Џон С’рл против Жак Дерида: филозофскиот λόγος помеѓу терористичката опскурност и илокуцискиот говорен чин

д-р Бошко Караџов

Џон С’рл против Жак Дерида: филозофскиот λόγος помеѓу терористичката опскурност и илокуцискиот говорен чин

arthur_schopenhauer_33…така наречената филозофија е колосална мистификација, којашто на идните генерации ќе им понуди неисцрпна тема за подбив кон нашето време. Таа е злоупотреба на јазикот што ги парализира духовните сили. Се што навистина може да размислува го загушува со својата псевдофилозофија, која на нивно место ги поставува најпразните, најбесмислените, нејнепромислените, според тоа како што потврдува искуството, и најзатупувачките брборења – Артур Шопенхауер за Хегеловата филозофија во Предговорот за Двата основни проблеми на етиката[1] 

Апстракт

            Во оваа статија ќе ја проследине расправата помеѓу Жак Дерида и Џон С’рл во поглед на теоријата за говорните чинови на Џон Остин. Врз основа на нивните позиции ќе ги вреднуваме опскурните филозофски дискурси како радикална говорна практика, обидувајќи се да дадеме одговор за (не)оправданост на нивната јазична арготика. Сметаме дека анализата на опскурните филозофски пишуванки не е техничка расправа за одредени стилистички решенија, туку основа за редефинирње на вредноста на самата филозофија како вид интелектуална дејност. Уверени во намерно прекршување на правилата на јасноста во филозофскиот λόγος, ќе се обидеме да дадеме одговор за причините за намерното прекршување на правилата на јасноста од страна на опскурните дискурси на одредените филозофски традиции.

Клучни зборови: теорија на говорни чинови, перформативи, филозофска арготика, опскурен дискурс, итерабилност, опскурен тероризам, цитатност итн.

Назначување: научната студија е проширена верзија на истоимениот научен реферат приложен на Меѓународната научна конференција/Симпозиумот на тема: λόγος и τροπος во поттемата: Постмодерна во делот: Логосите на науката, филозофијата и религијата: дивергенција или конвергенција организиран од Институтот за класични студии и Институтот за филозофија, Здружението на класичари на Р.М и ФДМ на 29/30.05.2017 на Филозофскиот факултет во стстав на УКИМ.

Пролог

      Џон С’рл (John Searle), во едно од многуте документациски архивирани предавања[2], сподели впечатливи собитија од неговите неформални разговори со Мишел Фуко (Michel Foucault) и Пјер Бурдје (Pierre Bourdieu) во поглед на опскурноста на јазик во француската постструктуралистичка филозофија. Предавањето го започнува со четирите Maxims of Manner на Пол Грајс (Paul Grice) во следниов правец:

download (3)

Мишел Фуко

…немојте да бидете двосмислени (ambiguous), не употребувајте премногу зборови (to wordy), имајте одреден ред (orderly) и избегнувајте ја опскурноста (obscurity). Ова се четирите максими на [филозофскиот] пристап. Сметам, дека тие систематично, намерно и често беа прекршувани од одредени филозофски школи, за кои немам никаква наклонетост. Не знам, дали досега сум ви ја раскажал оваа случка, но, еднаш долго разговарав со познатиот француски филозоф Мишел Фуко, кој беше и мој личен пријател, и му реков: по ѓаволите човеку, зошто [овде во Франција] пишувате толку лошо (badly)!? Фуко ми рече: “види, ако пишувам јасно и читко  како што пишувате Вие, овде во Париз никој нема да ме зема за сериозно. Ќе мислат дека пишувањето е наивно, детинесто”… А кога дојде кај нас во Беркли и држеше предавања беше сосема јасен и прецизен. Тогаш, пак му реков: зошто не пишуваш вака? Повторно, исто ми одговори, вели: напишаното ќе биде сметано за детинесто и наивно. Му реков: Мишел, немој да се шегуваш, кажи ми ја вистинската причина? Зошто пишуваш така лошо, кога во конверзацијата си подеднакво јасен и прецизен како што сум јас? Тогаш ми рече: Во Франција мораш да имаш 10%  неразбирливи (incomprehensible) зборови, во спротивно, луѓето нема да мислат дека напишаното е дабокоумно, нема воопшто да те сметаат за длабокоумен мислител. Потоа, кога држев предавања во Париз, се запознав со Пјер Бурдје, му ја раскажав оваа случка, и знаете што ми рече: а не, не е точно, не е 10%, повеќе е од десет, веројатно над 20%. Му се восхитував на Бурдије, во приватните разговори беше неверојатно јасен и прецизен, меѓутоа кога за еден од курсевите со студентите ја работевме неговата  The Logic of Practice, не само што тие имаа проблем да разберат, туку признавам, и јас имав потешкотии да сфатам што сакаше да каже. Навистина, Фуко и Бурдује пишуваа во франко-германски стил кој е неверојатно опскурен и неразбирлив….За систематското, намерното и честото прекрување на четирите максими е комплетно одговорен овој франко-германски филозофски стил на пишување. Се сеќавам, кога учев француски, слоганот беше: Ако не е јасно, значи не е на француски! Сега, оваа максима е тотално напуштена.[3]

 

Вовед

athome

John Searle 

Ова пледоаје на Џон С’рл, иако озборувачко (gossip) по својата природа [така и го нарече Жак Дерида (Jacques Derrida) “аргументот” на повикување на приватните разговори со Фуко од страна на С’рл во академската дебата со него], нагледно го изострува прашањето за природата на филозофскиот јазик (λόγος), смислата и значењето на филозофските дискурси, функцијата на филозофската терминологија, говорот и писмото во филозофската продукција, и секако рефлексиите на сето ова врз македонската филозфска терминологија и нејзиниата λόγος- ност!? Овде не позразбираме расправа во поглед на преведувачката традиција во Македонија и проблемите на помакедончувањето на категоријалниот апарат на дисциплината, туку говориме за филозофската терминологија како радикална говорна практика или арготичка дискурзивна форма, како и за нејзината таква (не)оправданост? Одговорите на овие прашања не се наивна техничка расправа за одредени стилистички решенија, напротив, тие ја редефинираат вредноста на самата филозофија како вид интелектуална дејност.

 

        Ако пристапиме историографски, ќе испливаат дава возможни одговори за причините поради кои одредени филозофи пишуваат неверојатно опскурно. Првата, дидактичка, и во слава на посебноста на филозофијата како интелектуална дејност, предочува дека тешкиот јазик на филозфијата, неразбирливоста на филозфската терминологија е совмесна и определена од тешкоста и неразбирливоста на проблемските подрачја на философскиот у-вид. Поточно, јазикот/говорот (λόγος) е таков затоа што се такви се и филозофските проблеми. Втората, не го дели апотеозниот карактер на првата  и уверува во намерното прекршување на правилата на јасноста во филозофскиот дискурс. Ако е прекршувањето намерно, тогаш која е целата на опскурните дискурси на одредените филозофски традиции? За да одговориме на ове прашања ќе се послужиме со инструктивните перспективии кои ги отвора преписката (дебатата) помеѓу Џон С’рл и Жак Дерида во поглед на теоријата за говорните чинови на Џон Л. Остин (J. L. Austin).

Џон Срл  vs.  Жак Дерида

Jl_austin[1]

J. L. Austin

Во 70-десетите години на минатиот век Џон С’рл започна преписка со Жак Дерида во поглед на теоријата за говорните чинови на Џон Остин. Преписката ја обележи меѓусебно непријателство, обвинување: за неразбирање на позициите на соговорникот, за недоволно познавање на филозофските традиции, за систематска нејасност кај противникот и сл. С’рл во принцип ја спореше деконструкцијата како филозофска рамка на Дерида, уверувајќи дека тој пристап воопшто не е легитимна филозофија, ниту пак е некаква интелегибилна пишуванка. Во почетокот, С’рл воопшто не сакаше да придава значење на деконструктивистичката филозофија со тоа што ќе зборува за неа како за рамнопрестолен филозофски пристап, ниту дозволи неговите одговори да бидат испечатени во збирката на Дерида од 1988 со наслов Limited Inc. Меѓутоа, чуствуваше потреба, не само да влезе во заштита на својот професор Остин, туку и во одбрана на филозофијата од тенденциите во континентална филозофија. Читајќи ја дебата, навидум е како да разговараат двајца луѓе кои воопшто не се слушаат еден со друг. Меѓутоа, таа транзеутност ја сметаме за најрепрезентативна линија на непомирливоста[4] во концептуалната војната помеѓу аналитичката и континенталната филозофска традиција.[5]

download

Жак Дерида

 

 

Библиографски гледано, преписката течеше вака. По прераната смрт на Џон Остин, на 48 години, белешките од неговите предавања во Оксфорд од 1951 до 1954, како и согледбите од неговите курсеви во Харвард од 1955-тата, беа објавени во книгата How to Do Things With Words[6]. Жак Дерида, критички реагираше на дел од интерпретациите на Остин во есејот Signature Event Context.[7] На овој есеј реагираше С’рл во статијата Reiterating the Differences: A Reply to Derrida.[8] Дерида возврати во статијата  Limited Inc a b c … и делумно во подоцнежната Afterword: Toward an Ethic of Discussion. Сите овие статии и есеии на Дерида се објавени во Limited Inc[9] во 1988. С’рл одби директно да полемизира и неприфати неговиот есеј во одбрана на Остин да се објави како прилог во Limited Inc, меѓутоа 1984-тата во The New York Review of Books критички се осврна во рецензијата на книгата на Џонатан Кулер (Jonathan Culler) со наслов On Deconstruction[10]. Книга која беше изразито наклонета кон Дерида и неговиот филозофски метод. Дерида на рецензијата од The NY Review одговори во Afterword: Toward an Ethic of Discussion.[11] На ова, С’рл во 1995 во The Construction of Social Reality[12] повторно се осврна на некои од објекциите за Дерида. Исто така, иако Дерида веќе не можеше да одговори, во интервјуто за Reason magazine[13], како и во многуте статии, аудио документирани настапи и предавања, воопшто не пропушташе можност да ги изнесе своите, не само концептуални несогласувања, туку и нескриени антипатиите кон Дерида.[14]

Теоријата за говорните чинови

      Теоријата за говорните чинови се зароди во рамките на островската филозофија на јазикот. Во многу историграфски студии провејува интерпретативната позиција дека Остин, а и целата островска филозофија на јазикот била под длабоко влијание на идеите на Лудвиг Вингенштај (Ludwig Wittgenstein).[15] С‘рл ја оспорува oваа интерпретативна позиција, пренесувајќи приватни искуства и разговори кои ги сведочел за односот на професор Остин и младиот австриски мигрант Витгенштајн. Во едно од предавањата, С‘рл го пренесува следново:

…често читам во интелектуалната историја, колку ли само тоа Остин бил под влијание на Витгенштајн. Ви велам, тоа е апсолутно неточно. Многу добро го познавав Остин, и верувајте, тој беше тотално незаинтересиран кога станува збор за Витгенштајн…Витгенштајн беше мистичен ценрал-европеец, полн со длабокоумни, темелени, но често и прилично мистични идеи. А Остин беше чиста спротивност на Витгенштајн. Прилично прецизен професор од британската средна класа кој инсистираше на јасност, прерцизност и недвосмисленост. Па кога Витгенштајн ќе речеше: ‘има безграничен број на употреби на јазикот’, Остин знаеше да рече: ‘има тука, на Оксфорд многу празно мислење (loose thinking) и филозофи кои ќе ви речат дека има безграничен број употреби на јазикот и после ќе ви излезат со список на 17 такви. Или 32 такви употреби.[16]

         Но, прашањето за традицијата и инспирација за теоријата за говорните чинови не е толку пресудо. За нашата дискусија, далеку порелвантен е фактот дека Остин со How to Do Things with Words го заокружи дисциплинарното поле на она што денес полноправно се нарекува: прагматичката лингвистика. Да глаголиш, да говориш, да зборуваш, значи да правиш нешто. Dico ergo ago e неговото Cogito ergo sum. Од мислењето извесно следува сумстувањето, но, по Остин, идентично, од говорењето извесно следува правењето/чинењето нешто. На темелот на согледбите на родоначалниците на прагматиката и филозофијата на јазикот: Ч.С.Пирс (C. S. Peirce), Џ.Е.Мур (G.E. Moore) и др., Остин тргна од антрополошко-лингвистичкото стојалиште дека човековото однесување секогаш е множество од телелошки, поточно целесообразни чинови/дела/акции кои имаат намера и способност да стиганат до своите цели. Човекот како општествено битие суштествува за целите. А тие се неверојатно разнообразни: ситуации кои сакаме да ги предизвикаме, настан што сакаме да се случи, нечии постапки кои сакаме да ги видиме и сл. Но, во основа, заедничко им е тоа што секогаш се финалистички, поточно: нема цел без намера и обид за нејзина реализација. Е сега, јазикот е клучен елемент во ова суштинско однесување на човекот. Јазикот, поточно неговиот говорен аспект, е исто така множество од финалистички, т.е. целесообразни чинови.

          Ако ја погледнеме лингвистиката, како и филозофијата на јазикот пред него, ќе видиме дека овој аспект на јазикот не бил воопшто предмет на филозофски интерес и разгледба. Историската согледба нагледно ни предочува дека пресудниот филозофски интерес за јазикот беше исклучиво врзан за неговата улога во потрагата и изразувањето на вистинитоста. Овој проблемски аспект беше константантно филозофско прашање од античката филозофија па се до Фреге и Расел. Тие го проширија значењето на проблемската и дисциплинарна одреденост на Логиката, но, сепак, таа неможеше да биде дисциплина надвор од она што во современата епистемологија се нарекува: верикондиционалната рамка. Поточно, речениците кои ги истражува Логиката како дисциплина секогаш ги подложува на проверка на нивниот вистинитосен статус. Таквата логичка задача во првата половина 20 век стана методолошки услов и епистемолошка научна норма на позитивното мислење. А развојот на науката одеше дополнително во прилог на воспоставување на примат на дискурсот за кој може недвосмислено да се говори во категориите: вистина-лага. Како последица на приматот на вистино/лажните дискурси, во анализите и толкувањата поврзани со прашањата што произлегуваа од филозофската согледба на јазикот доминираше стојалиштето дека смислата на јазичната размена е во збогатувањето на сознанијата на соговорникот. Или едноставно, пренесување информации. Се друго е второстепено. Меѓутоа, филозофијата на јазикот во верикондиционалната рамка воопшто не се разликува од задачите на епистемологијата. А комуникацијата, со тоа и јазикот, е нешто многу повеќе од информација за вистинитосни статуси на речениците.

          Остин забележа дека традиционалнлните расправи во филозофијата на јазикот се во заложништво на оваа верикондиционална рамка. Таа не е погрешна, туку само ограничувачка. Добар дел од речениците имаат употребна вредност, а не можат да се одредат као вистинити или лажни. Од друга страна, многу искази кои можат да се одредат како вистинити или лажни, својот вистинитосен статус го должат на говорната ситуација, говорната околност или говорниот чин.[17]. Оттука, Остин уверуваше дека во разгледбите за природата на говорот треба приматот да се стави на говорниот чин, а не на логичка содржина на реченицата. Теоријата за говрните чинови, во рамките на филозофијата на јазикот, како дисциплинарен дел од прагматиката, преку согледбите на употребната вредност на јазикот во комуникацијата, пресудно придонесе за пренасочување на вниманието од прашањата на традиционалната семантика и логика во поглед на референцијалните и вистинитосните аспекти на реченичните значења кон прагматичката страна на јазикот во рамките на говорниот контекст. По овој пресврт, а особено по влијателните студии на Питер Стросон (Peter Strawson) и С‘рловата книга Speech Acts[18], идеите за перформативноста и севкупната теорија за говорните чинови стана епистемолошки образец, не само во лингвистиката и филозофијата на јазикот, туку и во многу други дисциплини и идејни теченија: постструктурализам, студии на културата, теорија на книжевноста[19], студиите за т.н. изведбени уметности и сл.

      Џон Остин во How to Do Things with Words убедливо ја протна идејата за перформативноста (изведбеноста) како нов говорно-исказен облик: разликувајќи перформативни од констативни изрекувања (utterance)[20]. Констативните или како ние ги нарекуваме во нашата логичка традиција – декларативни искази со кои нешто тврдиме или одрекуваме, опишувајќи и утврдувајќи фактички состојби, се искази на кои со право може да им се припише вистинитосна вредност или логичка содржина како вистина или лага. Овие искази, по значење, создаваат релација кон фактите и стварноста и секако подлежат на критериумите за вистинитост.[21] Но, Остин воочува дека во говорот имаме низа изрекувања кои не одговараат на таа форма, и предлага да се земат предвид како посебен вид говорни облици. Така доаѓа до не-констативните[22] изрекувања кои ги нарекува перформативи. Тие ниту опшуваат, ниту утврдуваат, туку делуваат или извршуваат одредено дејство. Критериумот на вистинитоста за нив не функционира, бидејќи тие не реферираат на стварноста, туку подлежат на критериумот на ефицијентноста (делотворноста) и се одредуваат, не во категорите вистина/лага, туку во категориите успешно/неуспешно.

       Врз основа на ова, Остин доаѓа до заклучок дека и многу изрекувања (utterance) кои имаат логичка и граматичка структура на декларативен исказ (констативи), често, се имплицитни перформативи од кои е изоставен перформативниот глагол. Така Остин прави инверзија по хиерархија и уверува дека вистинитите и лажните искази како норма на јазикот се само посебен случај на сите глаголења кои по својата природа се перформативни. Toj, наспроти идејата на логоцентристите, заклучи дека значењето зависи првенствено од контекстот на изразувањето и искажувањетo. Остин уверуваше дека јазикот содржи граматички структури и зборови, но преку нив извршува, изведува некое дело, акција, чин. Со говорните практики се чини нешто, се прави нешто. Дејството кое се извршува преку исказите се нарекува говорен чин. Во зависност од намерата на говорникот во изрекувањето на реченицата настануваат различни говорни чинови: извинување, пофалба, ветување, барање и сл. Говорникот, вообичаено очекува, неговата комуникациска намера да биде препозната и разбрана од соговорникот/соговорниците. Околностите во кои се наоѓа реченицата одат во прилог на разбирањето на намерата на говорникот. Таа околност се нарекува: говорно собитие. Често и самата природа на говорното собитие ја одредува интерпретацијата на реченицата како одреден говорен чин. Исказот ‘чајот е ладен’, зимоска e поплака, летоска е пофалба. Поточно, иста реченица, во зависност од говорното собитие, може да се протолкува на два различни начини.

       Затоа, дејството извршено низ реченицата се состои од три нивоа: 1) локуциски чин – го преставува самиот чин на говорење т.е. создавање на смислен исказ. Секој така склопен исказ се создава со одредена цел, намера и целесообразност. Ова е второто ниво т.н. илокуциски чин. Овој чин се извршува со комуникативната сила на исказот која се нарекува: илокуциска сила. Со исказите се остварува ефект или дејство. Ефектот е третото ниво или т.н. пeрлокуциски чин. Исказот се создава со претпоставката дека слушателот ќе го препознае и сфати ефектот кој се состои во намерата. (перлокуциски ефект). Јадро на говорниот чин е самата илокуциска сила. Ист илокуциски чин може да се смета и нарадба, и предупредување, и закана, и барање. На пример: “вратата е отворена” значи наредба (Затвори ја вратата) или предупредување (може да бидеш избркан од час). Поимот ‘перформатив’ води потекло од англискиот збор ‘to perform’ што значи: ‘изведување’. Остин перформативите ги одредува на следниов начин: а) ништо не опишуваат, за ништо не известуваат, ниту било што констатираат, затоа, ниту се вистинити, ниту се лажни, б) искажувањето реченици е еден вид вршење одредено дејство, но не може на вообичаен начин да се опише само како кажување нешто. [23] Остин, по испитувањето на природата на перформативите и констативите го усвојува стојалиштето дека констативите се еден вид перформативи затоа што покрај тоа што констативите можат да бидат вистинити и лажни, сепак и тие претставуваат еден вид говорен чин односни преставуваат дејство кое субјектот го изведува/врши со изрекувањето на реченицата. [24]

Успешни и неуспешни перформативи

       За да изведеме еденформатив, согласно теоретските разгледби на Остин, не ни е доволно само да изговориме одредено множество од зборови, туку, напротив, потребно е исполнување на посебни услови. Во комуникацискиот процес секогаш учествуваат субјектот кој говори и субјектот кој слуша. Затоа, предусловно е говорникот да има искрена намера, со самиот чин на изрекување, нешто одредено да соопшти. А слушателот, треба да препознае дека говорникот му се обраќа токму него. Ова е сосема вообичано и комплетно разбирливо. Но, воопштено значи дека секогаш мора да постои прифатен општествен протокол или конвенционална постапка со одреден конвенционален ефект. При што, оваа постапка или протокол мора да вклучува во себе искажување на одредени зборови од одредена личност во одредени околности. Поточно, перформативот: “те осудувам на 10 години затвор” нема смисла, ниту ефект, ако не е изречен во протоколарна конвенционална постапка од одредена личност во одредени околности кои се подразбираат. А над сѐ, тие посебни личности и околности мораат да бидат соодветни и подесени за повикување на посебна постапка, за која и станува збор. Таа постапка мораат да ја изведат сите учесници и тоа подеднакво точно и потполно.[25]

      Меѓутоа, Остин разликува и т.н. неуспешните перформативи или говорни чинови. Ги нарекува: а) неодигрување, б) погрешно одигрување в) претерување или г) неизвршување и сл.[26] Перформативот е јалов или ништовен, ако го искаже глумец на бина или доколку е изговорен во песна или монолог. Овие говорни чинови Остин ги нарекува паразитски и не се занимава со ниту еден од нив.  Својата анализа ја сосредоточува на т.н. “сериозни чинови”, наспроти “паразитските” кои се користат во: поезијата, вицовите, театарот и сл. Тие се пропратени со неискреност и затоа не ги не ги зима предвид. А “сериозните” ги подвргнува на анализа  и се повикува на шест услови за успешни перформативи, кои покрај контекстот, уклучуваат и одредени психолошки состојби на говорникот. Доколку се задоволат овие услови, говориме за успешен перформативен исказ, ако не, тогаш перформативот не е успешен. Чиновите како: метафората, иронијата, мејозата се т.н. небуквални (недословни) чинови, кои не се јавуваат само во литературата, туку и во секојдневниот живот. Поради нивните небуквални значаења секогаш е нужна нивна интерпретација. Па како типични паразитски чинови на “неискрениост”, тие се еден вид неуспешни перформативи.

Дерида и паразитскиот говор

           Во општата теорија на говорните чинови во која се сосредоточваме на разни дискурзивни јазично-говорни дејства: локуциски – говорен чин на искажување, илокуциски – говорен чин на искажување во кои се врши дејство и перлокуциски – кога нешто се постигнува со искажувањето, Остин уверуваше дека одредувањето на значењето подразбира одредување на конвенциите кои го овозможуваат илокуциски чин. Според него, за да биде успешено едно говорно дејство не е доволно да се изрече еден перформативен исказ, туку голем број на чинители на контекстот треба да течат на правилен начин. Така значењето е определено со одреден протокол кој некогаш се спроведува како треба, а понекогаш не, па тогаш, промашувањето и неделотворноста е суштински впишана во перформативниот говор.

       Остин во овој контекст ја усложнува интерпретацијата со воведување на феноменолошкиот поим “интенција”. Интенцијата во говорниот чин е во протоколарните конвенции на изведувањето на говорното дејство, па така, интенцијата е дел од протоколарното значење на перформативниот исказ. Но, тука Остин ја вметнува дистинкција која Дерида не ќе може никако да ја прифати. Самата сцена, како простор на уметничкото говорно делување, за Остин е типичен пример за “несериозен говор” кој треба да се исклучи од научното разгледување. Еве што велеше Остин:

“…  перформативниот исказ ќе стане, на особен начин, прилично јалов или ништовен, ако го изрази или искаже актер на бината, или доколку е изговорен во пиеса, монолог и сл….јазикот во такви околности, на сосема специфичен начин, разбирливо, не се употребува сериозно, туку на некој начин паразитски во однос на неговата нормална употреба; овие начини на употреба потпаѓаат под доктрината за избледеноста на јазикот.” [27]

         Сосема спротивно на забелешките на Остин, оваа теорија за говорните чинови најде плодно тло токму во, за него, паразитските (не)нормални употреби на јазикот: говорот во прво лице, дирекната акција, стрит артот, идентитетските перформанси, концептуалните танци и сл.  Дерида во Signature Event Context ја деконструира целата идеја на Остин за сценската перформативност. Имено, Дерида го преиспитува поимот “контекст”, односно можноста од континуиран, апсолутен контекст коj ja овозможува комуникација. При што, ја овозможува и Остиновата “сериозност” на перформативниот исказ воопшто. За Дерида, таков контекст за каков зборува Остин не е возможен бидејќи никогаш не може апсолутно да биде одреден. Позицијата на Дерида е дека  во недостиг на актуално присутна интенција, секогаш можат да се пронаоѓаат и допишуваат нови и нови поединечности. А интегритетот на смислата и значењето на исказот воопшто не е имун на нив, напротив, тие константно продираат во него. Ова важи и за секојдневната и за сценската (паразитската) говорна ситуација. Тој продор, за Дерида, не е воопшто нежен, бидејќи исказот како и писмото носи во себе радикален прекин со контекстот.

Ова е многу важно за прашањето на репрезентацискиот карактер на писмото, карактер кој е поврзан со неговиот комуникациски и експресивен аспект. Дерида вели: “да, моето пишано соопштение има функција на писмо т.е. читливост, и треба да остане читливо и покрај апсолутното изчезнување на секој одреден примател воопшто. Тоа треба да биде повторливо – итерабилно – во апсолутното отсуство на примател или емпирски утврден збир на приматели.” [28]

      Овој поим “итерабилност” на Дерида е клучен за разбирање на неговата објекција кон Остин. Имено, според Дерида, главна одлика на означителот е тоа што има препознатлива форма и може да биде повторлив. Штом означителот е препознатлив и повторлив, може семиотички да се копира, рециклира и фалисфицира, искривува, преозначува и сл. Со други зборови, иако означителот претпоставува и посведочува присуство на автентична оргинална намера (интеција), сепак, по себе, симултано, отвара возможност и за негово неавтентично коипирање и преозначување. Дерида смета дека тезата на Остин за несериозните перформативи (сценски) како паразитски ненормални употреби на јазикот е неодржива. Логиката на Остин е следнава: ако во театарска пиеса актерот на сцена ги прогласи другите актери за маж и жена, секако, актерите воопшто не стануваат брачни партнери. Но, ако тоа го направи матичар, тогаш да. Но, Дерида е уверен дека ова не само што не е проблем, секако дека актерите не се венчаат, но, ликовите да. Па затоа, оваа сценака употреба на фразата како цитат на “нормалната” е еден вид итерабилност која значи повторна употреба на фразата. А секоја повторна и повторна употреба на фразата ја реперформира перформативноста на самото изрекување. Ова сценско реперформирање, овозможено од итерабилноста, е суштината на комуникациската функција на јазикот. Па врз основа на ова, за перформативниот исказ, итарабилноста и цитатноста (сценскиот аспект), не само што не се паразитски и неозбилни, туку се конститутивни на перформативниот говор, без нив не возможно разбирање и следење на кодот на читливоста во отсутство на субјектот кој е емпириски одреден. [29]

       Од ова јасно се гледа дека Дерида го спори Остиновиот “сериозен” норамален перформативен исказ или говор, посочувајќи дека перформативниот исказ не е ништо друго освен преместување, реконстекстуализација на означителот од еден контекстуален ланец во друг. Ако итерабилноста и цитатноста се експлицитни конститутивни за перформативите во сценскиот простор (театар, песна и уметност), тогаш: нели перформативот во обичниот говор е изведен, па според тоа и паразит, на сценскиот, уметничкиот и поетски перформативен јазик? Поентата на Дерида е дека, во сложените системи на медиуски посредувани комуникација, не може да се прекине ланецот на репрезентацијата и да се говори за граници на оргинално и паразитеско, претходно и последователно. Со ова Дерида решително влијаеше врз теориите за: означувачката хиперпродукција, празните знаци, театарот на сликите, идетитетските перформанси, постмодерни изведбени процедури и сл.

       На овие забелешки на Дерида, С‘рл одговори во статијата “Reiterating the Differences: A Reply to Derrida” укажувајќи дека критиката на овој француски постмодерност  е комплетно неоснована бидејќи Остин воопшто немал за цел да даде севкупна слика за јазикот, смислата и значењето. Според С‘рл, опсегот на истражување на професорот Остин е прилично потесен од она што го критикува и од она што од него го бара Дерида. С‘рл прифати дека интенционалноста на говорниот чин ја претпоставува итерабилноста (iterability), меѓутоа, воопшти не го применува истиот поим на интенционалност за кои говори самиот Дерида. С‘рл уверува дека терминот “паразитски” кај Остин нема вредносно значење, какво претпоставува Дерида, туку техничко. Во смисла дека сценскиот говор и перформтивите во него имаат смисла само под претпоставка на постоењето на ‘нормалниот’ говор. Поточно, зарм сценското “ве венчавам” би имало сценска смисла без вистинското “ве венчавам” на матичарот или свештеникот. Во оваа смисла, вели С‘рл, сценското преправање паразитира на несценското непреправање. [30]

     Второ, С‘рл уверува дека паразитскиот говор ниту е инстанца ниту е модификација на цитатноста, туку преставува инстанца на итерабилноста во смисла дека како што секој говор е всушност инстанца на итерабилноста, своевидна модификација на сериозниот говор. С‘рл вели дека Дерида го ползува следниов силогизам: паразитизмот е инстанца на итерабилноста, итерабилноста е претпоставка кај сите перформативи, Остин го отфрла паразитскиот говор. Значи, Остин ја отфрла сама итерабилност.[31] С‘рл не го прифаќа овој аргумент велејќи дека: отфрлањето на фиктивниот дискурс, кое е всушност оставање на страна за дополнително истражување, а не отфрлање во принцип од страна на Остин не подразбира отфрлање на итерабилноста воопшто. Итерабилноста останува во најтривијална смисла онака како што секој конвенционален јазичен акт го носи поимот на повторливоста во себе си.

          Дерида на ова возврати во a b c …” од збирката есеи Limited Inc останувајќи на позициите и својата критика кон Остин и С‘рл, повторувајќи дека кај нив воочува константен апел за нормалност, а тоа е нешто што го смета за проблематично. Во оваа дебата е вооочливо дека Дерида не може да го прифати отфрлањето на инфелициите (infelicities) од т.н. нормална употреба на јазикот. Според него не е така едноставно ниту нивното разлачување:  една инфелиција се појавува и кога не може да се знае дали дадениот говорен чин е искрен или во голема мера превземен цитат, а со тоа веројатно и ироничен. Дерида вели дека секоја итерација е цитатионална поради граматичката природа на говорот и пишувањето. Јазикот не може да функционира воопшто без сеприсутноста и неуништивата (ineradicable) можност на алтернативните отчитувања. Дерида упати забешеки на поимањето на интенцијата од страна на С‘рл и уверуваше дека интенционалниот акт во говорниот чин не може да управува со тоа како интерацијата ги сигнифицира (означува), токму еднаш кога ќе стане слушлива или читлива. Сите говорни чинови позајмуваат јазик чие значење е определено (детерминирано) од историско – лингвистичкиот контекст, и од алтернативните возможности кои овој контекст ги прави подеднакво возможни. Ова значење, вели Дерида, не може да биде изменето или регулирано со каприците на интенцијата. С‘рл вели дека таквото разбирање на интенција води до позицијата дека контекстот претходи на се. Што и позиција од Граматологијата на Дерида, позиција која С‘рл ја отфрла како тотална бесмислица.

Срл и опскурниот тероризам

    Џон С’рл, и покрај арготика на нивните текстови, сепак ја уважуваше филозофската продукција на Фуко и Бурдје. Меѓутоа, кон Жак Дерида не беше воопшто наклонет. Во интевјуто за магазинот Reason, во 2000-тата, С’рл назначи дека, често и некоректно, Фуко го ставаме во истиот кош со Дерида. Напротив, како назначува С’рл, Фуко е сосема друг калибар на мислител. Во ова интервју, С’рл вели: Дерида, дури не ни можеш неправилно да го отчиташ. Неговата опскурност е дотолку доминантна во текстот, што кога и да го интерперетираш дека го кажува ова или она, тој одговара: ма не, не си ме разбрал како што треба. А ако се потрудите да ја (до)фатите “правилната интерпретација”, ќе видите дека е проклето тешко. Во ова интервју, С’рл додава дека за Дерида разговарале и со Фуко и тој му назначил дека Дерида свесно го користи методот на т.н. опскурен тероризам/терористичка опскурност (terrorism of obscurantism). На прашањето на С’рл: што, по ѓаволите, подразбирате под terrorism of obscurantism, Фуко дообјаснува: Дерида пишува толку оскурно, што ти воопшто не можеш да кажеш што тој вели. Ова е опскурниот дел. Но, потоа, кога ќе го критикуваш, тој секогаш може да каже: Воопшто не си ме разбрал. Ти си идиот. Е ова е терористичкиот дел. С’рл замилол, во статија за Дерида, да го спомне овој дел на Фуко. За С’рл, континенталните филозофи ги прекршуваат максимите на рационалната логосност поради: конформизам, вертикална општествена подвижност (social-climbing), но и интелектуално нечесна желба да се биде длабокоумен и имун на секаков вид критика.

    И покрај жестокото противење во департментот за филозофија при Универзитетот од Кембриџ, сепак истиот му додели почесен докторат на Дерида. Реакциите на аналитичарите ширум светот беа бурни: Бери Смит (Barry Smith), Вилијам ван Орман Квајн (W. V. O. Quine), Дејвид Армстронг (David Armstrong), Рут Баркан Маркус (Ruth Barcan Marcus), Рене Том (René Thom) и десетина други проминентни филозофи упатија и  објавија протесно писмо во лондонски The Times уверувајќи дека пишуванките на Дерида врегнуваат стил кои пркосно се коси со елементарниот процес на читателско разбирање. Додавајќи на крајот дека неговите поли-интелектуални пишуванки против вредностите на разумот и вистината, се далеку од доволни за таква почесна награда на таков престижен универзитет.[32]

       Природата на оваа статија недозволува порепрезентативен пристап, ниту поголем фонд на примери кои би ја илустрирале опскурноста и стилистичката претенцизност на добар дел од постмодерните филозофи. Меѓутоа, следниве фрагменти го илустрираат токму она што го сметаме за проблематична точка. На пример, Жан Лакан (Jacques Lacan) во The Subversion the Subject and the Dialectic of Desire in the Freudian Unconscious психоаналитичката топологија ја “објаснува” математички равенки во кои:

S (signifier)

__________     =   s (the statement), S=(-1), produce s= квадратен корен од -1.

s (signified)

88a13125401ef2425608fe4fa3ed6e9d

Жан Лакан

Уверувајќи дека означителот поделен со означеното дава пропозиција s која врз основа на тоа што означителот S е еднаков на -1, по Лакан следи дека означеното s е еднакво квадратен корен од -1. Не е потребно преголемо математичко или логичко познание за да се постави прашањето: како е можно означителот, означеното и пропозицијата да бидат нумерички категории и како линијата за “поделено со” помеѓу означителот и означеното денотира математичко или логичко делење на квантитативни вредности? Овој обид за алгебризација дополнително збунува во продолжението од текстот во кои вредноста “квадратен корен од -1” станува еквивалентна на еректираниот пенис. [33] Со оглед дека оваа алгебра во психоанализа е комплетно научно неодржива, се јавуваат две возможности: или Лакан говори метафорички или станува збор за намерен псевд-ерудитивен перформанс. На оваа дилема ќе се навратиме подоле.

733263d34c0161f73e23a0fed66b1312_L

Јулија Кристев

Јулија Кристева (Julia Kristeva) во нејзината семиоанализа на поетскиот јазик ги впрегнува логичките и математичките аксиоматски системи за да објасни како наративниот дискурс, како епски дискурс, е прохибиција на монологизмот во бинарниот коден систем (0-1). За неа епиката во својата идеолошка и религиска наративност мора да излезе од догматиката на монологичкот код (0-1) во поетички код (0-2) во кој логиката станува трансфинитивна и поетскиот јазик станува како Канторовиот коцепт за моќтта на континиумот.[34] Кристева во фуснота признава дека употребата на логичко-математичките теории и аксиоматски ситеми за анализа на поетскиот јазик е метафоричка, сепак додава дека аристотеловата логика и потетичката логика се аналогни на денумеративната логика и математичката теорија за бесконечните множества. И во овој случај се јавува истата дилема за улогата на метафората и изведбената употреба на логичката анализа.

 

    Лјус Ир Luce Irigaryигареј (Luce Irigary), позната по порогласубањето на ајнштановата равенка E = mc2 за сексистичка поради нејзината фалусоидна привилигирана позиција во однос на, како вели таа: “другите брзини во светот”, во Полови и генелогија досегнува интерпретативна изведбена псевдо-ерудиција која дури предизвикува насмевка. Во еден дел вели дека Ниче irigaray-by-cathy-bernheimсвоето его го гледал како атомско јадро кое ќе експлодира под фисијата. Кутриот Ниче е починат 1900, атомското јадро е откриено 1911, фисијата 1938, а сето тоа експериментално потврдено 1940-тата. Прашањето за тоа како кутриот Ниче себе си набљудувал на тој начин предизвикува насмевка онолку интересна колку и нејзите кованици кои немаат никаква смисла во физиката како на пр.: акцелерација без електро магнетна рееквилибрација или деловите во кои е очигледно неразликувањето на логичката квантификација со егзистенцијалниот и универзалниот квантификатор во логика на предикати од зборот квантификација во секојдневена употреба како синоним за количествено категоризирање на нештата.[35] Или Жан Бодријар (Jean Baudrillard) кој тврдеше дека заливската војна се случила во не-евклидовскиот простор[36]. Оваа чиста метафора, заедно со псевдо-научниот јазик и терминолошкиот гламур кои го носи со себе, кога ќе се прочистат с гледа дека Бодријар не говори ништо поразлично од она за што говореа: Ги Дебор (Guy Debord) во Општество на спектакли, Маршал МекЛуан (Marshall McLuhan) во Understanding Media: The Extensions of Man, Мануел Кастелс (Manuel Castells) во Мрежно општество и др. социолози.

      Меѓутоа најизострен пример на стилистичкиот фетишизам на опскурниот филозофски дискурс воочуваме кај Пјер – Феликс Гуатари и Жил Делез (Pierre-Félix Guattari and Gilles Deleuze). Од бестселерот Што е филозфија, преку Анти-Едип и Илјада платоа, па се до двотомната Капитализам и шизофренија. Следниов извадок од Chaosmosis на Пјер – Феликс Гуатари е репрезентативен. Во него, интезитетот на опскурноста е доведен до такво “совршенство” кое може да се прогласи посебен уметнички род.

Онтолошката релативност која се застапува и репрезентира овде е неделива од енуцијативната релативност. Познанието на универзумот, во астрофизичка и аксиолошка смисла, е возможно само низ медитацијата на автопоетичките машини. Зоната на себе-припаѓање треба да постои негде во когнитивната егзистенција на секое битие или секој модалитет на битието. Енуцијативните координати на биосферата и механосферата, во време простор и енергија, ги трасиратт аглите на конституција на галаксијата…егзистенцијалните машини се на ниво на интристични мултипликации, нивниот трансцеденталниот озачител е субмисивен на унивокалната онтолошка фундаменталност. Тие за себе си се сопствен материјал за семиотичка експресија. Таквата егзистенција е детериторијализација, или интермеханичка операција со суперимпозирана промоција на сингуларизираната егзистенцијална интензивност. Нема општа синтакса за детериторајализацијата, таа не ни дијалектичка ни репрезентативна, таа е тешко вредна за живеење.[37].

Врз основа на сето ова,1996-тата прекршувањето на максимите на рационалната логосност досегнува тотална супституција на субјектот и смислата воопшто. На интернет се појавува слободен софтвер, наречен постмодерен генератор, за креирање постмодерни пишуванки. Постмодерен генератор е компјутерска програма која автоматски продуцира и имитира постмодерни текстови во франко-германски стил. Програмата ја креираше 1996-тата Ендрју Булхек (Andrew C. Bulhak) од Монаш Универзитетот во Мелбурн, Австралија користејќи т.н. data engine – систем за генерирање рандом текст од рекурзивна граматичка база.[38] Програмата генерира синтаксички коректни реченици и безгрешен граматичко коректен нов, дотогаш невиден, текст, но без никакво значење. Еве еден пример:

Ако ја испитаме капиталистичката теорија, ќе се соочиме со избор: или да ја изфрлиме неотекстуалниот материјализам или да заклучиме дека општеството има објективна вредност. Ако дијалектичкиот деситуационизам држи вода, ние треба да избереме помеѓу хабермасовскиот дискурс и суптекстуалната парадигма на контекстот. Може да се каже дека субјектот е контекстуализиранво текстуален национализам  кој ја вклучува вистината како вредност. Во таа смисла, премисата на суптекстуалната парадигма на контекстот поставува дека реалноста доаѓа од колективното несвесно[39].

Постмодерна агнозија

Во ранодобен залет кон филозофските искуства и практики, постмодерниот франко-германски стил на опскурно пишување може да биде заводлив и предизвикувачки, меѓутоа сериозниот филозофски пристап обврзува кон преиспитување на вредноста на таквите пишуванки и нивната “интелегибилност”. Токму затоа што прашањето за природата на филозофскиот говор (λόγος), смислата и значењето на филозофските дискурси, функцијата на филозофската терминологија и сл., го покренува прашањето за прородата, смислата и вредноста на самата филозофија како интелектуална дејност.

516akimBBsL._SY344_BO1,204,203,200_51UI3FtFf2L._SX334_BO1,204,203,200_51cfKEy2fmL._SX324_BO1,204,203,200_

     Покрај впрегнувањето кон отчитување на клучните дела на француската постмодерна, три скорешни студии во овој правец се вонредно значајни: Прво, култната Помодарски бессмилици: за постмодерната интелектуална злоупотреба на науката (Fashionable Nonsense: Postmodern Intellectuals’ Abuse of Science)[40] на Алан Сокал (Alan Sokal) и Жан Брикмонт (Jean Bricmont)[41] од 1998 година. Втората, од британскиот историчар на филозофијата Гари Гутинг (Gary Gutting) од 2011-тата со наслов: Промислувајќи го невозможното: француската филозофија од 1960 [42](Thinking the Impossible: French Philosophy Since 1960) и книгата која излезе пред година и нешто на чија што насловна страна, како ултимативна визуелна метафора на француската филозофија, се појавува ликот на Бернар Анри Леви со препознатливата бела раскопчена кошула, ноншалатниот цигар и фенираната догла коса, а ја напиша Сундир Хазарисинг (Sudhir Hazareesingh), а носи наслов Како фрацузите мислат[43] (How the French Think: An Affectionate Portrait of an Intellectual People).

       Книгата на Алан Сокал и  Жан Брикмонт е исцрпен фактографски преглед на очигледни злоупотреби на науката:(abuse of science). Тие лоцираат неколку поебни видови: а) употреба на научната терминологија стипулирана во научните теории без посебен грижа или внимание за нивните изворни, втемелени и вистински научни значења и контексти; б) екстраполација на научните поими надвор од доменот на нивната валидност, поточно внес на научни поими од природните науки во општествено – хуманистичките дисциплини без концептуално и емпириско оправдување;  в) употреба на поими, налик на научните, но без никакво значење во научен контекст на одредените дисциплини; г) изложување на вештачка наменска изведбена ерудиција преку нафрлање технички термини во контексти во кои тие се комплетно ирелевантни; д) манипулација со фрази и реченици кои, во суштина, немаат никакво значење. Поточно, одредена вербална интоксификација со зборови комбинирана со супериорна индиферентност кон било какво значење.[44]

      Највообичаениот одговор на овој вид критички забелешки, од страна на поддржувачите на овој вид интелектуална култура, е дека станува збор за метафори и алегории кои се упоребени со слободна, често и фигуративна смисла. Но овој одговор е уште попроблематичен, бидејќи поетичкиот јазик и неговата експресивна функција носат со себе право на т.н. метафоричка лиценца, меѓутоа кога станува збор за општествена анализа или хуманистичка егзегеза (наука за општеството и човекот), тогаш целта на напишаното, на изреченото не е да ги изрази чувствата и  внатрешните премрежја на личноста (експресивна функција), туку да понуди теорија која во себе ќе има епистемолошки капацитет за објаснување и разбирање на феномените. Метафоричката лиценца важи за литературните дела, и за уметноста воопшто. Меѓутоа, за општествените науки, хуманистичките дисциплини, филозофијата или семиотиката, воопшто не. Во спротовно, ако важи,  тогаш тие во ништо суштинско не се разликуваат од литературата. Стануваат нејзин род. Преставуваат интелектуална дејност, налик на литературата во која се оперира со преносни значења, а не со логички доказ и експликациски структури и стратегии.

       Тогаш останува отворена втората можност дека во филозофската традиција на постмодерниот филозофски опскуризам станува збор за намерно прекршување на правилата на јасноста со одредена изведбена (перформативна) (псевдо)еруциција. Што тоа значи? Едноставно, фенси научниот жаргон и природо-научниот математичко-логички пастиж, често за вообичаени соцолошки или филозофски опсервации, е намески изведбен говорен чин со об-мислен локуциски јазичен конструкт, со предвидена иколуциска сила и и целесообразен перлокуциски ефект. Во овој контекст теоријата на Остин се покажува плодотворна за разбирање на прекршена логосност на опскурните филозофски пишуванки. Филозфијата станува изведбена театарска активност која е неискрена, т.е. еден вид неуспешен перформатив. Театарска и сценака, есеистичка и литарарна, еден вид мејоза. Таа е остиновски гледано паразитски логос.

         Врз основа на сето ова, како и врз втемеленото уверување дека станува збор за намерно перформативно прекршување на правилата на јасноста во филозофскиот λόγος, се поставува прашањето за причините за намерното прекршување на правилата на јасноста од страна на опскурните филозофски пишуванки. Одговорот на прашањето не одведе кон неколку возможни објаснувања/ хипотези, да ги наречеме: а) хипотезата за нарече филозофска “celebrity culture”, б) хипотезата за модернизмот на постмодерната, в) хипотезата за Астерикс и  Обеликс и г) хипотеза за 68-маштвото, левата идеологија и филозофот.

deleuze-teaching

Жил Делез

Филозофијата и поп-културата: Ова прашање, заедно со недвосмислената претпоставка дека францускиот постмодернизам одредено систематско, дефанзивно (себе)закотвување во филозофска арготика која терминологија и севкупниот филозофски јазик, го одвлекуваат кон она што е апсолутна спротивност на филозофијата по себе.Многумина, проминентни филозофи од аналитичката филозофска традиција, забележуваат дека опскурноста на филозофскиот јазик е во релација со она што може да се нарече филозофска “celebrity culture”. Ако не го сметаме Брајан Едгар Меги (Bryan Edgar Magee) и неговата The Great Philosophers на ББЦ, филозофот, а и филозофијата, својата популарност и присутност во популарната култура ја имаше само во Франција. Во Франција, филозофот сеуште може да биде попуарен. Таму се зароди терминолошкиот гламур и арготичкиот стил со ноторна и намерна нејсност. Популарноста искуваше филозофски јазик на кои ќе се восхитуваш. А што би било пофилозофско за восхит одколку опскурноста на филозофскиот логос. Нејасноста е вкалкулирана систематична намерност со единствена цел да се постигне и инспирира восхит кон себе си од страна на читателот. Преставниците на континенталната филозофија, секако не сите, се доживуваат како популарни ѕвезди кои фасцинираат, често со вонредно опскурната арготика. И за Сокал и Брикмонт, кои, иако на прашањето зошто така пишуваат: одговраат појма немаме, сепак имплицитно и тие сметаат дека целта на тој дискурс е импресионирње и заплашување на не-научните читачи на текстот. [45]

 

First_abstract_watercolor_kandinsky_1910

Кандински

Модернизмот на постмодерната. Гери Гутинг во Thinking the Impossible: French Philosophy Since 1960 во делот: Heidegger and French style вели дека германскиот turn имал разорувачки ефект врз францускиот филозофски стил.[46] Во вчудоневидувачка брзина, само 10-сетина години по Бергсоновата последна книга Двата извора на моралот и религијата,  која е типичен пример на луцидна француско – филозофска проза, читана со нескриено задоволство и од филозофите и од пошироката интелектуална јавност во Франција и светот, се појавува Битие и ништото во 1943-тата година на Жан Пол Сартр, во која за прв пар се јавува опскурниот филозофски дискурс. Па книгата, посветените ја читаа со воведи, водичи, речници и сл. За Гутинг причината опскурниот дискурс е токму Сартр бидејќи неговиот стил станува филозофска норма. А легитимитетот на таа стилистичка норма во Франција доаѓа директно од Хајдегер.[47] Подетално, за Гутинг преминот од луцидната есеистика кон опскурниот логос во Францусктата филозофска сцена има директна врска со модернизмот. Оваа интерпретативна теза Гутинг дирекно ја превзема од стариот маоист Алан Бадју (Alain Badiou) кој во The Adventures of French Philosophy[48]  (New Left Review 35 2001: 71) тврдеше дека француските филозофи биле под директна инспирација на модернистичките културни и поп-културни појави. Од нефигуративното сликарство, преку новата музика и театар, pulp новелите и растечката конематографија во тој период. Како сите овие форми ги рушат воспоставените канони на наративниот логос, така нивните пишуванки, емулирајќи ја комплексната проза/поезија на Пруст, Џојс и Елиот, почнуваат да го прекршуваат дикурзивниот филозофски говор со груба одредена намерна: нечитливост, преопширност, прекомплексност, преерудитивност, предабокомисленост. Во Германската филозофска сцена, Ниче, неокантијанците и позитивистите ја искоренија оваа хегелијанска практика, меѓутоа тогаш кога за миг одново ја пресоздаде Хајдегер, младиот Сартр ја превзема, неговите следбеници Делез и Дерида ја лансираа во височините.

Астерикс и  Обеликс. Судхир Хазаресинг во Како французите мислат направи анлитички преглед на последните 400 години во Франција и пишуваше за Волтер и Русо, за Хуго и Мишелет, Ками и Сартр, Леви – Строс и Фуко. Сака да покаже чистата имагинатива сила на француската мисла, нејзинота висока вредноснос во високата култура, и како таа им дава скоро сакрална вредност на нејзините пишувачи – и проминентната улога на францускиот интелектуалец во општеството и интезитетот на дебатата. Кога пишува за постмодерната француска сцена Судхир вели дека: стилистичкиот фетиш на француските филозофи, нивната вљубеност во парадоксите, месијанскиот инстикт и предаденоста на универзализми наликува на борбата на Астерикс и Обеликс на Рене Госини (René Goscinny) и Алберт Удерзо (Albert Uderzo) за преживувањето на францускиот јазик во глобалниот аглиско-говоречки свет. Само така може да се бориш со универзалната култура на ново-римјаните. Опскурноста, во овој контекст е напитокот кој го пијат Астерикс и Обеликс, а го спреми друидот Getafix.

 

68-ма и филозофот. Политичките околности во Европа за време на студетските немири 1968-мата година и улогата на филозофите во тие собитија на драматичен начин покажуваат дека револуцијата не само што ги јаде своите деца, туку, иронично до крај, се насладува, во само(за)доволен револуционерен занес, и со сопствената филозофска инспирација. Примерот со Адорно и германските 68-маши е парадигматичен и дополнително може да објасни зошто во Фанција филозофите имаа потреба од изведбената театралност и жед за испирација и восхит кон нив. Со други зборови, сметаме дека таквата филозофија во својот изворен перформативен телос носеше политичка програма, а дискурсот впрегнат во функција на политичката борба.

Имено, по убиство на студентот Benno Ohnesorg од страна на полицијата при насилните протестити во Западен Берлин поради доѓањето на иранскиот Шах, студентите, институционално оргнизирани во Sozialistischer Deutscher Studentenbund (SDS) на чело со харизматичниот Руди Дучке (по кратко време и тој ќе биде елиминиран во атентат) започнуваат жестоки протести кои подрзбираа попречување и саботирање на самите универзитетски активности. Иако Адорно со неговите книги (Дијалектика на просветителството, Minima Moralia и др.), со неговите критички рефлексии на капиталистичкиот конзумеризам, со неговата улога во денацификацијата на германското општество, со возобнувувањето на левичарскиот Франкфуртски институт за општествена критика, со неговите јасни опозициски политички ставови е во секој поглед идеолошки на страната на политичката борба на студентите и несомнено, нивна идејна водилка, инспирација за оправданоста на политичката борба за подобар свет., сепак, тој не ги поддржа саботирањата на универзитетите и таквите протести ги прогласи за анти-интелектуалистички тренд. На ова Sozialistischer Deutscher Studentenbund реагираа со објавување војна и недозволување на Адорно воопшто да држи предавања, ниту како гостин предавач, ниту на неговиот матичен Франкфуртски институт.

Првиот радикален протест на неговите предавања е 68-ма кога Peter Szondi го поканува Адорно да одржи почесен курс/предавање за Гете на Универзитетот во Берлин. Меѓутоа студентите вадат големо платно со натпис: “Berlin’s left-wing fascists greet Teddy the Classicist” и бараат од него да престане да предава за l’art pour l’art теми или аполитични содржини, туку да се говори за политичката борба, опресијата и револуционерните случувања. Адорно не ја прифаќа оваа револуционерна стратегија, се обидува и да преговара со Berlin Sozialistischer Deutscher Studentenbund (SDS), меѓутоа нивното меѓусебно нетрпение дополнително расте. Адорно не го прифаќа саботирањето и окупацијата на Универзитетите, а студентите не ја приќаат неговата “неутралност” или недоволна револуционерност. За него, студентите имаат валидни ставови, но очајни акции. За студентите, тој е само стар реакционер.

sexuellerevolution115_v-vierspaltigПо атентатот на Руди Дучке, пролетта 68-ма, Sozialistischer Deutscher Studentenbund (SDS) уште повеќе ги радикализира протестите и ја сметаат државата за директно одговорна за атентатот. Па така, на 31 јанауари 1969 се случува инцидент во кој студентите ги окупираат просториите на Фракнфуртскиот институт сред предавање на Адорно и тој, веројатно уплашен од вандализмот, а во неговата сеќавање можеби одѕунувала сликата како проф. Moritz Schlick беше убиен на скалите на универзитетот во Виена, се јавува во полиција и бара заштита од државата. Полицијата со драга воља прави веднаш решителна рација на Институтот и апси 80-десетина студенти, а другите, во името на професорите ги исфрла од Институтот, иронично до крај, од истиот оној Институт и во името на истите оние професори кои преставуваа водилка во нивниот социјален револт и политички бунт.

download (2)

Планираните нежности врз Т. Адорно

Но, 22 април 1969 на предавањата по Естетика во Франкфуртскиот институт за случува таков инцидент по кој се крши срцето на непоколебливиот марксист. Имено, пред доаѓањето во предавалната студентите пишуваат парола: If Adorno is left in peace, capitalism will never cease и веднаш на почетокот од предавањата сите студентки од т.н. студетска група Busenaktion (“цицки во акција”) ги соблекуваат блузите и ги разголуваат својте гради во знак на протест и бунт против Адорно. Дел од студентките, американска фракција, идолопоклонети на тројното М (Маркс, Мао и Маркузе) во крајно понижувачки акт се обидуваат и да го разсоблечат и понижат и самиот стар професор Адорно: фрлаќи му лалиња, ружи и нападно бакнувајќи го наредени во круг со соблечени блузи. Акцијата на цицките во акција се викала: планирани нежности. Адорно, крајо засрамен и понижен се повлекува и не го одржува предавањето. Тоа воедно е и неговото последно “предавање”. Морално скршен, повреден, вчудоневиден и комплетно разочаран од студентите и студентките заминува во изолација во Швајцарските алпи, и без да ги слуша советите на лекарите во тихувачко самување ги качува 3000 метарските врвови на алпите и како последица на срцевите оптоварувања од неразбирливото и опасно планинарење умира за кратко време.

download (1)Овие собитија се парадигматични, затоа што во Франција се случува спротивното: Режис Дебре, ученикот на стариот марксист Луј Алтијуер беше стана професор по филозофија во Хавана под Кастро и четуваше со Че Гевара во Боливија, Сартр и Симон беа нескриени фанови на Кастро и Че Гевара и дирекни учесници во протестите 68-ма заедно со Мишел Фуко. Сартр го прогласи Че Гевара за најсовреното човечко суштество на нашето време. Андре Глјукснам (André Glucksmann) и Bernard-Henri Lévy пред да ја станат дел од nouveaux philosophes беа ортодоксни марксисти, Жан Клод Пасерон (Jean-Claude Passeron) 68-ма го основаше 8-миот Париски Универзитет како одговор на политичко-академските барања на студентите. Пјер Бурдје кој до пред некоја година беше новиот Сартр на фронтот против “неолиберализмот”, Кожев, Лефевр, Жак Рансиер и др. беа клучни фугири за движењето Социјализам или варварство. Делез беше дел од  8-миот Париски, Дерида беше дел од Tel Quel – маоистичката авангардна група. (71-ва и Кристева, и Ролан Барт патуваа во Кина во организација на Комунистичката партија на Кина), Лиотар беше активен троцкист и посветен 68-маш, исто како и Пол Вирилио. Бодријар од Paris Nanterre University каде предаваше ги испраќаше студентите низ Париските улици.

Aron_-_Opium_of_the_IntellectualsСо други зборови, токму онака како што тоа го стипулира францускиот либерален филозоф Рејмонд Арон (Raymond Aron) во култната студија The Opium of the Intellectuals[49] од 1950, француската интелектуална сцена е заводливо опиена од месијанскиот маркисизам и неговата политичка програма, по што, не само што ги подвргнуваат под жестока критика капитализмот и демократијата, не само што симултано ги бранат марксистичките опресии, нивните форми на сурова нетолеранција и репресија, туку, таа политичка агенда, мораже да подразбере и еден намерен изведбен опскурен “филозофски” дискурс. Дискурс кој поради својата политичка или еманципациска интенција, создаваше восхит, фасцинација и популарност француските интелектуалци. А фасцинацијата и популарноста, и денес се несомнена политичка логистика и ресур за секакви  форми на општествен активизам.

Некој теоретичари одат и чекор подалеку. Хелен Плукрос (Helen Pluckrose) во неодамнешната статија од 27 март 2017 насловена како: How French “Intellectuals” Ruined the West: Postmodernism and Its Impact, Explained Culture заклучува дека  француската постмодерна, со поткопувањето на политичките универзалии на либералниот хуманизам, е одговорна за унижувањето на човековите права денес, за поткопувањето на кредибилитетот на левицата во САД и враќањето во ирационалната и трибијлна (племенска) пред модерна култура.[50]

Заклучок

Денес, кога веќе постмодерната ја нема истата заводливост као пред 20 – сетина години и кога политичкиот контекст е сосема друг, можеме слободно да го поставиме прашањето за цената која филозофија ја плати за својот терминолошки гламур и стил? Постмодерната филозофска култура и нејзината јазична акробатика прогласи победа:  на сликата над ставарноста, на површината над длабочината, на стилот над содржината, на означителот над означеното, на она што реферира над она за кое се реферира, на ризомот над коренот, на хетерогенијата над систематската редуктивност, на диференцијалниот плурал над структуралните сингуларитети, на дисперзијата над телеологијата, и на нај на крај, на текстот над животот. Внатре оваа прадигма на постмодерната, воочуваме само една константна, повторлива и определувачка семиургија, поточно мобилизација и реконфигурација на сите можни знакови во една бесконечна комбинација која носи мултипликациски ефекти. Поради оваа неминовност, постмодернизамот се сосредоточи на јазикот и неговите мултипликациски кодови и резови. Консеквентноста на оваа позиција води кон постструктуралистичката поставка дека целиот свет е само еден текст, а стварноста е само производ на дискурсот.

Цената која ја плати филозофијата на опскуризмот беше токму оваа текстуализација на светот. Тука неминовно ни се наметна граничното филозофско прашање за приматот или првественоста на текстот над говорот или обратно. Поточно, која култура претходи; дали орално-акустичната култура (ГОВОРОТ) претходи и е услов за визуелно-линеарната култура (ТЕКСТОТ) или спротивно визуелно-линеарната култура ја генерира и условива орално-акустичната култура!?

Се сеќаваме на Платоновиот Федар и судбинското проколнување на писмото и семиургијата како погубна за човештвото низ Сократовата:

…овој пронајдок [писмото, визуелно линеарната култура] ќе создаде заборав во душите на оние кој учат, бидејќи веќе нема со помнењето да се служат, па ќе веруваат на надворешните пишани знакови, а сами воопшто нема да можат да се сеќавааат.

 Семиургијата на посмодерната, како и текстуализацијата на светот претставува само една самодоволна metaphorike tehne или конфигурациска разиграност на семионите. Таквата разиграност на знаците во линерната култура го одвлекува, го одалечува означувачот од означеното до граници на самоукунување, неразбирање и тотална некумуникабилност. Филозфскиот текст станува комплетно нереференцијален и нерепрезентативен. Едноставно, чиста хипертекстуализација. Можеби и затоа, Сократ не сакаше да пишува. Метафизиката на присуството низ моменталноста на логосот/говорот на орално-акустичната култура му дава мерафизичка подлошка и на самиот свет врзувајќи го присуството и врзувајќи го за смислата, едновремено недозволивајќи негово текстуализирање, а со самото тоа отсутствено самоукинување кое води кон создавањето на ултимативниот филозофски симулакрум. Филозофија – која-не-е.

Затоа е време е да се извика: назад кон модерната. Во одбрана на смислата и присуството од пантекстуализамот на Дерида и презирот кон очигледното. Назад кон метафизичката акустика на филозофскиот логос и неговата нормативна ригорозност.

Референи

Aron, R. The Opium of the Intellectuals, New York: Norton, 1955.

Austin J.L.  How to do Things with Words, Cambridge: Harvard University Pres, 1975.

Badiou, A. “The Adventures of French Philosophy”,  New Left Review 35 2001: 71

Baudrillard, J.  The Gulf War Did Not Take Place, Bloomington: Indiana University Press, 1995.

Белон, К. и К. Мино “Говорни акти” во: Комуникација, Скопје: Логос-А, 2004, 87-121.

Bugarski, R. Uvod u opštu lingvistiku, Beograd: Čigoja štampa, 1996.

Dawkin, R.  “Postmodernism disrobed”. Nature, 9 July 1998, vol. 394, pp. 141-143.

Derrida, J. “Signature Event Context”, Glyph, I, pp. 172-197.

__________ Limited, Inc. Evanston, IL:  Northwestern University Press, 1988.

Guattari,  Pierre-Félix, Chaosmosis: an Ethico-Aesthetic Paradigm, Bloomington: Indiana University Press, 1995.

Gutting, G. Thinking the Impossible: French Philosophy Since 1960, Oxford: Oxford University Press, 2011.

Halion, K.  Deconstruction and Speech Act Theory: A Defence of the Distinction between Normal and Parasitic Speech Acts. (PhD dissertation) < http://www.e-anglais.com/thesis.html&gt;

Hazareesingh, S. How the French Think: An Affectionate Portrait of an Intellectual People. New York: Basic Books, 2015.

Караџов, Б. ‘Молчеливците на Рорти и аферата “Сокал”: кон вердиктичките корени на непомирливоста меѓу континенталната и аналитичката филозофија’. Зборник на текстови: Филозофијата на крстопат: Аналитичка или континентална филозофија. Филозофски факултет, Скопје, (2013) : 125-133.

Kristeva, J.  Desire in Language: A Semiotic Approach to Literature and Art, Oxford: Blackwell, 1980.

Ќулавкова, К.  Сакралната функција на јазикот, книжевноста и Библијата во контекст на романот Време на чуда на Борислав Пекиќ, научен реферат приложен на Конференцијата Библијата и книжевноста во организација на МАНУ и Институтот за вера и култура, Скопје (20-21.04.2017)

Lacan, L. The Subversion the Subject and the Dialectic of Desire in the Freudian Unconscious, in: Ecrits: A Selection, New York, Norton, 1977.

Irigary, L.  Sexes and Genealogies, New York: Columbia University Press, 1993.

Pluckrose, H.  “How French “Intellectuals” Ruined the West: Postmodernism and Its Impact, Explained” Culture, 27 март 2017 <https://areomagazine.com/2017/03/27/how-french-intellectuals-ruined-the-west-postmodernism-and-its-impact-explained/&gt;

Serl, Dž. Govorni činovi: ogled iz filozofije jezika, Beograd: Nolit, 1991.

Searle J. “Reiterating the Differences: A Reply to Derrida”, Glyph, I, 1977, pp.172-208.

__________ “The Word Turned Upside Down”, The New York Review of Books, On Deconstruction: Theory and Criticism after Structuralism by Jonathan Culler, OCTOBER 27, 1983 ISSUE, рецензијата е достапна на следниов линк < http://www.nybooks.com/articles/1983/10/27/the-word-turned-upside-down/ >

__________ The Construction of Social Reality, New York: The Free Press, 1995.

__________ Reality Principles: An Interview with John R. Searle, Reason Magazine, Steven R. Postrel & Edward Feser from the February 2000 issue. Интервјуто е достапно на следниов линк <http://reason.com/archives/2000/02/01/reality-principles-an-intervie&gt;

__________“Rationality and Realism, What is at Stake?”, Daedalus, (1993) : 55-83;

__________“Literary Theory and its Discontents”, New Literary History 25: 637-667;

__________“Postmodernism and Truth”, TWP BE: a journal of ideas 13, (1998): 85-87.

Sokal, A. and J. Bricmont, Fashionable Nonsense: Postmodern Intellectuals’ Abuse of Science, New York: Picador, 1998.

___________ Transgressing the Boundaries: Towards a Transformative Hermeneutics of Quantum Gravity, in: Fashionable Nonsense: Postmodern Intellectuals’ Abuse of Science, New York: Picador, 1998, pp. 212-258.

Soring, K. i C. Penzinger, “Pragmalingvistika” u: Uvod u lingvistiku, ­(prir. Zrinjka Golovacki – Bernardi), Zagreb: Školska knjiga, 2001, 217-234.

Smith,  B. and others, The Times (London). Saturday, May 9, 1992. Писмото е достапно на следниов линк: < http://ontology.buffalo.edu/smith/varia/Derrida_Letter.htm&gt;

Шопенхауер, А.  Етика, Скопје: Култура, 1998.  

.

[1] Артур Шопенхауер во Предговорот за Двата основни проблеми на етиката, објавена во Р. Македонија како Артур Шопенхауер, Етика, Култура, 1998, 21.   

[2] Краток извадок од предавањето на Џон С’рл е достапно на следниов линк на You Tube платформата за споделување аудио и видео содржини: <https://www.youtube.com/watch?v=yvwhEIhv3N0&gt;

[3] Ibid.

[4] Подетално за непомирливоста на аналитичката и  континенталната филозофија видете во научната студија: Бошко Караџов, ‘Молчеливците на Рорти и аферата “Сокал”: кон вердиктичките корени на непомирливоста меѓу континенталната и аналитичката филозофија’. Зборник на текстови: Филозофијата на крстопат: Аналитичка или континентална филозофија. Филозофски факултет, Скопје, (2013) : 125-133.

[5] Иако С’рл беше уверен дека би било голема грешка пишувањата на Дерида за Џон Л. Остин да се сметаат за конфронтација помеѓу проминентни филозофски традиции, сепак не можеме да ја пренабрегнеме улогата на Дерида во поставувањето на основите на т.н. континенталното филозофско идејно течение

[6] Во нашето истражување користено е следново издание: J.L.Austin,. How to do Things with Words, Harvard University Pres, Cambridge, 1975.

[7] Jacques Derrida, “Signature Event Context”, Glyph, I, pp. 172-197.

[8] John Searle, “Reiterating the Differences: A Reply to Derrida”, Glyph, I, 1977, pp.172-208.

[9] Jacques Derrida, Limited, Inc. Evanston, IL:  Northwestern University Press, 1988.

[10] John Searle, “The Word Turned Upside Down”, The New York Review of Books, On Deconstruction: Theory and Criticism after Structuralism by Jonathan Culler, OCTOBER 27, 1983 ISSUE, рецензијата е достапна на следниов линк < http://www.nybooks.com/articles/1983/10/27/the-word-turned-upside-down/ >

[11] Jacques Derrida, “Afterwords” in Limited, Inc, op. cit.

[12] John Searle, The Construction of Social Reality, New York: The Free Press, 1995.

[13] Reality Principles: An Interview with John R. Searle, Reason Magazine, Steven R. Postrel & Edward Feser from the February 2000 issue. Интервјуто е достапно на следниов линк <http://reason.com/archives/2000/02/01/reality-principles-an-intervie&gt;

[14] Дополнително видете и споредете: John Searle, “Rationality and Realism, What is at Stake ?”, Daedalus, (1993) : 55-83; “Literary Theory and its Discontents”, New Literary History 25 : 637-667; “Postmodernism and Truth”, TWP BE: a journal of ideas 13, (1998) : 85-87.

[15] Оваа интерпретативна позиција може да се воочи во следниве студии кои во македонската наука за јазикот имаат пропедевтичко важење: Ranko Bugarski, Uvod u opštu lingvistiku, Beograd: Čigoja štampa, 1996; Кристијан Белон и Ксавиер Мино, “Говорни акти” во: Комуникација, Скопје, Логос-А, 2004, 87-121; Karal Soring i Christine Penzinger, “Pragmalingvistika” u: Uvod u lingvistiku, ­(prir. Zrinjka Golovacki – Bernardi), Zagreb: Školska knjiga, 2001, 217-234.

[16] Аудио записот од С’рловото сеќавање за мислењето на професорот Остин за Витгенштајн, снимен при курсот на С’рл Philosophy 133 одржан есента 2010 на  UC Berkeley може да се слушне на следниов линк:  < https://www.youtube.com/watch?v=-9BXHqiosnI >

[17] Во овој контекст С‘рл го назначува познатиот пример во исказот “Мачката лежи на рогужината” кој може да го загуби вистинитосното значење на пример во говорна околност во бестежинска ситуација каде горе и доле воопшто немаат никакво важење.

[18] Serl, Džon. Govorni činovi: ogled iz filozofije jezika, Beograd: Nolit, 1991.

[19] Во македонската наука за литературата, поточно во студијата Сакралната функција на јазикот, книжевноста и Библијата во контекст на романот Време на чуда на Борислав Пекиќ од акад. К. Ќулавкова може нагледно да се воочи експликацискиот капацитет и широкиот апликативен опсег на теоријата за говорните чинови како епистемолошки образец употребена за одгатнување на сакралната функција на литературните дела и нивните чинотворна и светотворна димензија. Споредете; Катица Ќулавкова, Сакралната функција на јазикот, книжевноста и Библијата во контекст на романот Време на чуда на Борислав Пекиќ, научен реферат приложен на Конференцијата Библијата и книжевноста во организација на МАНУ и Институтот за вера и култура, Скопје (20-21.04.2017)

[20] Во оваа студија, за Остиновото “proposition” користиме “исказ”, а за неговиот термин “utterance”, преведуваме со поимот “изрекување”.

[21] Овој вид на искази се сметаа за суштински дел од филозофијата и наука, па во рамките на раната логичко позитивистичка традиција, сите искази кои не одговараа на оваа форма се отфрлаа како псевдо-искази

[22] Во теријата на Остин најважно место има т.н. исказ – перформатив. Перформативот е исказ кои директно влијае на вон јазичната реалност. Изгледа како суд, граматички се одредува како декларативна реченица, а при тоа, ниту е бесмислен, но ниту е вистинит или лажен. Негов опозит е констативот. Тој е исказ во кои нешто се тврди или одредкува и може да биде вистинит или лажен.  Говорниот чин не е чин на говорење, туку комуникациска активност (локуциски чин) кои се дефинира на основа на намерите на говорникот при говорот (илокуциона моќ на неговиот исказ) и дејствата или ефектите кои тој ги предизвикува кај слушателот (перлокуциски ефект на исказот).

[23] J.L.Austin, How to do Things with Words, op. cit., 15.

[24] Најчесто се говори за пет видови говорни чинови: декларативни, репрезентативни, експресивни, директивни и комисивни. Декларативниот говорен чин е оној кој на некој начин ја менува реалноста и влијае на неа низ самиот искза. За да имаат смисла овие искази, или да имаат важечка функција, потребно е да бидат задоволени одредени услови т.е. услови на соодветноста (прикладност). Или говорникот да има посебна улога во посебен контекст. На пример декларативен говорен чин имаме во исказот: Во името на Народот, Ве прогласувам за крив кој како исказ би имал смисла само ако го изрекува судија во судска постапка. Репрезентативни се оние говорни чинови во кои говорникот изразува свое уверувања и сознанија за светот и стварите кои го опкружуваат. (Земјата е округла, Самовили не постојат и сл.). Експресивни говорни чинови се оние во кои говорникот изнесува чувства и психолошки состојби. Директивите се говорни чинови кој говорникот ги ползува за да го натера слушателот, примора и одоброволи да направи нешто. Тие јасно покажуваат што говорникот сака., а можат да бидат: команди, барања, наредби, сугестии и сл. Комисивни говорни чинови се оние во кои говорникот ги користи за да се обврзе на некое дејство во иднина. Го означуваат она што говорникот планира да го направи. Тоа се најчесто: ветувања, заклетви, закани и сл.

[25] J.L.Austin, How to do Things with Words, op. cit., 25.

[26]  Во How to Do Things with Words Остин го употребува придавскиот пар happy/unhappy. Иако, навидум лесно би се превело со среќно/несреќно, сепак, во склад со неговата теорија, далеку подобро е послободниот превод со парот успешно/неуспешно. Од друга страна, за т.н. неуспешен перформатив Остин го користи англискиот збор Infelicity кој на македонски би се превел како: несреќа, неумесност, неподесеност и сл. Но, за infelicities во контекст на перформативите, подобар превод е неуспешни говорни чинови.

[27] J.L.Austin, How to do Things with Words, op. cit., 26.

[28] Jacques Derrida, “Signature Event Context”, op. cit., 9-10.

[29] Ibid.

[30] John Searle, “Reiterating the Differences: A Reply to Derrida”, op. cit., pp.204-205.

[31] Ibid., p.206.

[32] From Professor Barry Smith and others, The Times (London). Saturday, May 9, 1992. Писмото е достапно на следниов линк: < http://ontology.buffalo.edu/smith/varia/Derrida_Letter.htm&gt;

[33] Jacques Lacan, The Subversion the Subject and the Dialectic of Desire in the Freudian Unconscious, in: Ecrits: A Selection, New York, Norton, 1977, pp.316-317.

[34] Видете; Julia Kristeva, Desire in Language: A Semiotic Approach to Literature and Art, Oxford, Blackwell, 1980. Pp.151-153.

[35] Видете; Luce Irigary, Sexes and Genealogies, New York, Columbia University Press, 1993. pp. 204-205.

[36] Jean Baudrillard, The Gulf War Did Not Take Place, Bloomington: Indiana University Press, 1995.

[37] Pierre-Félix Guattari, Chaosmosis: an Ethico-Aesthetic Paradigm, Bloomington, Indiana University Press, 1995, p. 50-52.

[38] Генераторот мже да се тестира на следниов линк: < http://www.cs.monash.edu.au/cgi-bin/postmodern&gt; Р. Донкис во текстот Postmodernisam Disrobded го тестира генераторот и го добива прилично симпатична бессмислена пишуванка; споредете и видете; Richard Dawkin,  Postmodernism disrobed, Nature, 9 July 1998, vol. 394, pp. 141-143.

[39] Р. Докинс во текстот Postmodernisam Disrobded го тестира генераторот и го доби овој фрагмент; споредете и видете; Richard Dawkins, “Postmodernism disrobed”, Nature, 9 July 1998, vol. 394, pp. 141-143.

[40] Alan Sokal and Jean Bricmont, Fashionable Nonsense: Postmodern Intellectuals’ Abuse of Science, New York, Picador, 1998.

[41] Станува збор за Аферата “Сокал” (Sokal affair или во одредени студии и on line извори може да се сретне какоSokal hoax) или марифетлакот на професорот по физика Алeн Сокал (Alan Sokal) од New York – шкиот Универзитетот кој во 1996 – та година стана планетарно познат со тоа што протна и објави научно – истражувачка студија во најреномираното и највлијателно академското списание за постмодерна теорија и постмодерни студии на културата Social Text – студија која беше комплетна измислица и бесмислица, но темелно совмесна на идеолошкото предубедување на журналот. Имено, Сокал вознемирен од постмодерниот третман на научното познание со теоретските и вредносни стојалишта дека тоа е само општествена конструкција, лингвистичка разиграност, наратив кој треба да се надмине или јазична сообразба која нема специјален однос со стварноста, туку со општествените и идеолошките норми на кои од секогаш се покорувало, се одлучи да направи една проверка на интелектуалната ригорозност на редакцискиот одбор на списанието кој го сочинуваа најзначајните претставници на филозофскиот постмодернизам. Неговиот тест се состоеше во прашањето: дали списанието ќе објави “научна” и “академска” измислена бесмислица (читај; глупости) ако и само ако таа е ерудитивно накитена, идејно совмесна на предубедувањата на постмодерностите и доаѓа од природонаучната академска заедница!? Во името на својата задача, Сокал срочи една “истражувачка” псевдо–статија со наслов Transgressing the Boundaries: Towards a Transformative Hermeneutics of Quantum Gravity  (Пречекорување на границите: кон трансформативната херменевтика на квантната гравитација) во која, совмесно на идеологијата на списанието, тврдеше дека теоријата за гравитацијата е општествена и јазична конструкција, а сето тоа гo накити со оранаменти од лажни и измислени цитати, сервилни референции, комплетни глупости и неодредености, цитати од авторитетите на предубедувањето и соодветен дискурзивен жаргон и протолевичарски пастиж во идеолошко подлизуркувачки формулации. Списанието Social Text без никаков проблем го објави “истражувањето”, а Сокал во научно списание Lingua Franca ја објави измамата и опитот кој го направи со постмодернистите во статијата A Physicist Experiments With Cultural Studies (Експеримент на еден физичар со студите на културата) поткрепувајќи ги стојалиштата за “помодарските глупости” од влијателната книга на Пол Грос (Paul R. Gross) и Норман Левит (Norman Levitt) од 1994–та со наслов Higher Superstition: The Academic Left and Its Quarrels with Science, која претходеше на неговата измама, а во која на трендовскиот деконструктивизам се гледа како на содржина сочинета од луѓе кои, или малку или воопшто, не ја познаваат науката и научното познание. Следната година, Ален Сокал, заедно со Жан Брикмонт (Jean Bricmont) ја објавија култната книга Impostures Intellectuelles (Интелектуални измами) (во САД е објавена како:Fashionable Nonsense: Postmodern Intellectuals’ Abuse of Science) во која се обидоа да ја предочат неодрживоста на постмодерното развргнување на природата на научното познание.

[42] Gary Gutting, Thinking the Impossible: French Philosophy Since 1960, Oxford: Oxford University Press, 2011.

[43] Sudhir Hazareesingh, How the French Think: An Affectionate Portrait of an Intellectual People. New York, Basic Books, 2015.

[44] Alan Sokal and Jean Bricmont, op. cit., pp. 2-17.

[45] Alan Sokal and Jean Bricmont, op. cit., pp. 5-6.

[46] Gary Gutting, Thinking the Impossible: French Philosophy Since 1960, Oxford, Oxford University Press, 2011, p. 65.

[47] Ibid., pp.65-66.

[48] Alain Badiou, The Adventures of French Philosophy,  New Left Review 35 2001: 71

[49] Raymond Aron, The Opium of the Intellectuals, New York, Norton, 1955.

[50] Helen Pluckrose, How French “Intellectuals” Ruined the West: Postmodernism and Its Impact, Explained Culture, 27 март 2017 <https://areomagazine.com/2017/03/27/how-french-intellectuals-ruined-the-west-postmodernism-and-its-impact-explained/&gt;

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s