточно, во неговите илустрации веднаш се препознава фигуративна доследност кон објективните стандарди на убавото во стрип културата.                                                                                                                              Неговиот класицизам во илустрациите жестоко потсетува дека мора да постојат етаблирани естетски канони на стрип-творештвото. И тоа, не само во името на златното доба и традицијата на цртачката извонредност на деветата уметност, не само во името на делотворноста на ликовната композиција и неа соодветната естетска доживеалица, туку и во името на она што го загатна Жан Франсоа Лиотар (Jean-François Lyotard) во Дискурс, фигура (Discours, figure) уште 1971-вата – одбраната на окото од пантекстуализмот на дискурзивните практики.  Илустрациите на Јовчевски, во својата фигуралност, се токму таква одбрана окото и естетичката сензација. Оттука доаѓа и неговото артистичко ликовно prosede кое ja обоготворува фигурална убавина на неговите теми и ликови, прикажувајќи ја нивната величенственост и возвишеност. Тоа негово творечко techne  во себе ја носи суперхеројската цртачка традиција во која и неговото фигурално нагласување на машкоста и женскоста има фабуларна, експресивна и естетичка оправданост.

Содржински, неговите илустрации се поделени во тематски циклуси: епска фантазија, американскиот див запад, Холивуд и останати. Во нив не само што се препознава жанровската инспирација на Јовчевски и неговиот сензибилитет, туку, далеку повредно, се воочува таква самодоверба во процесот на фигуративната реинтерпретација на ликовите од дивиот запад или градот на соништа, по што самото визуелното искуство предизвикува: несомнена уверливост, автентична експресивност и артикулирана визуелна приказна за нивната возвишеност. Јовчевски не случајно ја впрегнува класичната суперхеројска цртачка естетика и нејзината фигурална нагласеност. Неговата филозофска категорија со која оперира е естетиката на возвишеното.

Од Псевдо Лонгин (Pseudo-Longinus) па се до Жан Лук Нанси (Jean-Luc Nancy), естетиката на возвишеното говори за: големото, вредното, нанадминатото, она што импресионира и предизвикува почит, она што е величенствено.  А Јовчевски во Црно на бело тематски го вообликува токму неговото возвишено. Па затоа, ликовните хиперболи во неговите графички едночинки и портрети имаат функција да иницират восхит и моментална и целосна освоеност на душата од силината на морално достоинство, естетската неповторливост, сакралната непроценливост, општествената угледност или сензуалната божественост на неговите протагонисти.

  Од индијанските шамани, соблазливите и заводливи пиштолџики, непоколебливите каубоји и храбрите индијански воини, преку змејовите, волшебниците и праведниците на мечот и магијата на епската фантазија, па се до неговите стрипски портрети на вонвремените: Клинт Иствуд (Clint Eastwood), Чарлс Бронсон (Charles Bronson), Одри Хепберн (Audrey Hepburn), Џони Кеш (Johnny Cash), Сандански и др., Јовчевски изразува длабок сентимент на наклон и искрена носталгија кон стариот добар Холивуд, кон хероизмот и културата на т.н. American Old West и кон лиминалноста на епската фантазија.

Во сите тематски циклуси, Јовчевски со контемплативен ликовен јазик се сосредоточува на еден значаен пантеон на ликови од популарната култура. На првото ликовно читање,  Црно на бело на Игор Јовчевски е омаж за хероизмот и дивата убавина на светот во кој безмерно се насладуваше и незапирливо патуваше нашата најискрена детска фантазија. Но, во поттекстот на неговата ликовна проза се крие авторскиот повик за враќање кон поздаборабените вредности и напуштени морални определби од тој наративен универзум. Цртачката страст на Јовчевски кон овие митолошки фигури на популарната култура е разбирлива само преку неговата авторска и општествено ангажирана порака дека времето на правдољубивиот личен хероизам не е неповратно одминато и безнадежно изчезнато.

За чудесните стрипови на Алекса Гајиќ: радикалниот формализам како метанарација

Стрипот како (с)ликовно преповедање денес радикално го менува носителот на неговата феноменологија. Естетички искусиваме нови стрип-формати, комплетно поразлични од печатениот стрип. Технологијата овозможи нови форми на дигитална стрип-продукција и дистрибуција, по што, сосема природно, се наметнаа прашањата за новите медиуми на изразна атртикулација на стрипот, прашањата за поместуваањето на границите на наративната фигурација, новите перспективи за читање и визуелно раскажување и сл. Во технолошкиот исчекор на нашето време дел од авторите не бараа можности за имитирање на печатената естетика на стрип-таблата, туку ги прошируваа полињата на возможното стрип-искуство. Во дигиталната продукција на стрипови денес може да се креира во две естетички парадигми. Правта, која останува доследна на кинематиката на печатената естетика, па технологијата се ползува за наративна фигурација во етаблираниот гутемберговски стрип – формат. Со други зборови, за цртање, боење, текст, дистрибуција и сл. И втората, која врз основа на концептот за бесконечното платно (infinite canvas), радикално ги шири и преобликува, како читачките така и создавачките стрип искуства.

10665149_283157545218814_8316048681657163321_nВрз основа на овие современи околности вообичаено се говори за феноменологијата на стрипот во дихотомијата печатени наспроти дигитални стрипови. Меѓутоа, уметничкиот проект на српскиот стрип авторот Алекса Гајиќ насловен како: Čudnovati strip Alekse Gajića: Prošireno polje stripa (radovi 2011-2013)[10] ја стави под знак прашалник самата валидноста на оваа воспоставена поделба. Со други зборови, Гајиќ создаде едно вонредно и неповторливо уметничко дело во стрип културата. Во него на радикален начин толку креативно експериментира со формата на стрипот како наративен род, по што не само што го преосмислува и истражува до неговите крајни граници, туку ја преиспитува и неговата феноменологија.

Поточно, Гајиќ радикално и лудистички, со неверојатна проникливост,  експериментално креира невообичаено нови форми и носители на стриповската нарација. Естетски и естетички, до крајни граници, ја опитува можноста за трансцидирање на т.н. стрип – објект(и). Низ неговите чудесни стрипови одговараат на прашањата: што е стрипот, што сѐ може да биде стрип, дали стрипот има физичка граница,  дали стрипот пресудно зависи од носителот на неговата феноменологија,  дали стрипот може да остане стрип и без хартијата, дали има стрип пред печатот и дали е возможен стрипот по ерата на печатот? Неговата лична уметничка потрага по одговорите на овие естетички прашања резултураа со создавањето такви експериментални форми на стрипови во кои самата графичка нарација е експонирана до разиграни граници на нејзиното себепреиспитувањето и редефинирањето. Дофаќајќи нешто суштествено – ноуменологијата на стрипот.

Отклонувајќи се од зададената рамка на стрипското двојство: хартија – елетронски запис, тој така уверливо експериментира со возможните физички носители на ликовната приповетка, по што читателот останува вчудоневиден при средбата со стрипот наративно зададен во објектни медиуми и материјали како: шишенца, камења, гранки, чутурки, дрвена фиока, плочки, куфер, стара кутија за премотување, талетна хартија и сл. Неговите кратки и чудесни стрипови се раскажани на ефемерни и невообичани објекти. Гајиќ не ги раскажува само малите стрипски прикази, тука ја предочува и големата приказна за одност помеѓу она што се појавува и она што лежи скриено во основата на појавата. За феноменологијата на стрипот и неговата суштина. А тоа значи покренување на стрипското себепреиспитување со лудистичка мазурка на граничното прашање за природата на стрипот како наративен род.

Стрипот на камчиња, тоалетна хартија, стрипот во мали шишенца и кутија за премотување, стрипот во дрвена фиока и  куфер и  многуте други од галеријата на чудесните стрипови на Гајиќ во кои приповетката е исцртана/раскажана на уште почудни материјали го потврдува сознанието дека материјалот или формата не може да биде граница на стрипот. Неговиот modus operandi е независен од материјалниот носител на неговата експресија. Но, ако стрипот како наративен род не е предодреден од физичкиот материјал, ако стрипот е нешто повеќе од хартија или електронски запис, тогаш што навистина тој е?

Неговите чудесни стрипови преставуваат е прониклив обид естетика на проширеното поле да се примени во стрип културата на реверзибилен начин. Назад кон протострипските искуства. Неговите чудесни стрипови е креативен обид ефемерноста да добе статус на легитимна сакралност во стрип културата. Неговите чудесни стрипови е прв обид естетичкиот лудизам (разиграноста како принцип на трворештвото) да избликне во стрип-културата на ангажиран, а не на тривијален, начин. Неговите чудесни стрипови се обид естетика на невообичаеното да биде есететика на вообичаеното. Неговите чудесни стрипови се е опредметена филозофска рефлексија за природата, границата и суштината на стрипот. Неговите лудни стрипови се филозофија, раскажана на непретенциозен начин. Тогаш што раскажуваат неговите стрипови во поттекстот на нивната експериментална форма? Која е големата приказна сред малите приповетки во чудните материјали?

Гајиќ ја потврдува филозофската согледба дека стрипот не е клучно предодреден од објектот и објектноста. Стрипот е нешто различно од медиумот на неговата артикулација. Негово општило (носител преку кои општи – комуницира – пренесува приповетка и порака) може да биде во предпечатените/печатените/постпечатените полиња на фенименолошкото искусување. Но, стрипот не е камен, кожа, хартија, мрежа или пиксели. Стрипот по природа е рецептивно и контемплативно доживување. Неговиот modus operandi се повторува во секој формат, во секој материјал, во секоја замислена објектност. Тој се остварува како секвенцијално (нанижано) внатрешно и лично искуство на (с)ликовното траење. Пиктуралниот поттик е во служба на имагинативната слобода. Стриповското време и стриповскиот простор се еден вид  кантовски априорни форми на стрип – доживеалицата. Нив ги носи субјектот/читачот како негови инхерентни естетички способности. Затоа, стрипот не е објект, ниту е објективен. Не постои надвор од читателското искуство. Стрипот е самото читателското искуство. Еден вид на интристичен феномен на естетската свесност. Гајиќ уверува во истото, но со моќта на (с)ликовниот јазик и  неговата метанаративна фигурација. На овој начин ја прави естетички легитимна секоја расправа за метафизиката на стрипот.

Заклучок

Естетичката теорија на американскиот стрип уметник и теоретичар Скот Меклауд и неговиот интерпретативен модел преку формализмот, класицизмот, анимизмот и иконокластиката како принципи на стрип твотрештвото и толковни модели даваат легитимитет на стрип-културата и графичкото приповедање. Иако во светски рамки тоа е одамна неспорно, сепак на овие простори, во научната и културна јавност, сеуште се чувствува игнорантен елитизам кон стрипот или како тоа А. Станковски го нарекува: академски заговор против стрипот. Поточно, уверувањето дека стрипот е петпаричка нискокултурна шунд појава во поп-културата “одговорена” за “негување” на лошиот литературен вкус. Па оттука, во  формалното образование и на акдемско ниво скоро е бласфемично да се спомне стрипот и стрип  културата, а камоли да се промовира како вредно четиво со уметнички, едукативен и активистички потенцијал. Меѓутоа, стрипот како девета уметност има своја неспорна вредност и естетички легитимитет. Графичката литература и секвенцијалната уметност можат да бидат легитимна алтернатива на вербално-текстуалната образовна парадигма на нашето време. Апликативната вредност на херменевтичката методологија на Меклауд тоа нагледно го предочува.

Во општественото влијание на стрипот се црпи голем дел од неговиот легитимитет како уметичка дисциплина. Во 1992 година за прв пат во историјата еден стрип, Maus на Арт Шпигелман (Art Spiegelman), доби пулицерова награда за книжевност. Алан Мур (Alan Moore) и Дејвид Лојд (David Lloyd) со стрипот V for Vendetta и иконичката маска на Guy Fawkes извршија огромно влијание врз сите политички движења против тоталитарната ксенофобија оживувајќи го старото прашање за анархизмот и политичката слобода. Во рамките на исламскиот феминизам, влијанието на графичките новели Persepolis (анимираната верзија на стрипот беше номинирана 2007-мата за Оскар, а истата година ја доби наградата за најдобар анимиран филм на Канскиот филмски фестивал) и Embroideries на Маријане Сатрапи (Marjane Satrapi) е со непроценливо значење. Joe Sacco со неговите новинарски известувања во форма на стрип од воените жаришта ширум светот воспостави нов правец наречен – comics journalism. А секако, и во рамките на mainstream стрип културата и indie сцената имаме голем број на остварувања кои не само што покренаа важни политички прашања, туку овозможија сосема нови смерници на графичкото раскажување. Поради овие околности, стрип-херменвтиката се повеќе ќе добива на важност како систем за толкување на феномените во поп културата и инструктивна смерница за градење на постапки за разбирање и важечко толкување на општествениот живот.

 

 

 

Референци

Bongco, Mila. Reading Comics: Language, Culture, and the Concept of the Superhero in Comic Books. Taylor & Francis, 2000.

Duncan, Randy and Matthew J. Smith, The Power of Comics: History, Form and Culture, The Continuum International Publishing Group Inc, New York, 2009.

Eisner. Will, Comics and sequential art, Poorhouse Press, 2000.

Херменевтика и поетика. Зборник на текстови, (прир.) Катица Ќулавкова. Скопје: Култура, 2003. Јовчевски, Игор.  Црно на бело: книга со илустрации, Скопје: Стрип Квадрат, 2017.

Караџов, Бошко. ‘Дигиталниот стрип и идејата за бесконечното платно: кон една субјетивистичка естетика на стрипот‘, Филозофска трибина 21. Темат: Филозофија и филм. Филозофско друштво на Македонија, Скопје (2017) : 193-227.

McCloud, Scott.Understanding Comics: The Invisible Art, New York, HarperPerennial, 1993.

McCloud, Scott.Reinventing Comics, How Imagination and Technology Are Revolutionizing an Art Form, New York, Paradox Press, 2000.

McCloud, Scott.Making Comics Storytelling:Secrets of Comics, Manga and Graphic Novels, New York, Harper,  2006.

McCloud, Scott.  ‘The visual magic of comics’, Talk Video, Lecturing in:, TED2005 • 17:08 • Filmed Feb 2005, < http://www.ted.com/talks/scott_mccloud_on_comics&gt;

Munitić, Ranko.Strip, deveta umjetnost,Udruga za popularizaciju hrvatskog stripa ART 9, 2010

Османли, Томислав. Стрип запис со човечи лик: Антропоморфизмот на стрипот, Скопје, Култура, 2002.

Petersen, Robert.  Comics, Manga, and Graphic Novels: A History of Graphic Narratives, Praeger, 2010.

Wessely, Christian.  “On the History and Hermeneutics of Comics”, JRFM 3/1 (2017): 17–44.

Summary

In this scientific article we will present the aesthetic theory of American comic book artist and theorist Scott McCloud and his hermeneutic square as an interpretive model. His four principles of comic book creation recognized as hermeneutical methods in graphic literature have potential for scientific understanding. Formalism, classicism, animism and iconoclasticism, as creative principles and exegetical patterns derived from the McCloud analysis give legitimacy, not only to the comic culture, but also to the scientific reflection of graphic novel in general. Hence, in the second part of the study, we will apply the hermeneutics of McCloud to critically analys the book with comic book illustrations by Macedonian comic artist and illustrator Igor Jovcevski, and for interpreting the comic book installation by Serbian artist Alexa Gajic. In order to show the value of comic books and the capacity of sequential art to be a legitimate alternative to the pan-textual paradigm of our time.

Доц. д-р Бошко Караџов е професор и научен истражувач во областа на современата филозофија и стрип-етстетиката. Автор е на десетина научни студии и авторизирани предавања за естетиката на дигиталниот стрип, средновековните графички приповетки, стрипот и политичката идеологија, моќта на стрипот како вид ангажираната уметност и сл. Д-р Бошко Караџов е ко-автор и реализатор на интернационална едукативна програма Art for Advocacy: comics as a tool for advocacy and education во организација на американската фондација International Debate Education Association – Southeast Europe.

[1] Scott McCloud, Understanding Comics: The Invisible Art, New York, Harper Perennial, 1993.

[2] Scott McCloud, Reinventing Comics: How Imagination and Technology Are Revolutionizing an Art Form, New York, Paradox Press, 2000.

[3] Scott McCloud, Making Comics Storytelling: Secrets of Comics, Manga and Graphic Novels, New York, Harper,  2006.

[4] Scott McCloud, ‘The visual magic of comics’, Talk Video, Lecturing in:, TED2005 • 17:08 • Filmed Feb 2005, < http://www.ted.com/talks/scott_mccloud_on_comics&gt&gt;

[5] Scott McCloud, ‘The visual magic of comics’, op. cit.

[6] Ibid.

[7] Игор Јовчевски е претставник на помладата генерација стрип автори кај нас. Автор e на повеќе стрипови и учествувал на многу меѓународни стрип фестивали. Објавува самостојно и групно во повеќе регионални стрип ревии. Досега има издадено неколку стрип албуми, како „Кратки резови“ (избор од повеќе кратки стрипови), „Чуварите на вечната светлина“ (целосна приказна во еден албум), „Ајвармен“ (соработка со сценаристот Давор Драмиќанин). Јовчевски илустрирал неколку стрип-сликовници посветени на македонски револуционери и автор на детски илустрации во списанието за деца „Смешко“.

[8] Алекса Гајиќ (Aleksa Gajić) е познат во стрип културата по неговите илустрации за Политикин забавник и по неговото цртачко остварување на сценаристичките идеи на Валери Манжин (Mangin Valérie) од краткиот француски стрип серијал „Le Fléau des Dieux“ (Бичот божји).  Гајиќ како еден од најдобрите стрип автори на овие простори, во соработка со текстописецот Дарко Грикиниќ (Darkom Grkinićem) го креираше анимираниот долгометражен филм Технотајз: Едит и јас, а самојстојно работеше на наградуваните анимирани филмови: Стрип премотување и Наголемувањето и падот на уметноста. Во неговата стрипографија вредни за отчит се и следниве остварувања: U šrafovima: kolekcija kratkih stripova (2003), Drakko 1-2 (2011/12) (текст на Valérie Mangin) и Skrepbuk (2012) и др.

[9] Игор Јовчевски, Црно на бело: книга со илустрации, Скопје, Стрип Квадрат, 2017.

[10] Čudnovati stripovi Alekse Gajića < https://srdjantunic.wordpress.com/2013/11/07/cudnovati-stripovi-alekse-gajicaweird-comics-of-aleksa-gajic/&gt;

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s