ОМАЖ ЗА ХЕРОИЗМОТ И ДИВАТА УБАВИНА

ОМАЖ ЗА ХЕРОИЗМОТ И ДИВАТА УБАВИНА

ПРЕДГОВОР ЗА КНИГАТА СО СТИП – ИЛУСТРАЦИИ “ЦРНО НА БЕЛО” ОД ИГОР ЈОВЧЕВСКИ

21231263_1118530154913635_4296182579185110257_nЦрно на бело на Игор Јовчевски е книгa со илустрации, графички едночинки, стрипски splash-ови и spread – ови,  омажни портрети и (о)просторени приповетки. Таа е плод на неговата креативна, повеќегодишна стрип-продукција и цртачка дејност. Книга во која, на еден автентичен начин, (с)ликовно ги осмислува и прераскажува неговите авторски стрип-ликови, но и други вонвременски фигури од популарната култура. Книгата на Јовчевски е една од оние визуелни четива кои го прошируваат значењето на зборот ‘литература’, (у)верувајќи дека и цртежите можат да бидат ‘читани’. Оваа (с)ликовна литература раскажува на невообичаен автореференцијален начин. Со други зборови, колку Јовчевски говори за насликаното, толку говори и за себе и неговите вредносни стојалишта. Затоа, Црно на бело е слокозборница која може да се чита и као омаж, но и како еден вид суптилна иконокластика преку која авторот во авторското не може да се оттргне од чувството дека одредени вредности се над сѐ.

Илустрациите на Јовчевскии и неговиот препознатлив црно-бел ликовен ракопис воспоставуваат такви естетички стандарди кои ги дофаќаат вредностите на она што во стрип–естетиката се нарекува класицизам. Јовчевски е еден од ретките илустратори во Р. Македонија кој останува верен на класичната стрип-естетика. Едноставно, затоа што таа за него е возвишениот стрип-јазик за ликовно приповедање.  Нема карикатуралност, нема картунизација, нема манга нацртки ниту indie минимализми, нема преиспитување на формите и рушење на цртачките канони, нема предност за невидливото (eidos), туку апологија на видливото (morphē). Поточно, во неговите илустрации веднаш се препознава фигуративна доследност кон објективните стандарди на убавото во стрип културата.

Неговиот класицизам во илустрациите жестоко потсетува дека мора да постојат етаблирани естетски канони на стрип-творештвото. И тоа, не само во името на златното доба и традицијата на цртачката извонредност на деветата уметност, не само во името на делотворноста на ликовната композиција и неа соодветната естетска доживеалица, туку и во името на она што го загатна Жан Франсоа Лиотар (Jean-François Lyotard) во Дискурс, фигура (Discours, figure) уште 1971-вата – одбраната на окото од пантекстуализмот на дискурзивните практики.  Илустрациите на Јовчевски, во својата фигуралност, се токму таква одбрана окото и естетичката сензација. Оттука доаѓа и неговото артистичко ликовно prosede кое ja обоготворува фигурална убавина на неговите теми и ликови, прикажувајќи ја нивната величенственост и возвишеност. Тоа негово творечко techne  во себе ја носи суперхеројската цртачка традиција во која и неговото фигурално нагласување на машкоста и женскоста има фабуларна, експресивна и естетичка оправданост.

21192379_1118530198246964_8628540526703350322_nСодржински, неговите илустрации се поделени во тематски циклуси: епска фантазија, американскиот див запад, Холивуд и останати. Во нив не само што се препознава жанровската инспирација на Јовчевски и неговиот сензибилитет, туку, далеку повредно, се воочува таква самодоверба во процесот на фигуративната реинтерпретација на ликовите од дивиот запад или градот на соништа, по што самото визуелното искуство предизвикува: несомнена уверливост, автентична експресивност и артикулирана визуелна приказна за нивната возвишеност. Јовчевски не случајно ја впрегнува класичната суперхеројска цртачка естетика и нејзината фигурална нагласеност. Неговата филозофска категорија со која оперира е естетиката на возвишеното.

Од Псевдо Лонгин (Pseudo-Longinus) па се до Жан Лук Нанси (Jean-Luc Nancy), естетиката на возвишеното говори за: големото, вредното, нанадминатото, она што импресионира и предизвикува почит, она што е величенствено.  А Јовчевски во Црно на бело тематски го вообликува токму неговото возвишено. Па затоа, ликовните хиперболи во неговите графички едночинки и портрети имаат функција да иницират восхит и моментална и целосна освоеност на душата од силината на морално достоинство, естетската неповторливост, сакралната непроценливост, општествената угледност или сензуалната божественост на неговите протагонисти.

Од индијанските шамани, соблазливите и заводливи пиштолџики, непоколебливите каубоји и храбрите индијански воини, преку змејовите, волшебниците и праведниците на мечот и магијата на епската фантазија, па се до неговите стрипски портрети на вонвремените: Клинт Иствуд (Clint Eastwood), Чарлс Бронсон (Charles Bronson), Одри Хепберн (Audrey Hepburn), Џони Кеш (Johnny Cash), Сандански и др., Јовчевски изразува длабок сентимент на наклон и искрена носталгија кон стариот добар Холивуд, кон хероизмот и културата на т.н. American Old West и кон лиминалноста на епската фантазија.

Во сите тематски циклуси, Јовчевски со контемплативен ликовен јазик се сосредоточува на еден значаен пантеон на ликови од популарната култура. На првото ликовно читање,  Црно на бело на Игор Јовчевски е омаж за хероизмот и дивата убавина на светот во кој безмерно се насладуваше и незапирливо патуваше нашата најискрена детска фантазија. Но, во поттекстот на неговата ликовна проза се крие авторскиот повик за враќање кон поздаборабените вредности и напуштени морални определби од тој наративен универзум. Цртачката страст на Јовчевски кон овие митолошки фигури на популарната култура е разбирлива само преку неговата авторска и општествено ангажирана порака дека времето на правдољубивиот личен хероизам не е неповратно одминато и безнадежно изчезнато.

Во името на моќта на суперхеројската етика ве поканувам на едно комплетно поинакво графичко ‘читање’ на еден вреден, редок и значаен прилог за македонаката ликовна литература и поп култура.

                                                            д-р Бошко Караџов

 

 

Караџов, Б.”Омаж за хероизмот и дивата убавина”. Предговор за книгата со стрип-илустрации ‘Црно на Бело’ на Игор Јовчевски. Стрип Квадрат, Скопје(2017): 4-5.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s